Малешевијата – домашна туристичка дестинација
Летните горештини полесно се поднесуваат надвор од урбаните средини и од вжештениот асфалт. Високите температури кои царуваат во градовите се неколкупати пониски во планинските предели каде преовладуваат шуми, зеленило, вода...
Малешевијата е еден таков предел каде пријатните температури се за неколку степени пониски од оние во градските центри, па претставува една од најубавите природни дестинации во нашата земја.
Но, не само тоа.
Малешевијата е еден од најчистите и незагадени региони во Македонија и се одликува со уникатна комбинација од речиси недопрена природа, големо културно и историско наследство, фолклор и занаетчиство и најголема концентрација на кислород во воздухот на Балканот. Пријатната клима и еколошки здравата храна го прави овој крај идеално прибежиште за одмор, гастрономско уживање, релаксација и рекреација.
Во подножјето на Малешевските Планини во областа Малешевија на надморска висина од околу 900 метри се наоѓа градот Берово, кој е најголемата природна воздушна бања кај нас. Според последните истражувања, Берово и околината располагаат со најголема концентрација на кислород во воздухот на Балканот.
Градот и околината нудат недопрена природа, во која со часови можете да шетате или да возите велосипед.
Ова е и место каде што се подготвуваат прочуените малешевски специјалитети, како беровското сирење и компир, најдобриот природен мед, познатата малешевска ракија или деликатесот – слатко од шумски плодови.
Малешевијата ја нарекуваат мала Швајцарија. Во Берово се влегува и се излегува по два регионални патни правца - преку Кочани и Виница - што сега продолжува кон градскиот премин Клепало и преку Пехчево, Делчево кон Струмица.
Статијата е прочитана 453 пати.