МАРИЛИ БИЗНИС ФОРУМ – Современа бизнис раскрсница

Агенција „Марили“ водена од мотото „заедно сме посилни“ ги обединува сите значајни фактори - надлежни институции, академска фела и реален сектор да понудат современи пристапи и сознанија за успешно справување со актуелните бизнис предизвици

 

Во сабота на 28 мај годинава агенцијата „Марили“ организира регионален Марили Бизнис Форум. Форумот ќе се одржи во „Инекс Олгица Хотел & Спа“ Охрид.

Агенција „Марили“ водена од мотото „заедно сме посилни“ ги обединува сите значајни фактори - надлежни институции, академска фела и реален сектор да понудат современи пристапи и сознанија за успешно справување со актуелните бизнис предизвици.

Марили Бизнис Форум има за цел да сподели искуства за воспоставување економски баланс во турбулентните услови во кои егзистира бизнисот во последните неколку години, од една страна, а од друга, да се понудат пристапи за јакнење на личните капацитети и вредности на индивидуите опфаќајќи различни аспекти на личниот менаџмент. Една од целите на Форумот е и да се согледа женското лидерство низ призмата на емоционалната интелигенција и да даде фокус на грижата за менталното здравје.  

 

Марили Бизнис Форумот ќе се одвива низ четири панел сесии:

 

Првата сесија е „ЕКОНОМСКИ БАЛАНС – турбулентни предизвици.

Модератор на сесијата е проф.д-р Маја Кузмановска, директор на Бизнис академија Смилевски – БАС, а учесници се Фатмир Битиќи, вицепремиер задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции и Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.

На оваа сесија ќе се говори за мерките што ги презема Владата за надминување на исклучително тешкиот период и предизвиците со кои се соочуваат компаниите, особено оние од приватниот сектор, а се последица на неколкуте последователни кризи, почнувајќи од кризата наметната од пандемијата, потоа енергетската криза и најново, воените дејствија во Украина. Соговорниците ќе се обидат да дадат одговори на неколку актуелни прашања, како на пример, дали се проектирани нови пакет мерки за периодот што следи, пред се, за ублажување на енергетскиот удар и за зауздување на инфлацијата и дали некои сектори, како аграрот и туризмот ќе бидат повластени со специјални мерки? Потоа, колку надлежните го слушаат гласот на бизнисот и ги усогласуваат мерките со потребите на реалниот сектор, каква заштита им нуди државата на приватните компании од покачување на цената на електричната енергија во наредниот период? Ќе се проговори и за битката со сивата економија и ќе се направи паралела со состојбата во регионот, а на оваа сесија ќе се проговори и за моменталната состојба во државата со учеството на жените на високи одлучувачки позиции и евентуално воведување европски загарантирани квоти за присуство на жените на менаџерски и лидерски позиции во бизнисот.

 

Втората панел сесија е насловена „ЛИЧЕН МЕНАЏМЕНТ – создавање додадена вредност

Модератор е проф.д-р Даниела Карадаков од Бизнис академија Смилевски – БАС, а нејзини соговорници ќе бидат Васка Мојсковска, сопственик и генерален менаџер на „Агро Калем“, Тимјаник и претседател на Фармерска федерација на Македонија и м-р Едита Даутовиќ, извршен директор на агенција за недвижнини „Милениум“, Подгорица, Црна Гора и претседател на Женско претприемништво на Црна Гора.

Главен акцент на оваа сесија ќе биде ставен на личниот менаџмент и можноста за развивање компетенции со чија помош ќе ги оствариме поставените цели. Ќе се зборува за личната организираност и грижата за личен развој, што претставуваат основа за постигнување успех како во приватниот, така и во деловниот живот, а учесниците ќе се обидат да одговорат дали најпрво треба да се научиме да се менаџираме себеси, па потоа да ги менаџираме другите? Бидејќи и двете соговорнички доаѓаат од светот на бизнисот, каде за да се започне и да се развива еден бизнис многу е важна поддршката, ќе се дискутира и за тоа како бизнис вмрежувањето може да влијае на виталноста на бизнисот, како да се искористи индивидуалниот капацитет и взаемнатата моќ за да се креира взаемна додадена вредност и надвор од нашите граници, но ќе се зборува и за влијанието на долгите кризи врз личниот менаџмент и која е внатрешната мотивација младите и жените од руралните, па и од урбаните средини што поседуваат претприемачки способности да се впуштат во бизнис,како и за можноста руралната жена да дојде до израз во вакви општествени, економски, политички и други околности?

 

„ЕМОЦИОНАЛЕН БАЛАНС - женско лидерство е насловена третата сесија што ќе ја модерира проф. д-р Љупчо Кеверески, редовен професор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, професор на Универзитетот во Ново место, Словенија и национален координатор на Интернационалното здружение за емоционална интелигенција со седиште во Охрид. Негови соговорници и директни улесници на овој панел ќе бидат проф.д-р Гордана Николиќ, сопственик и декан на Висока бизнис школа ПАР во Риека, Хрватска и доцент.д-р. Љиљана Крњета, претседател на Здружение „Заедно во Европа“ од Бања Лука, Босна и Херцеговина.

На овој панел проф. Кеверески ќе зборува за „Емоционалната интелигенција и женското лидерство – баланс помеѓу професијата и домот“, проф.д-р Николиќ ќе се обиде да даде одговор на темата „Што е потребно за успех во женското лидерство“, додека гостинката од БиХ, д-р. Крњета ќе ја обработи темата „Жени лидери на 21.век, носители на прогресот и на високата продуктивност во општество со забрзани промени, во науката, образованието, бизнисот“.

 

Последната, четврта панел сесија е „МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ И УБАВИНА“

Оваа сесија ќе ја води Елена Антоновска, сопственик и генерален менаџер на „Арс Луцида“ Скопје – компанија за личен развој, а нејзини соговорници на темата на која ќе се зборува за душата и телото, за личениот развој и солидарноста, ќе бидат Шемса Емшериев, сопственик и генерален менаџер на „Еуростеп“ - Скопје и носител на проектот за жени „Минерва“, Олгица Ѓоргиева, моден дизајнер и сопственик на модното студио ОГ и Огнен Јанески, новинар и уредник во ТВ24

Тука ќе се дискутира за концептот на убавината и што придонесува за убавината, за улогата на менталното здравје и како тоа се одразува на сите аспекти од животот. Акцентот ќе биде ставен на бизнисот и на жените, а учесниците ќе се обидат, секој од аспект на својата професија и личност да ги споделат сознанијата за тоа како пандемијата влијаеше на менталното здравје, за критичните точки во промената на менталното здравје во пандемиски услови, за тоа колку таквите промени влијаат на работоспособноста и како компаниите се справуваат со истите. На оваа сесија ќе се зборува и за важноста на обуките за подобрување на менталното здравје, за поврзаноста на личниот развој и менталното здравје, поврзаноста на внатрешната и надворешната убавина и за тоа колку иновациите, храброста и креативноста се важни за жената да ги задржи врвните позиции на менаџер, лидер и претприемач.

 

Како финале на Марили Бизнис Форумот на 28 мај ќе се одржи вечерната свечена манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери 2022“. Оваа година агенција „Марили“ ќе награди вкупно 20 менаџерки од Македонија и од регионот, продолжувајќи ја на тој начин долгата 26-годишна традиција на промоција и поддршка на женското менаџерство, лидерство и претприемаштво, со што им овозможува на жените од бизнисот да разменуваат идеи и искуства, да се вмрежуваат и да бидат пример за младите генерации жени што допрва влегуваат во бизнис водите и се охрабруваат да градат успешни бизнис приказни.


Статијата е прочитана 1074 пати.

Сподели: