Народната банка е темел на макроекономската стабилност, а со тоа и голема поддршка на економијата

Интервју со Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на Народна банка на Република Северна Македонија во кое зборува за моменталната добра кондиција на домашниот банкарски сектор, за мерките што ги презема централната банка за да ги ублажи последиците од неколкуте последователни кризи, за капацитетот на банкарскиот систем за финансиска поддршка на приватниот сектор, вклучително и на малите и на средните претпријатија, но и за се уште недоволната застапеност на жените на раководни позиции и придобивките што ги носи нивната поголема вклученост во носењето одлуки. Исто така, гувернерката открива и што значи да се биде на чело на институција задолжена за ценовната, но и за вкупната макроекономска стабилност на државата

 

МАРИЛИ: Што презема централната банка за да ги ублажи последиците од исцрпувачкиот период на неколку последователни кризи (пандемија, енергетска криза, воена криза)? Каква е моменталната монетарна стабилност на земјата, може ли да се забави инфлациската спирала?

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Изминативе неколку години глобалната економија, вклучително и ние, како мала и трговски зависна  економија, се соочуваме со повеќе шокови од огромни размери. Пандемијата ја парализира глобалната економска активност којашто забележа пад од 3,1%, што е двојно повисок од периодот на глобалната економска криза. Во регионот на Западен Балкан, падот беше уште поизразен ‒ просечен пад на БДП од 5,6%, што во голема мера се објаснува со структурата и високата трговска и финансиска отвореност на економиите во регионот, вклучително и нашата.

Несомнено, последиците врз економијата ќе беа поголеми и подолготрајни доколку немаше силна реакција на носителите на макроекономските политики, вклучително и на централните банки. Според процените на ММФ, економската загуба ќе беше повисока и до трипати.

Од почетокот на пандeмијата наваму, ние како централна банка презедовме бројни монетарни и регулаторни мерки за одржување на макроекономската стабилност и истовремено обезбедување поддршка на економијата за ублажување на последиците од кризата. Со почетокот на примената на здравствените мерки во 2020 година, имаше цели економски гранки коишто престанаа со активноста. Се јави потреба од ослободување поголема ликвидност во економијата и Народната банка преку монетарните инструменти ја овозможи оваа ликвидност. Преку намалувањето на основната каматна стапка од страна на Народната банка, и во 2020 година и на почетокот на 2021 година, се овозможи сведување на каматните стапки на кредитите на историски најниското ниво и одржување на кредитната поддршка за економијата. Исто така, беа донесени регулаторни измени со кои се овозможи привремено олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на компаниите кориснички на кредити, коишто имаа тешкотии во нивната отплата поради пандемијата. Всушност, ако се навратиме наназад низ историјата, јасно може да се заклучи дека Народната банка за првпат во континуитет водеше релаксирана монетарна политика којашто спречи раст на каматните стапки и намалување на кредитната активност, што беше случај во сите претходни кризни периоди.

Откако светот и економијата почнаа да функционираат во т.н. нова реалност, во втората половина од 2021 година дојдоа нови предизвици. Како резултат на побавното заздравување на синџирите на снабдување и геополитичките тензии, дојде до раст на цените на примарните производи и нагорно придвижување на останатите цени, како во глобални рамки, така и во домашната економија. Понатаму, на почетокот на оваа година, се соочивме со нов надворешен шок со започнувањето на војната во Украина, којшто дополнително го влоши  глобалниот економски контекст, а со тоа и ризиците за домашната економија. Притоа, во домашната економија има нагорни ценовни движења, како и во сите земји во моментов. Би рекла дека за многу кус период глобално влеговме во фаза на повисока инфлација, од онаа на која бевме научени во еден подолг временски период. Иако голем дел од инфлацијата е поврзана со нарушувања на понудата, сепак се гледа дека и кај нас, и во светот, растот на цените станува видлив кај повеќе категории производи и услуги и делува врз инфлациските очекувања. Овие ценовни движења постојано ги следиме и со оглед на околностите, како централна банка подготвени сме да реагираме заради одржување на ценовната и макроекономската стабилност.

 

МАРИЛИ: Колкави се девизните резерви и дали курсот ќе остане стабилен?

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: За економии како нашата коишто спроведуваат стратегија на стабилен девизен курс на домашната валута, од исклучително значење за успешно спроведување на стратегијата е одржување соодветно ниво на девизни резерви. Како резултат на претпазливата монетарна политика, нашите девизни резерви постојано се на ниво што овозможува стабилност на девизниот курс, што всушност е заклучено и од страна на меѓународните финансиски институции.  Покрај тоа, како резултат на регионалната иницијатива којашто ја покрена токму нашата централна банка, ЕЦБ за првпат во историјата ни одобри пристап  до девизна ликвидност, доколку имаме потреба за тоа.

Имајќи го предвид нивото на девизни резерви коешто се одржува на историски високо ниво, како и мноштвото други инструменти коишто ги имаме на располагање, не треба да постои никаква грижа за стабилноста на девизниот курс. За жал и во текот на ова криза, како и во претходните, се соочивме со бројни шпекулации чии штетни последици ги трпиме сите. Во овој  контекст се зголеми побарувачката за девизи и се врши конверзија од денарски во девизни заштеди, што значи непотребни трошоци за граѓаните. Заради ваквите трендови, ги засиливме контролите кај менувачниците, а притоа донесовме и измени во регулативата на менувачкиот пазар, со што создадовме простор за непречено задоволување на потребите на граѓаните за девизи и на овој сегмент на девизниот пазар. Но, исто така, донесовме и одлука за измени кај инструментот задолжителната резерва со којашто им даваме сигнал на банките да направат измени кај каматната политика заради нудење поповолни камати за штедењето во денари.

 

Низ годините, централната банка успешно ја бранеше стабилноста на денарот пред големи и тешки предизвици и успеа во својата цел. Не треба да има каква било дилема за нашиот капацитет и  понатаму да ја браниме стабилноста на домашната валута.  

 

МАРИЛИ Какви се можностите за корпоративно кредитирање, со оглед на големата исцрпеност на компаниите како последица на кризите, поради што тие имаат поголема потреба од дополнителни финансии? Ова е особно изразено кај малите и средните компании каде што е и најмногу сконцентирано женското претприемаштво!

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Банкарскиот систем обезбедува солидна поддршка во целиот пандемичен период. Kредитниот раст воопшто не забави, како што се случувало во претходни кризни епизоди. Напротив, тој умерено забрза. Tочно е дека на почетокот кредитната поддршка беше повеќе насочена кон населението, а помалку кон корпоративниот сектор, меѓутоа од втората половина на минатата година се забележува поголема поддршка и на корпоративниот сектор. Во 2021 година, на годишна основа, ако вкупниот кредитен раст е околу 8%, растот кај корпоративниот сектор е повисок и изнесува 9%. Податоците од почетокот на оваа година покажуваат продолжување на овие трендови, со годишен раст на кредитирањето на корпоративниот сектор за 9% во јануари, односно 10% во февруари 2022 година. 

Она што е особено позитивна страна во овие тешки околности е добрата кондиција на домашниот банкарски сектор, што е предуслов за натамошна поддршка на економијата. Најновите податоци за состојбата во банкарскиот систем говорат дека неговиот капацитет и натаму јакне и сега дури е подобар во споредба со преткризниот период. Податоците за февруари покажуваат годишен раст на депозитната база од 6,1%, со повисок раст на депозитите на корпоративниот во однос на секторот „домаќинства“. Адекватноста на капиталот изнесува 17,3%, што е повисоко ниво во однос на преткризното ниво и е една од највисоките стапки што сме ги имале воопшто во последните десетина години. Ликвидноста е на солидно ниво, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупното кредитно портфолио умерено се намалуваше во текот на овој кризен период и сега изнесува 3,2%. Сето ова упатува дека банкарскиот систем има соодветен капацитет за натамошна солидна финансиска поддршка на приватниот сектор, вклучително и на малите и на средните претпријатија.

 

МАРИЛИ: Вие сте долги години во Народната банка и минавте низ многу нивоа на развој. Имате богато искуство и во ММФ... Дали тоа денес, во вакви кризни состојби, Ве прави посигурна и поодлучна во мерките што ги преземате?

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Одговорноста е огромна, но огромна е и честа да се биде на чело на институција задолжена за ценовната, но и за вкупната макроекономска стабилност. Исклучително важни се знаењето, искуството, поседувањето вештини за управување и организација, како и добар тим професионалци.

Како што споменавте, пред да дојдам на местото гувернер на Народната банка, изодев долг кариерен пат, којшто вклучува многу одговорни позиции. Горда сум и благодарна што имав можност да бидам дел од успешни и професионални тимови, коишто биле носители на бројни реформи во нашето општество. Ќе истакнам еден пример, којшто мене ми е особено драг ‒ големата реформа на системот на јавни финансии на почетокот на нашата транзиција, односно воспоставувањето на трезорскиот систем којшто беше посочуван како еден од најдобрите примери во регионот од страна на меѓународните финансиски институции.

Низ професионалната кариера, сум раководела и сум била дел од тимови коишто работеле на решенија за справување со големи економски шокови за нашата економија. На пример, глобалната економска криза во 2008 година, воениот конфликт во 2001 година, коишто имаа значителни последици за нашата економија. Глобалната криза предизвикана од пандемијата е криза од невидени размери. Сепак, би посочила дека благодарение на брзата и силна реакција на нашата централна банка, се придонесе во голема мера за ублажување на последиците за нашата економија, што беше јасно потврдено и од меѓународните финансиски институции.

Моето богато искуство во повеќе домашни и меѓународни финансиски институции, како и искуството на моите колеги, несомнено е од непроценлива вредност при носењето на одлуките за справување со шоковите. Професионалниот пристап и големата посветеност на целиот тим низ годините е во основата на успешното справување со сите предизвици и одржувањето на макроекономската стабилност. 

МАРИЛИ: Застапеноста на жените на раководни позиции е сѐ уште на незадоволително ниво кај нас. Дали евентуална поголема вклученост на жените во општеството и во носењето одлуки (и политички и економски) носи и одредени придобивки и какви би биле тие?

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Во глобални рамки, пандемијата ни покажа многу добри примери на жени лидери коишто успешно се справуваа со ситуацијата и дадоа енергичен одговор за ублажување на последиците. Сепак, реалноста е дека на глобално ниво застапеноста на жените на врвни позиции во јавниот и приватниот сектор и натаму е далеку пониска од онаа на мажите. Според последниот Извештај за родова еднаквост во јавната администрација (GEPA), иако во многу земји е постигнат напредок во однос на застапеноста на жените во јавните функции, тие се сè уште значително помалубројни од мажите. Во просек, жените учествуваат со само 31 отсто во врвните лидерски позиции и сочинуваат 30 отсто од високите раководни позиции во јавниот сектор.

И во нашата земја ситуацијата не е поразлична, односно мажите предничат кај лидерските и менаџерските позиции. Би кажала, исклучок е Народната банка, каде што учеството на жените е околу 70% во раководните структури на сите нивоа на организацијата ‒ оперативно, тактично и стратегиско. Покрај гувернерка, во Народната банка, од тројца вицегувернери, две се вицегувернерки, кои се врвни професионалки и се исклучително важен дел од тимот.

Зошто жените можат да дадат значителен придонес во квалитетното раководење со институциите и организациите? – Одредени истражувања укажуваат дека жените се одликуваат со посебни карактерни особени како прагматичност, одбивност кон ризик, поголема темелност, што придонесуваат за носење пооптимални одлуки во процесот на стратегиското одлучување. Поконкртено, во однос на централнобанкарско работење, се смета дека поголемата вклученост на жените во одлуките во монетарната политика придонесува за поголема ценовна стабилност, токму поради аналитичноста и претпазливоста при носењето одлуки.

Накусо, поголемата вклученост на жените, како на раководните позиции, така и во економијата воопшто, носи бројни придобивки. Тука има огромен потенцијал во глобални рамки којшто за жал сѐ уште не е искористен во полза на економскиот раст.

 

МАРИЛИ Како жена што е на лидерска позиција, кажете ни што е, според Вас пресудно за да се напредува во кариерата, образованието, личните карактеристики, умешноста да се освојуваат современи вештини за личен развој, поддршка од семејството, поддршка и мотивација од работниот тим...?

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Важно е пред сѐ жените да веруваат во себе. Некако, постојано се докажува дека самодовербата и амбициите се на страната на мажите. Затоа е важно при градењето на кариерата и местото во општеството, жените да тргнат од ова стојалиште ‒ да веруваат во себе. Понатаму, треба да ги зацврстат темелите на кои ја градат вербата ‒ тоа е знаењето и вештините. Многу убава изрека има народот: „учиме додека сме живи“. Живееме во време на нови технологии, нови знаења, нови професии. Светот се менува толку брзо, но истовремено станува подостапен поради брзината со која патуваат информациите и поврзувањето. На овие промени треба да се гледа како на можност, а не како на закана.

Понатаму, добриот тим на професионалци е важен интегрален дел од успехот на секоја институција. Ме радува што Народната банка со години наназад вложува во својот институционален капацитет којшто овозможува постојано унапредување на нашето работење во согласност со највисоките европските стандарди. Потврда за ова, на пример, е неодамнешната одлука на Европската комисија која што нé стави на листата со само уште 26 држави во светот, чијашто банкарска регулатива и супервизија ги исполнува европските стандарди.

Семејството, исто така, е значаен составен дел од мозаикот. Доколку постои разбирање и поддршка од вашите најблиски, тоа може значително да го забрза кариерниот развој. Нема дилема дека безрезервната поддршка од страна на моето семејството е еден од клучните фактори за моите професионални достигнувања. 


Статијата е прочитана 897 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско