Владата донесе 26 мерки за заштита на животниот стандард и за ликвидност на компаниите

Владата, со цел полесно справување со енергетската и на ценовната криза на вчерашната седница донесе 26 мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите, како и мерки за финансиска поддршка на деловните субјекти преку Развојната банка.

Овие пакет мерки опфаќаат:

1. Намалување на повластената стапка на ДДВ за основни производи за човечка исхрана од 5 на 0 %, и тоа од април до јуни;

2. Замрзнување на трговските маржи на основните производи за човечка исхрана;

3. Субвенции/ваучери за најранливите категории граѓани за основни производи за исхрана (по 1.000 денари за 3 месеци за 35.000 корисници), односно 105 милиони денари од Министерството за труд и социјална политика;

4. Автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини што имаат царински давачки од сите земји, односно укинување на царинските стапки за овие производи и зголемување на квотите;

5. Продолжување на примената на повластена даночната стапка од 5 % за прометот со електричната енергија кон домаќинствата до крајот на годината наместо до 1 јули;

6. Препорака за менување на методологијата за утврдување цена за домаќинства и мали потрошувачи што се на регулираниот пазар за електрична енергија, што од 1 јули ќе почне со примена;

7. Продолжување на програмата за енергетска сиромаштија до јули 2022 година;

8. Субвенции за пензионерите (по 1.000 денари за 3 месеци за 326.840 пензионери);

9. Продолжува субвенционирањето на цената на електрична енергија на регулираниот пазар за домаќинствата и за малите потрошувачи до јуни 2022 година;

10. Субвенционирање на цената на топлинска енергија;

11. Финансирање на проектите за енергетска ефикасност за општините преку користење поволен кредит од Светската банка спроведен од Министерството за финансии за намалување на потрошувачката енергија во јавните објекти;

12. Поедноставување на постапката за поставување сончеви панели на објекти;

13. Препорака за менување на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа, која ќе важи од март до јуни;

14. Одложување на воведувањето на зелените давачки за деривати, односно еколошката такса за енергентите;

15. Намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергентите: безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, со што се намалува цената на овие горива;

16. Намалување на акциза врз основа на берзанските цени, за ублажување на влијанието на цените на берзата, со што ќе има директно влијание врз цената на горивата на бензинските пумпи;

17. Ослободување од ДДВ при увоз на електрична енергија да не се плати при увозот, туку во прометот;

18. Препорака за општините да го реорганизираат јавниот превоз да биде достапен во корист на сите граѓани;

Мерките за финансиска поддршка на деловните субјекти преку Развојната банка на Северна Македонија вклучуваат:

19. Субвенционирање договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти, кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година;

20. Финансиска поддршка преку директно кредитирање од Развојната банка на Северна Македонија на компаниите;

21. Кредитирање преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства;

22. Користење на Гарантниот фонд на Развојната банка;

23. Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија;

24. Се воведува нова поволна кредитна линија со поддршка на Европската инвестициона банка за зелена транзиција вредна 100 милиони евра;

25. Поволни кредити за зелено финансирање, обезбедени преку Европската банка за обнова и развој, преку УНДП и комерцијалните банки во земјата во висина од 45 милиони евра за физички и правни лица за инсталирање фотоволтаици и средства за енергетска ефикасност;

26. Препорака за рационално користење и штедење на електричната енергија и на другите енергенти со сет активности за спроведување на мерката.

За да се обезбеди законската основа за дел од мерките Владата ги утврди измените и дополнувањата на Законот за акцизите и на Законот за данокот на додадената вредност по скратена постапка, кои ќе бидат испратени на усвојување во Собранието.

 


Статијата е прочитана 312 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско