Наместо замрзнатите цени ќе се ограничува маржата за основните производи
Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска истакна дека од 1 март повеќе нема да има замрзнати цени, но ќе се ограничи маржата на трговците, односно ќе има одмрзнување на производните маржи на странските производи увезени во трговијата, главно на основните прехранбени производи.
Бектеши на прес конференција во Владата за стратегијата за паметна специјализација за економски развој, одговарајќи на новниарско прашање рече дека во тек се анализи во Секторот за трговија при Министерството за економија, а во соработка со другите економски ресори во Владата и оти наскоро ќе се излезе со конечна одлука.
„Оваа недела и наредната недела ќе имаме директни средби со сите засегнати страни, посебно со производителите и трговците со прехранбени производи за оние производи кои се наведени во одлуката за замрзнување на цените, за да најдеме начин да нема поскапување на цените. Најверојатно ќе се оди со дефинирање на одредени маржи и во трговијата на мало и во трговијата на големо, имајќи во предвид дека во делот на производите што ги произведуваме дома, секако може да се интервенира. Но, забележавме дека производите кои што се увезуваат во нашата земја, кај нив има поголемо зголемување на цените и затоа најверојатно ќе се оди со опцијата на определување на маржите“, рече Бектеши.
Претходно министерот најави дека маржата ќе може да се фиксира така што ќе се следат фактурите на трговците доставени при увоз до Царинската управа и ќе се следи синџирот на набавка до самите маркети, а таа нема да може да биде поголема од 5 отсто.
На крајот на минатиот месец Владата ја продолжи одлуката со која се определуваат највисоки цени на основните прехранбени производи: леб, шеќер, брашно - тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и од 3,5 %, свежо месо и сувомесни производи, сирење и урда, ориз, јајца и тестенини. Со оваа одлука највисоките цени на овие производи остануваат на нивото на редовните цени што се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на големо и во трговијата на мало.
Статијата е прочитана 582 пати.