Личниот менаџмент е нешто на што секој поединец треба постојано да работи

Интервју со д-р Даниела Карадаков, професор на Бизнис академија Смилевски – БАС во кое зборува за визијата и мисијата на високата стручна школа што повеќе од 13 години вложува во едуцирање на професионални менаџери, за тоа што значи едукацијата во областа на личниот менаџмент, за двете вредни дела „Личен менаџмент“ и „Практикум по личен менаџмент“ чии автори се таа и нејзината колешка, проф. д-р Гордана Тасевска, за менаџирањето во услови на кризна состојба, како и за планирањето на иднината на сопствениот личен развој

 

МАРИЛИ: Што претставува БАС и која е Вашата позиција во Академијата? 

КАРАДАКОВ: Бизнис академија Смилевски - БАС е висока стручна школа што повеќе од 13 години вложува во едуцирање на професионални менаџери. Искористувајќи го 30-годишното акумулирано искуство, стекнато од успешното функционирање на конзорциумот ДЕТРА Центар (обучувачко и консултантско искуство), БАС (предавачко искуство), БАС Институт за менаџмент (научноистражувачко искуство) создаваме менаџери што се подготвени за работа уште од првиот работен ден и кои умешно и успешно водат свои или веќе постојни бизниси и институции или извршуваат некои менаџерски функции. Клучна алка во остварувањето на визијата и мисијата на БАС се професорите што се експерти во својата област. Токму мојата улога, односно работна позиција во БАС е професор во наставната област менаџмент на човечки ресурси.

 

МАРИЛИ: Минатата година, заедно со Ваша колешка од БАС, издадовте две дела „Личен менаџмент“ и „Практикум  по личен менаџмент“, а во рамките на студиските програми на БАС одамна е воведен предметот Личен менаџмент. Што поточно претставува личен менаџмент, колку фокусирањето на личниот развој влијае врз современото менаџирање и каква е улогата на личниот менаџмент во водењето на фирмите, односно колку успешно некој може да менаџира компанија ако првично не се менаџира лично сам себеси? 

КАРАДАКОВ: Токму така, лани БАС ја прошири својата издавачка дејност со две вредни дела „Личен менаџмент“ и „Практикум по личен менаџмент“ чии автори сме јас и мојата колешка, проф. д-р Гордана Тасевска. Целта на овие дела е да ги поттикнеме читателите да размислуваат за себе, да умеат да ги контролираат своите мисли, чувства и постапки, да поставуваат јасни цели и да преземаат иницијатива за нивно остварување. Всушност, да станат менаџери на својот живот.

Нешто на што секој поединец треба почесто да работи е личниот менаџмент. Личната организираност и грижата за личен развој претставува основа за успех, како во приватниот, така и во професионалниот живот. Личниот менаџмент овозможува да преземеме индивидуална контрола на сопствените одлуки и начини на однесување. Тој треба да биде основа за ефективно менаџирање на другите луѓе, групи, организации или општества. Неопходно е прво да се научиме да се менаџираме себеси, а потоа да ги менаџираме другите. Треба да се фокусираме да ги препознаеме сопствените сили, а преку тоа ќе ги осознаеме и своите можности што ќе создадат посебен личен вредносен систем.

Содржините на овие дела претставуваат дел од предметната програма на предметот Личен менаџмент што е задолжителен дел од студиската програма по Бизнис менаџмент на прв циклус на студии на БАС. За БАС, учењето за личен менаџмент претставува многу важна вештина што е основа за личниот успех. Ретко некој досега во македонскиот образовен простор посветил посебно внимание на ефективното себеменаџирање. Повеќе и почесто се учи како да ги менаџираме другите. Сѐ што се стекнува во насока на личниот менаџмент вообичаено е интуитивно, а подобрувањето се прави врз основа на грешките и искуството. Токму затоа, еден од основачите на БАС, проф. д-р Цветко Смилевски го воведе овој предмет како задолжителен дел на студиските програми на БАС уште од самото негово основање.

 

МАРИЛИ: Колку имплементацијата на едукациите од областа на личниот менаџмент наоѓа примена во приватниот сектор, особено кај компаниите во чии управувачки структури има голем процент жени?

КАРАДАКОВ: За да се свртиме кон квалитетно себеменаџирање, воопшто не е важно дали сме дел од приватниот или од јавниот сектор, дали сме припадници на женскиот или на машкиот пол. Важно е дека во иднина сѐ повеќе ќе се зголемува потребата за квалитетен личен менаџмент затоа што современиот начин на работа бара лична свесност во извршувањето на задачите, поголема проактивност, јасна одговорност и себеменаџирање на своето работно место. Токму затоа, менаџерите и лидерите треба да работат на зајакнување на овие компетенции - како кај себе, така и кај своите вработени. Едукацијата во оваа област ќе овозможи секој да се сврти кон себе и своите постапки со цел подобро да се осознае. Со помош на себерефлексијата ќе открие каде е, што прави и што треба да направи, односно каква интервенција за подобрување или промена треба да преземе.

 

МАРИЛИ: Кои аспекти од личниот менаџмент се особено важни за менаџирање во услови на криза, како што е кризната состојба создадена од КОВИД-19?

КАРАДАКОВ: Кризите се составен дел од современиот свет и голем двигател на промените. За сите нас беше неочекувана глобалната криза предизвикана од брзото ширење на вирусот КОВИД-19. Покрај тоа што организациите мораа инцидентно да менуваат стратегии за полесно справување со кризата, клучен сегмент во справувањето со неочекуваниот предизвик беше и приземноста и прифаќањето на промените од секој поединец во организацијата. Тоа значи дека личниот менаџмент во овој сегмент играше многу важна улога.

Како се зголемуваат промените, така личниот менаџмент станува сѐ поважен. Бидејќи тешко е да се контролираат надворешните промени и влијанија, неопходно е да се фокусираме таму каде што можеме да влијаеме, а тоа е внатрешното опкружување и искористување на индивидуалните потенцијали. Пандемијата направи голема трансформација на односите меѓу луѓето и многу правила и протоколи го сменија начинот на живеење. Од аспект на личниот менаџмент важни се самодисциплината, самоконтролата, свесноста за сопствените и туѓите емоции, односно емпатијата, важно е прифаќањето на промените и преземање мерки за полесно и побрзо адаптирање, важна е контролата на стресот што е предизвикан најчесто од неизвесноста, важна е грижата за сопственото и колективното здравје, но, исто така, важно е учењето, односно стекнувањето нови знаења и вештини за справување со „хаосот“. Џек Велш споделил умна мисла „Контролирајте ја вашата судбина или некој друг ќе ја контролира место вас!“

 

МАРИЛИ: Во која насока ја планирате иднината на Вашиот личен развој?

КАРАДАКОВ: За мене континуираното инвестирање во себе означува прогрес, промена, движење, успех. Се трудам постојано да најдам начин како да научам нешто ново, нешто современо, пред сѐ, корисно и применливо. Активна сум на повеќе полиња, следам иновации и активно учествувам на вебинари, обуки, работилници од мојата област. Паралелно осовременувам наставни содржини, работам на развивање на креативни материјали за учење, истражувам нови наставни методи и техники со цел моето акумулирано знаење и искуство соодветно да го споделам.

Моментално работам на креирање ново дело од областа на менаџментот на човечки ресурси во кое ќе бидат опфатени сите современи функции и пристапи од оваа област. Во ова дело се внесува голема реалност од практиката и се надевам дека ќе добие голема употреблива вредност.

За во иднина пред себе имам поставено многу предизвици, дел во насока на усовршување, дел во насока на споделување. Важно е да си создадеме простор за учење и за промени, само така ќе си обезбедиме посигурна и подобра иднина.

 

 


Статијата е прочитана 1104 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско