Народната банка е дел од Мрежата за зелени финансии за заштита од ризици од климатските промени врз финансиската стабилност
Интервју со Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка нa Република Северна Македонија во кое зборува за тоа што може банкарскиот систем да направи на планот на ублажување на ризиците од климатските промени, за активностите кои ги презема Централната банка околу „зелените финансии“ кои поради ефектите што може да ги имаат ризиците од климатските промени во обезбедувањето на ценовната и финансиската стабилност за првпат беа вклучени како една од стратегиските цели во новиот среднорочен стратегиски план на НБРСМ, а најавува и осмислување монетарни мерки кои ќе го стимулираат зеленото финансирање, како и евентуално формирање посебно „зелено“ портфолио на хартии од вредност. Гувернерката ја објаснува и стабилноста на курсот на домашната валута која се темели на високото ниво на девизните резерви, но и на низата монетарни инструменти со кои располага Народната банка. Зборува и за проектиран раст на БДП од 3,9% за оваа година, а на среден рок од околу 4% со можност за зголемување. Од позиција на прва жена на чело на Централната банка на Македонија таа смета дека поголемата вклученост на жените во општеството носи бројни придобивки за економиите во целина, додека пристапот до финансирање е важен фактор за поддршка на развојот и продуктивно насочување на женскиот потенцијал
МАРИЛИ: На почетокот на декември 2021 година учествувавте на Годишната конференција на Обединетите нации: „Како да се обезбеди финансирање на одржливиот развој“, каде говоревте на панел-дискусијата „Што можат да направат банките и компаниите за одржливиот развој?“. Кажете ни како и колку климатските промени влијаат на финансиската стабилност на една држава и каква е улогата на банките во откривање на ризиците од климатските промени за банкарскиот систем и во намалување на штетите?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Климатските промени се глобална закана. За жал, повеќе не зборуваме само за предупредување за ризици, туку за конкретни ефекти видливи преку постојаното глобално затоплување и честите природни катастрофи. Неизбежно, овие промени влијаат врз економијата, а со тоа и врз финансискиот систем. Влијанието на климатските промени врз финансискиот систем доаѓа преку два главни канали, односно ризици. Првиот се однесува на физичките ризици, односно природните непогоди коишто стануваат сѐ почести, а произлегуваат од климатските промени, предизвикуваат штета за билансите на компаниите и ја намалуваат нивната способност за отплата на кредитите предизвикувајќи загуба и кај банките. Во вакви околности и дел од обезбедувањето на банките, исто така може да претрпи штета. За еврозоната на пример, се проценува дека остварувањето на климатските ризици може да погоди некаде околу 30% од корпоративното кредитно портфолио на банките. Ова може да влијае врз стабилноста на одделни банки или на вкупната финансиска стабилност. Вториот е ризикот од транзиција, што во суштина се однесува на ризикот од загуба кај банките заради изложеност кон клиенти кои нема да ги исполнуваат еколошките стандарди, па оттаму би имале пад на нивните приходи и зголемување на трошоците за финансирање. Сценаријата за остварување на овие ризици за банкарскиот систем на ЕУ се дополнителни загуби од 1,6% до 1,75% од нивната актива, што е половина од загубите при вообичаените сценарија/стрес-тестови коишто постојано се спроведуваат.
Што може банкарскиот систем да направи на планот на ублажувањето на ризиците од климатските промени? Прво, мислам дека е клучно да имаме попрецизно утврдување на поврзаноста на финансискиот сектор со одржливи и со неодржливи сегменти во економијата, што наметнува воспоставување стандарди за идентификување, известување, добивање податоци и редовно следење. Со други зборови, заедно со финансискиот сектор треба да ја означиме оваа област.
Второ, треба да се вложат напори за сѐ позастапена „зелена“ компонента во финансиите во економијата. Ова се однесува на домашните банки, коишто имаат голем финансиски потенцијал, но учеството на зелените кредити е сѐ уште ниско, или само 2,5% од вкупните кредити. Околу една четвртина од овие кредити се финансирани преку наменски кредитни линии од меѓународните финансиски институции, кои во натамошниот период исто така можат да имаат значајна катализаторска улога во овој сегмент.
МАРИЛИ: Какви активности презема нашата Централна банка околу „зелените финансии“ и каков е интересот кај нас за примена на овој концепт? Каде се наоѓа Македонија во однос на останатите држави од регионот во оваа смисла?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Централните банки ставаат сѐ поголем акцент на ова прашање, со оглед на ефектите што може да ги имаат ризиците од климатските промени во обезбедувањето на ценовната и финансиската стабилност. Според анкетни истражувања, во 2021 година 63% од ЦБ ги гледаат зелените финансии како дел од нивниот мандат, за разлика од 46% во 2017 година. И ние, како централна банка препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазедовме проактивен став во општеството по ова прашање. Од март 2021 година станавме дел од Мрежата за зелени финансии, во која членуваат 100 централни банки и супервизорски тела, со што веќе сме дел од платформа преку којашто можеме да ги следиме, но и активно да се вклучиме во сите нови меѓународни иницијативи на ова поле.
Во новиот среднорочен стратегиски план на Народната банка, зелените финансии за првпат беа вклучени како една од стратегиските цели, не само затоа што климатските промени може да влијаат врз целите на Централната банка, туку имајќи го предвид и аспектот на општествена одговорност.
Во рамките на стратегискиот план предвидуваме повеќе конкретни активности. Од годинава ќе воспоставиме редовен систем на прибирање подетални податоци за зеленото финансирање. Ќе се направат детални анализи на ризиците на кои се изложени банките од климатските промени, а ќе се спроведе и анкета којашто треба да даде одговор за свесноста на банките за ризиците од климатските промени врз нивното портфолио, начинот на идентификување, мерење и управување со ризиците, како и за тоа дали планираат нови производи коишто спаѓаат во зелени финансии. Врз основа на анализата, а следејќи ја европската практика, планираме да изготвиме Насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии, вклучително и за транспарентноста. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени, планираме да започнеме со стрес-тестови, за што ќе биде неопходно засилување на институционалниот капацитет и на регулаторот и на банките. Работиме активно и на осмислување монетарни мерки, коишто ќе го стимулираат зеленото финансирање, а исто така и во делот на управувањето со девизните резерви се размислува за формирање посебно „зелено“ портфолио на хартии од вредност.
МАРИЛИ: Колку македонскиот банкарски систем е отпорен на климатските промени?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Ризиците поврзани со климатските промени и нивните ефекти врз банкарските системи се релативно ново прашање и ретко која земја има конкретни показатели за отпорноста. Впрочем, и централните банки од најразвиените економии се во фаза на развој на модели за оцена на ризиците од климатските промени и отпорноста на банкарскиот сектор. Федералните резерви на САД во септември 2021 година објавија предлог аналитичка рамка за мерење на изложеноста на банките на ризиците од климатските промени, додека во исто време Европската централна банка ги објави резултатите од првиот стрес-тест за ризиците од климатските промени врз банките, а во јуни Банката на Англија објави насоки за спроведување климатско сценарио, додека резултатите од сценариото би биле објавени во текот на 2022 година.
Но, како што напоменав, на нашата мапа во план е исто така вклучувањето на климатските ризици во рамката за стрес-тестирање, што секако е предизвик поради неизвесниот развој на климатските сценарија во долги временски хоризонти, како и отсуството на квалитетни бази на податоци за преточување на климатските ризици во макрофинансиските анализи. Сепак, охрабруваат податоците добиени врз основа на информации од нашите последни анкети, според кои околу 70% од банките одобруваат кредити за проекти коишто имаат позитивно влијание врз животната средина, 43% од банките имаат воспоставено и формален систем на идентификување зелени проекти, а учеството на зелени кредити иако е мало, сепак има тренд на раст. Ова покажува сѐ поразвиена свесност и кај банките за прашањето на одржливоста, а нивното сѐ поголемо насочување кон зелените финансии има двојна улога ‒ од една страна ја подобрува структурата на економијата во целина, а од друга страна ја јакне отпорноста на банкарскиот систем на овие ризици.
МАРИЛИ: На крајот на минатата година се крена мала паника откако некои медиуми објавија дека е покачен курсот на еврото и дека вредноста на еврото надминала 62 денари. НБРСМ брзо реагираше гарантирајќи ја стабилноста на денарот. На што се темели оваа гаранција?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Денарот и натаму е стабилен и со ова прашање нема компромис. Сме зборувале многу пати за тоа зошто овој модел на девизен курс е најкомпатибилен и со најголеми придобивки за економијата. Стабилноста на девизниот курс е сидро на вкупната макроекономска стабилност и основа на стабилноста на вкупните очекувања на економските агенти. Затоа, да ја искористам оваа можност да упатам порака до граѓаните да не им веруваат на шпекулациите кои можат да им наштетат, а непотребната конверзија на денари во странска валута им носи само трошок. Единствен релевантен извор на информации според кој населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута е веб-страницата на Народната банка, каде што на дневна основа ги објавуваме курсните листи.
Девизните резерви се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута и тие се на високо и соодветно ниво, двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година. По сите меѓународно прифатени показатели девизните резерви се соодветни. Се разбира, Народната банка располага со низа монетарни инструменти со коишто ја гарантира стабилноста на денарот во однос на еврото, како што се каматната стапка или задолжителната резерва.
Неодамна и Меѓународниот монетарен фонд, во изјавата од нивната редовна мисија во земјава, уште еднаш ја истакна и ја потврди стабилноста на денарот.
МАРИЛИ: Пандемијата негативно се одрази врз македонската економија, но, сепак, за цело време на кризата банкарскиот систем остана стабилен. За периодот што следи се проценува постепено закрепнување и раст на БДП на годишно ниво, но со „отворени очи“ кон постојните ризици поврзани, пред сѐ, од натамошниот развој на пандемијата. Какви се проекциите за економскиот раст за наредниот период?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Последните проекции ги објавивме во ноември, во чии рамки ги задржавме нашите прогнози за постепено закрепнување на економијата. За 2021 година и 2022 година проекциите покажуваат раст на БДП од 3,9%. Со вакво темпо економските загуби предизвикани од пандемијата би се надминале на почетокот на 2022 година. Засега, остварувањата се во рамките на нашите очекувања. На среден рок проектираме стапки на раст од околу 4%, но, доколку се остварат некои позитивни ризици поврзани со почетокот на преговорите со ЕУ, како и целосно спроведување на Планот на државата за забрзувањето на растот, растот може да биде и посилен.
Во нашите среднорочни проекции поаѓаме од проекциите на меѓународните финансиски институции, коишто предвидуваат поповолно надворешно окружување, во услови на постепено подобрување на епидемиолошката состојба, постепено исцрпување на негативните ефекти од здравствената криза, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и задржување на поволните услови на финансирање на меѓународните финансиски пазари. Значајна претпоставка е и постепеното стабилизирање на очекувањата на домашните субјекти.
Сепак, неизвесноста и натаму постои. Главните надолни ризици за овие проекции, како за глобалната, така и за домашната економија се појавата на нови попреносливи варијанти на Ковид-19, поизразени и подолготрајни нарушувања на синџирите на снабдување, енергетската криза, вклучително и нејзиното влијание врз цените, како и позначително затегнување на меѓународните финансиски услови. Затоа, и натаму е неопходно будно следење на состојбите, како на глобален, така и на домашен план.
МАРИЛИ: Каква гаранција може да даде банкарскиот сектор дека веќе од втората половина на 2022 година ќе може да се реализира зацртаниот економски раст под претпоставка дека ќе успееме да ја надминеме енергетската криза и да ја балансираме пандемиската криза?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Со помош на здравите фундаменти на домашниот банкарски сектор тој успеа да го издржи ударот од пандемијата и да обезбеди соодветна поддршка за реалниот сектор во овие исклучително тешки кризни услови. Добрата подготвеност на банкарскиот сектор е одраз на измените на домашната банкарска регулатива во периодот по глобалната криза, во согласност со измените на европската регулатива, која придонесе за јакнење на билансите на банкарскиот систем. Пред почетокот на пандемијата, солвентноста, ликвидноста и квалитетот на активата на банкарскиот систем во целина беа повисоки во споредба со периодот пред почетокот на глобалната криза.
И во услови на пандемија, банките продолжија со кредитирањето на приватниот сектор. Во 2020 година кредитниот раст во просек изнесуваше солидни 6,4% на годишно ниво и продолжи и во текот на 2021 година со раст на кредитите од 7,7% заклучно со ноември. Задржани се олеснетите услови на кредитирање, што се согледува преку постојаното намалување на каматните стапки на кредитите до историски најниски нивоа. Сето ова го покажува соодветниот потенцијал на банките за поддршка на економијата на патот кон целосно заздравување од пандемијата, со тоа што ќе продолжат со обезбедувањето кредитна поддршка за граѓаните и за корпоративниот сектор. Ваквите очекувања се вградени во последните проекции на Народната банка, кои предвидуваат стапка на раст на кредитите во следните две години во просек околу 7% на годишно ниво и да достигне близу 8% на среден рок.
МАРИЛИ: Вие сте прва жена на чело на Централната банка на Македонија. Како од оваа позиција го оценувате патот до успехот на жените во нашето општество и дали банкарскиот сектор во иднина ќе овозможи поголема финансиска поддршка за развојот на женските бизниси?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Поголемата вклученост на жените во општеството носи бројни придобивки за економиите во целина и оттаму на ова не треба да се гледа само како на прашање за поголема праведност и родова избалансираност. Постојат емпириски истражувања според кои поголемата вклученост на жените може да го зголеми глобалниот раст за околу 10%. Пристапот до финансирање е важен фактор за поголема вклученост на жените во економските и општествените текови и поддршка на развојот и продуктивно насочување на женскиот потенцијал. Податоците од домашниот банкарски сектор со кои располагаме упатуваат дека во бројот на кредитокорисници преовладуваат мажите. Според податоците за крајот на 2020 година, од вкупниот број кредитокорисници во банкарскиот сектор 55% се мажи, а 45% се жени. Гледано во однос на износот на кредитите, жените користат само 38% од вкупната состојба на кредитите на населението. Глобалното анкетно истражување на Светската банка коешто го обработува проблемот на финансиската инклузија, иако со малку постари податоци (од 2017 година), покажува дека во домашната економија 11% од жените пријавиле дека позајмиле средства за да започнат со бизнис, што е повеќе од двојно помалку во споредба со просекот на еврозоната (28%). Ваквите состојби укажуваат на потребата од преземање натамошни мерки со што ќе се олесни пристапот на жените до разните форми на финансирање. Секако, една од овие мерки е финансиската едукација, на којашто ние посветено работиме во рамките на Народната банка, давајќи го нашиот влог кон поинклузивна и одржлива економска иднина.
МАРИЛИ: Што значи да се биде успешна жена на висока државна функција која носи огромна одговорност, како успевате да го балансирате својот долг работен ден со потребата за одмор и релаксација и да одговорите на семејните обврски?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Обврските се навистина големи и сериозни. Кога дојдов на позицијата гувернер бев свесна за предизвикот и одговорноста, безрезервно ги прифатив и ми претставува исклучителна чест што можам да им служам на нашите граѓани. Среќна сум што имам добар тим, навистина квалитетен кадар кој го вложува максимумот во она што го работиме.
Балансот помеѓу професионалните и семејните обврски, ми се чини не е лесен за ниедна жена што работи, независно од професијата и кариерскиот развој. Често, со оглед на долгото работно време и малиот простор за оддишка, се прашувам дали времето поминато со семејството е доволно и квалитетно исполнето. Но, во тие моменти застанувам и согледувам дека моите три деца растат во одговорни и чесни луѓе, инвестираат во своето знаење и покажуваат целосно разбирање за околностите. Тоа ме уверува дека успевам полека, но сигурно да ги вклопам парчињата во животниот мозаик. На работното место со мојот професионален тим, а дома со поддршката од мојот сопруг и потесното семејство.
Статијата е прочитана 1009 пати.