Инфо

Градот Скопје ги избра добитниците на наградата „13 Ноември“ за 2021

вторник, 02 ноември 2021

Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје официјално ги објави добитниците за 2021 година.

Добитник на наградата „13 Ноември“  од областа на науката се проф.д-р Денко Малески за посебен долгогодишен придонес во развојот на науката и високото образование и д-р Емил Ниами, автор, лектор и преведувач, автор на првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик и на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик.

Од областа на образованието и воспитанието, за посебен придонес во развојот на науката и високото образование наградата му е доделена на проф. д-р Мишо Докмановиќ, редовен професор на Правниот факултет„Јустинијан Први“ при УКИМ, од областа на публицистиката награден е Слободан Петровиќ, новинар и публицист, за повеќедеценискиот придонес во македонската печатена новинска продукција.

Од областа на културата наградени се археологот Ирена Колиштркоска Настева, за непрекинато 35-годишно активно битисување, видно учество во сферата на културата, музејското работење, со акцент на археологијата и Лилјана Пандева, писател, поет, прозаист за достигнувања во областа на македонската современа книжевност и за придонес како лектор по македонски јазик.

Емилија Џипунова, балетски уметник и балетски критичар е наградена од областа на уметноста за долгогодишен придонес во развојот на балетската уметност во државата и надвор од неа.

Од областа на здравствената заштита 13-ноемвриска награда ќе им биде доделена на медицинскиот тим доктори кој ја изведе првата операција во Република Северна Македонија имплантација на вегус нерв стимулатор (ВНС) кај пациенти со епилепсија резистентна на лекови. Тимот го сочинуваат: доц. д-р Владимир Рендевски, доц. д-р Венко Филипче, проф. д-р Владимир Башчаревиќ, проф. д-р Емилија Цветковска, н.сор. д-р Бојан Бошковски, доц. д-р Иван Барбов, асс. д-р Благој Шунтов, д-р Радмила Панговска и д-р Јасна Бушиноска.

Исто така, од областа на медицината награда му е доделена и на тимот за имунизација од Ковид-19 при Здравствен дом Скопје, за исклучителнтаа ангажираност и несебичен придонес во процесот на имунизација на населението.

Од правните лица годинашни добитници на наградата на Град Скопје се ЈНУ ИНСТИТУТ за македонска литература - Скопје, за 40-годишна работа во областа на науката, образованието и културата и реализирани проекти за заштита на културното наследство во соработка со Градот Скопје, како и ООУ „Кирил и Методиј“ село Стајковци, Општина Гази Баба, Скопје, за постигнати извонредни резултати во наставниот процес и воннаставните активности во училиштето и надвор од него.

Познатиот актер и режисер Раде Шербеџија е награден како лице од друга држава за голем придонес во културно-уметничкиот живот и афирмација на Скопје преку филмот „Ослободување на Скопје“.

Награда „13 Ноември“ ќе добие и Сандра Недановска, ученичка во ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје, за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредокот и афирмацијата на градот Скопје во државата и надвор од неа.

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание од Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Северна Македонија и во светот. Добитниците се избрани со тајно гласање кое го спроведе Комисијата што ја именува Одборот за доделувањ ена наградата, во состав: претседател Вангелина Мојаноска и членови: Лорета Георгиевска-Јаковлева, Газанфер Бајрам, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Виолета Томовска, Петре Арсовски, Роландо Кутиров, Љубиша Станковиќ и Даница Стојанова.    

Содржината е прочитана 166 пати.