Заштитата на животната средина и на човековото здравје се надполитички теми
Интервју со Ана Чоловиќ Лешоска, извршен директор на Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ во кое зборува за значењето на здравата животна средина, за свеста на македонските граѓани за решавање на еколошките проблеми, за научената лекција од извојуваната победа за спас на НП „Маврово“ дека „заедно можеме сè“ која дава надеж за сите други кои водат слични битки со инвеститорите на уште околу 50 мали хидроцентрали кои се во план, за престижната награда за заштита на животната средина „Goldman Environmental Prize“ за Европа за 2019 година, позната и како „зелен Нобел“, за идните планови и проети на „Еко-свест“
МАРИЛИ: „Еко-свест“ е основан пред речиси 20 години како здружение на граѓани, а само неколку години подоцна го смени името во Центар за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“. Која беше целта на промената и во кои области делува денеска?
ЧОЛОВИЌ ЛЕШОСКА: Уште од самиот почеток голем дел од работата на „Еко-свест“ подразбираше истражување и анализи во доменот на заштитата на животната средина и информирање на јавноста и сите засегнати чинители за резултатите од истите. Оттаму сакавме новото име да го демонстрира и отсликува тоа наше делување. На почетоците „Еко-свест“ ставаше голем фокус на одржливиот транспорт и управувањето со отпадот, за потоа да почне посериозно да се занимава со секторот енергетика и клима, како и заштита на природата, што и денес се областите во кои делува.
МАРИЛИ: Животната средина, екологијата, еколошките теми воопшто, се многу актуелни во нашата држава во последните години. Се добива впечаток дека Македонија се обидува да држи чекор со развиениот свет околу значењето на решавањето на еколошките проблеми. Сепак, дали свеста за здрава животна средина кај македонските граѓани е доволно развиена, односно, дали граѓанското општество во Македонија има капацитет да учествува во донесувањето одлуки поврзани со важни еколошки проблеми? Каде сме во споредба со земјите од регионот, а каде со Европа и светот?
ЧОЛОВИЌ ЛЕШОСКА: Да се учествува на суштински начин во донесувањето одлуки е предизвик на демократското општество. Секој има право да биде дел од одлуките кои ќе го врамат и определат неговиот животен стандард и квалитет на животната средина. Сметам дека свеста на граѓаните во Македонија значително е порасната кога станува збор за животот во здрава животна средина - нема регион во државата каде не сме сретнале активни граѓани што се борат да го зачуваат највредното и да спречат деградација на својата средина. Нашите анализи покажуваат дека дури 60 проценти од населението е подготвено да преземе директна акција во однос на подобрување на стандардот на животната средина - со промени почнувајќи од сопствениот дом, како воведување мерки за енергетска ефикасност, или користење обновливи извори на енергија, па дури и акции за садење дрвја. Тоа зборува дека кај нас многу брзо се разви свеста дека секоја одлука во сите сфери на општеството влијае на здравјето на луѓето и квалитетот на животната средина. Истовремено, граѓаните станаа свесни дека секое добро решение кое фунцкионира во другите земји може лесно да се примени и кај нас, само доколку постои волја и посветеност на централната и локалната власт, а понекогаш доволно е само и граѓанска иницијатива. За важноста на темата животна средина за граѓаните ни покажува и фактот што политичките дебати на престојните локални избори гравитираат главно на оваа тема, а бројот на независни кандидати, особено од редот на еколошки активисти, никогаш не бил поголем.
Овие трендови се слични и во држаните од регионот, па и од Европа. На пример, во Словачка на последните претседателски избори граѓаните одлучија својата доверба да ја дадат на познатата еко-активистка Жужана Капутова која настапи како независен кандидат. Не мислам дека сме многу далеку од таква иднина.
МАРИЛИ: Во кои области Македонија е најранлива, дали во аерозагадувањето, во сферата на управувањето со отпадот, можеби во обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност...?
ЧОЛОВИЌ ЛЕШОСКА: Најсериозниот проблем кај нас е што дозволивме чистата и прекрасна природа, сите нејзини ресурси да бидат континуирано уништувани поради ниски стандарди во заштитата на животната средина и корупција. Штетата која ќе се направи многу тешко, понекогаш и невозможно е да се надомести. Имаме сериозни проблеми со управување со отпадот, односно неуправување - каде и да се свртиме околу нас има ѓубре. Квалитетот на воздухот е на незавидно ниво и истиот штети на нашето здравје. Животната средина и човековото здрвје не се на највисоко ниво во политичката агенда и токму затоа сме тука каде што сме. Сè додека тоа е така, системот нема да се менува, а состојбата ќе се влошува. Потребна е драстична промена во политиката, животната средина треба да е апсолутен приоритет за нашата држава бидејќи нејзината заштита значи наш опстанок. Ова не смее да биде само декларативно, туку суштински, а тоа ќе се случи само откако буџетот во државата ќе се насочи на заштитата на животната средина, прочистување на нашите реки и езера, воспоставување на системи за рециклирање на отпадот, зелена економија и создавање зелени работни места, спречување на загадувањето во сите медиуми и спроведување мерки за трансформација на целото општество во одржливо и климатски отпорно.
МАРИЛИ: Пред неколку години македонските „борци“ за зачувување на животната средина извојуваа голема победа спротиставувајќи се на изградбата на големите хидроцентрали „Бошков мост“ и „Луково поле“. Потсетете не накусо на оваа добиена битка и какво значење има, иако веројатно никако не значи и добивање на војната, со оглед дека битката продолжува натаму и на други полиња!
ЧОЛОВИЌ ЛЕШОСКА: Напорите да се спаси Националниот парк „Маврово“ беа, всушност, соединување на многу чинители под исто мото - Маврово без нови хидроцентрали. Во целата таа кампања беа вклучени еко-активисти, правници, заштитари, локални жители, меѓународни организации, домашни и странски експерти и научници и многу љубители на Маврово. Истите делуваа на многу различни полиња - локално, национално, па и на меѓународно ниво се водеа мали но важни „битки“ за Маврово да остане неуништено. Во тој процес се придвижија многу работи во насока на заштитата на Балканскиот рис, кој стана дел од Прилог II на Бернската Конвенција, се промени енергетската стратегија на национално ниво и се покрена јавноста околу овој проблем.
Научената лекција е дека „заедно можеме сè“ и токму тоа дава надеж за сите други кои водат слични битки со институциите или инвеститорите. „Бошков мост“ и „Луково поле“ не се повеќе дел од нашата енергетска стратегија, но уште околу 50 мали хидроцентрали се во план. Истите можат неповратно да ги променат екосистемите, а локалните заедници да ги изложат на ризик од загуба на вода за пиење, па така, државата ќе мора да донесе тешка одлука за нивно понатамошно стопирање. Тешка, бидејќи веќе издадените концеции тешко се укинуваат, но искрено верувам дека во оваа насока Владата ќе ги земе сите економски и еколошки параметри предвид. На крај на краиштата, граѓаните се тие кои преку своите сметки за струја ги субвенционираат малите хидроцентрали, а со тоа и штетата која доаѓа како резултат на нивната градба и функционирање.
МАРИЛИ: Екологијата мора да биде одвоена од политиката. Но, дали воопшто е можно тоа, особено кога се во прашање големи еколошки проблеми чии решенија несомнено зависат од волјата и разумот на политичарите? Впрочем, во предизборните агенди на политичарите животната средина секогаш е високо во приоритетите на нивната работа, но сведоци сме дека подоцна сосема малку се реализира од тоа што се ветува! Какви се Вашите ставови околу тоа?
ЧОЛОВИЌ ЛЕШОСКА: Заштитата на животната средина, а со тоа и заштитата на човековото здравје се надполитички теми. Истовремено, секоја политичка одлука, на ваков или онаков начин влијае врз заштитата на човековото здравје и/или животната средина. Од одлуки за буџети, стратегии па сè до кадровски политики и одлуки за инфраструктурен развој во која било сфера, секоја од нив може позитивно или негативно да се одрази врз квалитетот на животната средина или заштитата на здравјето на луѓето.
Причината зошто се носат одлуки кои негативно се одразуваат на овие два приоритети е што политичарите многу често носат одлуки врз база на сопствените мислења или убедувања, а не врз база на наука и факти. Без разлика на политичката партија, професија, искуство или убедувања, секој вршител на јавна функција има обврска одлуките да ги носи врз база на факти и аргументи. Само на таков начин ќе се ослободиме од познатите феномени на нашето секојдневие - „бизнис интереси“, „партиско полтронство“, „корупција“...
Фактите и науката треба да се есенцијални за било кој функционер, доколку сака неговата одлука да биде во корист на граѓаните. Затоа, од сите идни градоначалници, министри, премиери и други функционери го очекуваме токму тоа. Одлуките, секако, е потребно да се носат во соработка и консултација со засегнатите страни и, тука гледаме континуирано потфрлање на нашите политички структури. Но, имајќи предвид дека граѓаните стануваат сè посвесни за своите права, на идните функционери им претстои живописен период на спроведување на своите програми.
МАРИЛИ: Вие сте добитник на престижната награда за заштита на животната средина „Goldman Environmental Prize“ за Европа за 2019 година. Кој ја доделува наградата и за што конкретно се доделува истата?
ЧОЛОВИЌ ЛЕШОСКА: Наградата „Голдман“ се доделува секоја година на шест борци за животната средина со значителни достигнувања во оваа сфера. За секој континент се избира по еден добитник. Кандидатите се номинираат без нивно знаење, со поднесување обемна документација, а самиот процес е многу сличен со оној на Нобеловата награда. Оттука, Голдмановата награда е позната и како „зелен Нобел“.
Во светот до сега оваа награда ја имаат освоено околу 200 индивидуалци. Она што е посебно за наградата е што се доделува за видно достигнување кое подразбира посебен пристап во кампањите за заштита на животната средина. Во мојот случај наградата ми беше доделена заради водење на постапката за спречување на „Бошков мост“ и „Луково поле“ пред меѓународната заедница - Бернската Конвенција и Европската банка за обнова и развој. Случајот за Маврово во Бернската конвенција е познат како случај кој придонесе глобалната јавност да слушне за овој механизам и поттикна многу активисти и еколози да го искористат во своите кампањи за спас на природата.
МАРИЛИ: Кажете ни нешто повеќе околу соработката на „Еко-свест“ на проекти со слични странски организации!
ЧОЛОВИЌ ЛЕШОСКА: Од почетокот на 2020 година „Еко-свест“ е официјален партнер на WWF- World Wildlife Fund - Светскиот фонд за природа, кој е меѓународно најпознатата организација за заштита на природата. Со своето препознатливо лого со панда WWF во регионот е присутен во сите земји, а нашата последна се приклучи на ова големо светско „семејство“.
Во Македонија, WWF работи преку „Еко-свест“ на проектот „Заштитени подрачја за природата и луѓето“, проект финансиран од Шведската агенција за меѓународен развој - SIDA, со главна цел да го подобри управувањето со заштитените подрачја во државите на Западен Балкан.
Во нашата земја работиме со неколку заштитени подрачја како и со граѓански организации за да спречиме нелегални активности и да ја подобриме законската рамка за заштита на природата.
МАРИЛИ: На кои проекти моментално работите и какви се плановите за идните активности на „Еко-свест“?
ЧОЛОВИЌ ЛЕШОСКА: Најголемото портфолио на „Еко-свест“ е климатската акција, па оттука, од неодамна започнавме голема тригодишна програма за поддршка на граѓанските организации да преземат локална климатска акција во своите средини. Програмата, финансирана од SIDA ќе трае три години и ќе овозможи практични климатски проекти, но и ќе ги поддржи граѓанските организации повеќе да научат за оваа тема за да можат да делуваат локално.
Во моментот „Еко-свест“ работи и на проект за воспоставување на Фонд за животна средина, со кој пред јавноста и институциите ќе претставиме анализа за можностите за воспоставување на овој Фонд кој на едно место ќе ги собере сите еколошки такси, за средствата да можат да бидат наменски искористени за заштита на животната средина и природата. Проектот е поддржан од ГЕФ Програмата за мали грантови.
Работиме и на темата на праведна транзиција на сите региони зависни од јаглен во нашата држава. Сакаме да видиме посветеност од централната и локалната власт за започнување на транзицијата кон поодржливи решенија кои се добри за здравјето и средината, но се базираат на принципот на зелена економија и овозможуваат развој на регионите без употреба на јаглен.
Неодамна, преку проектот „ГЛОБЕ одржлива програма“ на Министерството за животна седина и просторно планирање дониравме опрема за научно-истражувачка работа во основните училишта во доменот на животната средина, според програмата за едукација на НАСА. Исто така, минатата недела за претставниците од Државниот инспекторат за животна средина спроведуваме обука за стандардизација на техничките параметри на малите хидроцентрали, со цел намалување на нивните штетни влијанија, со помош на експерт од странство.
Во блиска иднина „Еко-свест“ повеќе ќе се посвети на развивање на граѓанската наука во делот на мониторинг на природата во Споменикот на природа „Вевчански извори“ и ќе продолжи со развој на едукативните програми во рамки на нововоспоставената Еко-Академија.
Статијата е прочитана 1299 пати.