Народна банка: „ММФ ѝ додели на земјава околу 133 милиони специјални права на влечење“

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ѝ додели околу 133 милиони нови специјални права на влечење (СПВ), или околу 161 милион евра на нашата земја кои денеска ќе бидат вклучени во официјалните девизните резерви, информираат од Народната банка (НБ).

Овој износ ни е доделен во рамките на новата општа распределба на СПВ на ММФ и соодветствува со нашата квота во ММФ.

„ММФ распредели вкупно 455 милијарди СПВ (околу 551 милијарда евра) на 190 земји членки. Ова е најголемата распределба на СПВ во историјата, или двојно повисока од сите досегашни распределби заедно. Последната општа распределба на СПВ беше во 2009 година, кога беа распределени 161,2 милијарди СПВ на земјите членки“, истакнуваат од Народната банка.

Овој пат целта на општата распределба на СПВ е со нив да се обезбеди непречен пристап до девизна ликвидност за земјите во време на најголемата здравствена и економска криза со која се соочува светот во изминатите децении.

„Придобивките за земјите се повеќекратни: со нив се обезбедува брзо достапна и безусловна девизна ликвидност со која се зголемуваат девизните резерви, односно се зголемува девизниот потенцијал на економијата што го јакне потенцијалот на економиите за справување со кризата“, велат од НБ.

СПВ се резервни средства креирани од ММФ кои земјите членки можат да ги чуваат како дел од своите официјални резерви или, пак, да ги искористат за   плаќање долгови и камати, за идно зголемување на квотата во ММФ или за други буџетски потреби.

„Доколку ги чуваат како дел од своите официјални резерви, земјите немаат никаков трошок. Доколку се претворат во друга валута за да се искористат за други цели, тогаш трошоците за земјата се исклучително ниски (тековно каматна стапка на користење на СПВ изнесува 0,05 отсто)“, прецизираат од Народна банка.

 


Статијата е прочитана 456 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско