Мурали и скулптури – улична уметност за промоција и уникатност на урбаната средина

Интервју со Јана Јанеска Ристески, претседател на Уметнички совет на Центар за современа ликовна уметност Прилеп во кое говори за ефектот што уметноста и креативниот израз го имаат врз човечкото разбирање и комуникацијата, за нејзината употреба за терапевтски цели со цел да се зголеми самодовербата, да се подобри комуникацијата и концентрацијата, за полесно справување со стресот, но и за тоа колку е инспиративно да се биде жена менаџер во областа на уметноста и културата во Македонија

 

МАРИЛИ: Од неодамна центарот на Прилеп го красат мурали на Блаже Конески и на Стале Попов. По кој повод тие беа изработени, кои уметници ги нацртаа и каков беше ефектот врз прилепската јавност? 

ЈАНЕСКА РИСТЕСКИ: Проектот „Уличната уметност, можност за реактуелизација и презентација на дејноста и делата на нашите истакнати домашни дејци - поетот и лингвист Блаже Конески и писателот романописец Стале Попов“ е во организација на филмската продукција „Дрим Фектори“ од Скопје во соработка со здружението Центар за современа ликовна уметност-Прилеп и истиот е поддржен од Владата на Република Северна Македонија преку јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани со задолжително ангажирање домашни изведувачи за реализација на настани на теми со кои се одбележува 30 години независност на Северна Македонија. Со овој проект е предвидена реактуелизација и презентација на дејноста и делата на нашите истакнати домашни дејци - поетот и лингвист Блаже Конески и писателот романописец Стале Попов.

Проектот опфаќа изработка на два ѕидни мурали на уникатно избрани локации во центарот на Прилеп и два докуметарни кратки филмови за промоција и презентација на дејноста и делата на Блаже Конески и Стале Попов.

Идејното решение и изведбата на муралите се на нашите познати академски ликовни уметници Сања Јездиќ, Ферди Булут и Александар Џинго.

За документарните кратки филмови заслужни се филмската продукција „Дрим Фектори“ позади која стојат продуцентот Огнен Антов и режисерот Стојан Вујичиќ, тимот на ЦСЛУ - Прилеп со неговите претставници Огнен Јанески, Мартин Милкоски, Горан Ристески и Јана Јанеска Ристески, како и незаменливите „Room 313“ со Александар Митрик и Александар Самарџиjски, чија авторска музика ја исполнува позадината на документарците.

Ефектот беше зачудувачки позитивен и морам искрено да се заблагодарам за тоа неочекувано пријатно искуство. Уште во самиот процес на изработка се појави голем интерес. Добро е што развивме дебата помеѓу пошироката публика, а со тоа и понатамошен интерес за истражување.

Во документарните кратки филмови свое видување од потребата за презентација и реактуелизација на наши истакнати дејци преку улична уметност, како и од потребата од самата уличната уметност во јавните простори во градските урбани средини, говорат и нашите познати прилепски имиња, актерите  Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска Илиеска, Михајло Миленкоски и Ангела Наумоска како и музичарите Златко Карчески, Андријана Чело и Љупчо Трајаноски

Уличната уметност е одличен начин да се промовира една урбана средина, еден модерен град, но исто така одлична можност да се даде и нота на препознатливост и уникатност на самиот град, како и преку истата да се презентираат и реактуелизираат познати и признати дејци од нашата историја и култура. Едно дело улична уметност може да го трансформира предметот на кој се појавува, но може да ја трансформира и целата локална заедница во која престојува. 

 

МАРИЛИ: Од каде потекна идејата и која е целта на Вашиот фокус на муралите како улична уметност? Какви се нејзините предности во творењето во услови на пандемија?

ЈАНЕСКА РИСТЕСКИ: Потребата од континуитет во консумирањето на културните производи дури и во вонредни услови има силен интензитет, но проблемите што ги носи самата пандемија и начинот на ширење на вирусот нѐ принудуваат досегашните познати концепти за одржување на социјалниот и на културно-забавниот живот да ги ставиме во мирување. Културните настани со присуство на масовна публика не се дозволиви и токму затоа имаме обврска да се приспособиме и да отвориме нови начини и можности за задоволување на потребите на мнозинството. Тоа повлекува нови начини на културно изразување и на културно консумирање, начини приспособливи на моментните состојби. Уличната уметност во форма на мурали и скулптури е одличен начин да се промовира една урбана средина и да се даде нота на препознатливост и уникатност на самата урбана средина, а и организирањето на ваков тип настани е одлично за контрола на општата јавна безбедност во вакви услови.

Дополнително, уличната уметност во форма на улично мурално рекламирање, може да биде многу интересна и за бизнис-заедницата кај нас. Насекаде низ светот мега корпорациите почнуваат сѐ почесто да ги користат како начин на рекламирање затоа што муралите се креативна и забавна маркетинг алатка што предизвикува голем интерес и споделувања на сите социјални мрежи во интернет-просторот. Маркетинг муралот или уметничката реклама е одличен начин да ги натерате луѓето да го забележат вашиот бизнис и лично, но и преку интернет. Вашиот бизнис ќе го издвои од другите што сѐ уште ги користат комерцијалните начини на рекламирање. Кога вашиот бизнис е само еден од многуте исти, тешко е да се препознае, но уникатноста на муралот однапред го дава одговорот за што станува збор. Маркетинг муралот и неговата разновидност и уникатност ќе го карактеризираат и вашиот бизнис како посебен и напреден. Еднократната такса за прекрасно уметничко дело што го рекламира вашиот бизнис е многу подобра употреба на вашите финансии планирани за маркетинг, од плаќање светлинска реклама или билборд што преминуваат во секојдневје и можат да не бидат воопшто забележани, а, од друга страна, повлекуваат високи месечни трошоци за нивно поставување и одржување. 

 

МАРИЛИ: Што значи континуирано успешно да се менаџира една ваква институција од областа на културата и колку семејната традиција претставува обврска?

ЈАНЕСКА РИСТЕСКИ: Новите времиња на менаџирање налагаат и постои потреба од многу поактивно вклучување, особено кога сте одлучиле да бидете самоодржливи и притоа да не зависите од државните средства на ресорното министерство и од локалната самоуправа, а се зафаќате да работите семејно наследена организација што во исто време претставува стожер на македонското културно ликовно наследство. Семејната традиција е тоа што сѐ уште ме одржува да не се откажам од обидите, обврската е голема, но, исто така, и задоволството од постигнатиот успех.

 

МАРИЛИ: Што претставува арт терапијата во која сте ангажирана во последниот период и како може да се практикува? 

ЈАНЕСКА РИСТЕСКИ: Арт терапијата е техника што преку креативниот израз може да поттикне подобрување на благосостојбата и враќање на функционалноста кај поединецот. Уметноста и креативниот израз имаат силен ефект врз човечкото разбирање и комуникацијата и токму преку арт терапијата таа моќ се користи за терапевтски цели. На крајот резултатот е зголемена самодоверба и самосвест, подобрена комуникација и концентрација, полесно справување со стресот, зголемени социјални вештини, како и подобрено справување со личните емоции. Токму тоа што денес ни е потребно на сите и оттука произлезе нашата одлука да ја вклучиме арт терапијата во нашата работна програма.

 

МАРИЛИ: Дали сметате дека личниот пример на успешна жена менаџер го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство, претприемаштво и лидерство во нашата земја? 

ЈАНЕСКА РИСТЕСКИ: Да се биде жена менаџер во областа на уметноста и културата во Македонија е прилично инспиративна работа. Најверојатно успешните жени не се во согласност со општоприфатените стандарди, а токму излегувањето од пропишаните норми е еден чекор поблиску до успехот. Јас само ќе им порачам на жените во нашата земја: бидете бестрашни и одвојте се од другите, дури и ако тоа значи да бидете единствена жена во соба полна со мажи. Одете чекор по чекор, бидете амбициозни, несебично вложувајте во својот напредок и надградба, односно стекнете навика на самоподобрување и правете го тоа секој ден. И, најважно од сè, никогаш да не се извинувате за тоа што го сакате. Имаме право да сакаме и да сонуваме и нормално својот сон и личните амбиции да ги претвориме во реалност.

 

 

 

 


Статијата е прочитана 1877 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско