Од 1 јули цената на горивата се зголемува фиксно за 3,5 денари, ДДВ за струјата се намалува од 18 на пет проценти

Од први јули цената на сите горива ќе се зголеми фиксно по 3,5 денари. Толку ќе изнесува новата давачка за граѓаните, односно, ќе се плаќа за новиот – зелен данок (еколошка такса) која Владата веќе ја пресмета со ребаланот на буџетот.

Целта е, како што рече премиерот Зоарн Заев граѓаните да се откажат од нафтата и да се возат со велосипед, тротинет или со електричен автомобил. Според Заев, новата давачка е дел од зелената агенда на Владата, а парите собрани по овој основ ќе одат во таканаречениот еколошки фонд. Од еколошката такса годишно во буџетот ќе се влеваат 54 милиони евра. 

„Веќе отворивме еколошки фонд со кој треба да го поддржиме инвестирањето во обновливите извори на енергија. Влезени сме во сериозен процес на промена на јагленовите термоелектрани во фотонапонски, ветерници и гасни“, вели Заев, кој смета дека паралелно со тоа државата мора да ги јакне своите институционални и финансиски можности за инвестирање во вакви извори. 

Ќе предизвика ли новата давачка ценовен шок за граѓаните? Дел од експертите сметаат дека еколошката такса за горивата би можела да ги поскапи цените и на другите производи, додека други, пак, велат дека еколошки данок има секаде во светот и оти е крајно време сите граѓани да се однесуваат поодговорно.

Од ВМРО- ДПМНЕ реагираат дека воведувањето еколошка такса на нафтените деривати дополнително ќе ги втурне граѓаните во сиромаштија. „За шест месеци дизелот поскапе за 7,5 денари, а сега повторно се удира врз и онака сиромашните граѓани со дополнително зголемување од 3,5 денари“, велат од опозициската партија. 

Здружението на транспортери МАКАМТРАНС предупреди дека воведувањето еколошка такса на горивата ќе им ги зголеми трошоците за 4,13 денари за литар и најави протест. До Владата и до Министерството за финансии веќе е испратен допис со реакција затоа што тие како најголеми потрошувачи на гориво не се консултирани за воведување на мерката.

„Во наредниот период предвидени се состаноци со надлежните органи и обид за промена на најавената мерка.За таа цел се одлучивме да спроведеме анкета за да се анализира состојбата и подготвеноста на превозниците за спроведување отпор во различни облици“, велат од МАКАМТРАНС.

Граѓаните може да почувствуваат евентуално некако олеснување со најавеното намалување на цената на ДДВ за струјата. Со тоа сметките за струја ќе бидат помали во наредните две години и се очекува на тој начин да се амортизира ударот од поскапувањето на електричната енергија.

Како што рече Заев, од наредниот месец цената на ДДВ за струјата ќе се намали од 18 на 5 отсто. Планот на Владата е 5 проценти ДДВ за електрична енергија да се плаќа до јули идната година, пото ДДВ-то ќе се зголеми на 10 отсто, а по јули 2023 година повторно да се врати на 18 проценти.

Премиерот очекува ваквата мерка ќе овозможи социјална стабилност на граѓаните и до 2023 да се подготват најсиромашните преку државна помош да ги пребродат енергетски промени. Вели дека и со воведувањето на еколошка такса Македонија останува со најниски цени на нафтата во регионот. 

Регулаторна на крајот на јули треба да пресече дали и за колку проценти ќе се покачи цената на струјата.

 

 

 


Статијата е прочитана 693 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско