Почна постапката за изградба на БРТ систем за брз автобуски превоз во Скопје
За реализација на овој проект ЕБОР ќе додели заем од 70 милиони евра, во две транши – во првата транша во износ од 47,6 милиони евра за финансирање на линијата 1 и втора транша во износ од 22,4 милиони евра за финансирање на линијата 2. Рокот за отплата на првата и втората транша е 15 години, со вклучен грејс период од 4 години
Град Скопје, Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска потпишаа договор за заем со што и официјално почнува постапката за изведба на БРТ системот за брз автобуски превоз во Скопје. Договорот за заем го потпишаа градоначалникот Петре Шилегов, министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Анди Аранитаси, а на потпишувањето на овој важен документ присуствуваше и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
„Го остваруваме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот согласно со условите кои ги овозможува денешно Скопје. Горди сме што Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе БРТ систем, што не е само успех за Градот, туку е успех и за целата наша држава. Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен и ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа индиректно ќе се намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот. Подигнувањето на брзината и достапноста на јавниот транспорт несомнено ќе значи и зголемување на бројот на патници што го користат јавниот транспорт во Скопје“, рече градоначалникот Шилегов.
Екипи на Град Скопје и на ЈСП досега работеле на подготовка на техничката документација за овој систем. Идејното сообраќајно решение е веќе изработено од стручњаци од Битола, Скопје, Белград, Лондон и Брисел и тоа ќе претставува основа за тендерската документација за набавката која, како што нагласи Шилегов, се очекува да почне во текот на ова лето.
Проектот опфаќа воспоставување две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.
Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде со должина од 12,81 километар во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и 2 терминала - во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче. Според првичните проценки, приближниот број на патници што ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 на ден. Со имплементација на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фреквенцијата на автобуси на секои 3-4 минути. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути.
Автобусите од БРТ системот ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија, долги 18 метри, а целиот систем ќе биде поставен така што во иднина ќе може да прими и 24-метарски возила.
„Важно е да се нагласи дека во рамките на ЕБРД овој проект е заведен како зелен проект, се финансира во рамките на мрежата на зелени градови во која Скопје е член од 2019 година. Притоа, станува збор за еден од клучните проекти кои се дел од Акцискиот план за зелен град кој го подготвивме со помош на ЕБРД. Се радувам што ова на некој начин е верификација на еколошките политики кои што ги креираме како градска администрација и што после неколку децении конечно ќе почне да се имплементира овој стратешки проект за градот“, нагласи Шилегов.
За министерот за финансии, Фатмир Бесими вакви иницијативи за создавање зелена, поинклузивна и одржлива економија се совпаѓаат со економското заздравување од ковид-кризата, а придобивките за нашата економија се повеќекратни.
„За реализација на овој проект ЕБОР ќе додели заем од 70 милиони евра, во две транши – во првата транша во износ од 47,6 милиони евра за финансирање на линијата 1 и втора транша во износ од 22,4 милиони евра за финансирање на линијата 2. Рокот за отплата на првата и втората транша е 15 години, со вклучен грејс период од 4 години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од Еурибор плус 1 отсто. Покрај заемот, ЕБОР ќе додели и грант за техничка поддршка на Градот Скопје и на Министерството за транспорт и врски за имплементација на целиот проект“, рече Бесими.
Според министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски доделените средства од овој заем ќе се користат за проектирање и изградба на патните коридори, за реконструкција на булеварите во градот, за изградба на автобуските постојки, изградба на две депоа вклучувајќи и административна зграда, како и за набавка на нови нископодни автобуси.
Директорот Анди Аранитаси објасни дека Европската банка за обнова и развој и Градот Скопје ја започнаа партнерската соработка во 2019 година кога банката го прифати Градот Скопје во нејзиното семејство зелени градови кое во моментов брои 45 града од 23 земји.
„Од тогаш Градот Скопје напорно работеше да го подготви акцискиот план за зелени градови кој ги идентификува приоритетните инвестиции и политики насочени за справување со еколошките предизвици на главниот град. Од 2019 година ова е трет проект кој ЕБОР го финансира во Скопје, по проектот за набавка на новите автобуси на компресиран гас и изградбата на пречистителна станица за отпадна вода која се очекува да почне со реализација следната година“, рече Аранитаси.
Статијата е прочитана 760 пати.