Јас со својата работа оставам потпис на лицето на клиентите

Интервју со д-р. Весна А. Игњатовиќ-Стојиљковиќ, сопственик и генерален менаџер на ординација ДООЕЛ и ПЗУ „Др Ваис“ во кое говори за тоа дека естетската медицина не треба да се поистоветува со нехируршки процедури за подмладување со ботокс и хијалурон, за работењето во услови на ковид-криза кога луѓето се многу пребирливи и внимателни во здравствена, естетска и во финансиска смисла, но дека медицинските услуги, сепак ги ставаат на прво место, за најсовремените методи кои моментално се применуваат во центрите „Др.Ваис“. Зборува и за тоа колку е тешко и после 30 години фирмата да се одржи во самиот врв со амбициозен, но реален план за развој во перспектива кој наговестува отворање на една естетско-медицинска поликлиника

 

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е големиот јубилеј – 30 години од Вашето работење. „Др Ваис“ е приватна здравствена установа која се занимава со естетска медицина. Какви се услуги им нудите на клиентите?

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: „Др Ваис“ е прва здравствена установа која преку форма на естетик центар обедини превентивни и тераписки процедури со цел зачувување на здравјето на кожата, косата и на ноктите, со развивање сосема нови и на нашиот пазар непознати медицински гранки: козметологија, трихологија и подологија.

Козметологијата се занимава со сите проблеми на кожата, од превентивни козметички третмани до третмани на лечење и рехабилитација на кожата, независно дали се работи за млада и проблематична кожа подложна кон воспаленија и акни, или за зрела кожа подложна кон дехидрација и збрчкување.

Трихологија е гранка од медицината која се афирмирала преку проблеми со опаѓање на косата, иако во сфера на нејзино делување се сите патолошки состојби на кожата на главата. Превентивниот сегмент на трихологијата се однесува на нега за здрава кожа на главата и косата, како и да не дојде до проблеми како што се слаб квалитет на влакното, појава на првут, опаѓање на косата и друго.

Подологија, или наука за стопала е гранка која во последните години ја постави „Др Ваис“ во првите редови на светски признати подолоски центри, бидејќи успеавме да ги имплементираме нашите протоколи и во неофицијални нехируршки процедури за решавање на многу проблеми како што се сраснати нокти, брадавици, курје око... На тоа му претходеше повеќегодишно активно учество на сите лекари од „Др.Ваис“ на домашни и странски конгреси на кои со своето сопствено искуство аргументирано стоевме зад сите наши неинвазивни и безболни протоколи, наспроти инвазивните хируршки интервенции по кои е неопходен долг период за опоравување на пациентите.

 

МАРИЛИ: Во денешно време многу се актуелни естетските корекции. Дали под естетска медицина се подразбираат и ваков тип на зафати и дали има вакви услуги во Вашите центри?

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: За жал, денес многумина естетската медицина ја поистоветуваат со нехируршки процедури за подмладување, односно, со моделирање на лицето со помош на ботокс и хијалурон. Притоа се занемарува најважниот сегмент не само кај медицината, туку и кај естетиката, а тоа е ПРЕВЕНЦИЈА! Кожа која се негува редовно и е под постојан надзор од лекар и терапевт има намален ризик од воспалителни процеси кои можат да остават непријатни последици како што се лузни, флеки или испукани капилари, како што е евидентно дека негуваната кожа и поспоро старее, па затоа покасно ќе има потреба за дополнително „подмладување“. Она што е специфично за „Др Ваис“ е тоа што нашите естетски интервенции се секогаш ускладени со нашите естетски критериуми, а тоа значи дека се работат по мерка, не по желба на клиентот. Многу колеги, а и клиенти ми замеруваат за тоа, меѓутоа, јас и понатаму се држам до својата изјава од пред 30 години, а тоа е дека човек во снегот остава траги од своите стопала, на кожата траги од своите раце кои зборуваат за нас самите. И затоа јас не сум Др Џубокс кој исполнува „музички желби“ на клиентите, туку имам свој естетски критериум и со својата работа оставам потпис на нивното лице. Моите слогани се: „Едукација, а не манипулација на клиентите“, „Корекција, а не трансформација“, „Бидете уникатно издание од себе си, а не копија на другите околу вас“.

 

МАРИЛИ: Дали и колку во услови на ковид-криза клиентите остануваат доследни на естетската медицина, или ги практикуваат само медицинските услуги?

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: Во овој момент клиентите се многу пребирливи и внимателни и во здравствена и во естетска и во финансиска смисла. Долгогодшината стратегија на „Др Ваис“ максимално да се грижи за своите клиенти пружајќи им врвен квалитет на услугите преку континуирана едукација на сите вработени, набавка на најквалитетни препарати, најефикасни апарати, во овој момент им пружа на клиентите чувство на комфор и сигурност при доаѓањето во било кој центар „Др.Ваис“, независно дали е тоа во Белград, Ниш или во Скопје. Финансиската неизвесност предизвикана од ковид-кризата, медицинските услуги, сепак, ги става на прво место, а ако во „прасичка-касичка“ остане уште по некој денар, тогаш се инвестира и во „пакување“, односно изглед. Од друга страна, во Белград таа разлика помалку се чувствува, зашто, многу наши клиенти, свесни дека токму со изгледот владеат со својата животна сцена, не се одрекуваат од „фасадни“ интервенции, бидејќи токму од тоа им зависи и општествениот статус. Јас, сепак, се надевам дека оваа ситуација ќе ја промени менталната склопка кај многумина и дека освен билдање мускули, ќе се премине и на билдање мозочни ќелии на кои и ќе се гради сопствената личност и кариера.

 

МАРИЛИ: Вие сте три децении на врвот на својата професија. „Др Ваис“ има естетски центри во Скопје, Белград и во Ниш. Тешко ли е да се биде успешна жена менаџер во оваа сфера и да се одржува бизнисот толку долго време?

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: Најтешко беше да се донесе одлуката уште во далечната 1990 година сама да запловам во тие непознати приватни води со екипаж кој има само медицинска база, но не и козметолошка надградба, во време кога немаше интернет, литература, едукација, козметичка понуда за решавање на проблемте..., кога се зависеше само од моите професионални и лидерски способности. Но, кога го направив тимот - се беше полесно. Заедно тргнавме во едукативни и терапевтски активности кои резултираа со огромен број задоволни клиенти и со отворање нови центри во Белград и Скопје. Уште потешко од тоа е и после 30 години да се одржиш во самиот врв на естетската медицина со далеку поброен тим и амбициозен, но реален план за развој на фирмата во перспектива.

 

МАРИЛИ: Вашата мајка е Македонка, по татко сте Србинка. Дали Вашето потекло влијаеше бизнисот да го развивате токму во Македонија и во Србија и какви се Вашите планови за во иднина, ќе се ширите ли дополнително можеби и во други држави во регионот? 

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: Родена сум во Скопје како производ на искрена љубов меѓу двајца студенти по медицина, мајка Македонка и татко Србин. Не е чудо ни што после толку години се вратив во Скопје да ја отпочнам својата професионална кариера како веќе афирмиран стручњак во областа на естетската медицина.

Медицински факултет завршив во Ниш, а потоа, во далечната 1985/86 се усовршував во областа на естетската медицина и козметологија во Париз. Се вратив во Ниш, но поради непрепознавање на општествениот сектор за новите медицински гранки што ги носам во овој град, бев во ситуација да бирам помеѓу чекање во бирото за невработени и приватниот сектор. Нормално дека јас не спаѓам во оние кои чекаат, туку тоа што треба да се направи утре јас го правам уште вчера и поради тоа тргнав да го кршам мразот во непознатиот океан на нашето поднебје наречен „Естетска медицина“. Затоа и велам дека базата ми е Ниш, бидејќи тука поминав најмногу време, тука ми е семејството, имам најмногу пријатели и сеќавања на најубавите денови од младоста.

Белград дојде спонтано во развојниот пат на фирмата „Др. Ваис“, бидејќи, иритирана од интелектуално-финансиската централизација на Белград, сакав да покажам дека во внатрешноста го има и она што престолнината го нема, па така станав препознатлива по процедурите на лечење на кожата, косата и проблемите со стопалата, афирмирајќи ги новите гранки во медицината: Козметологија, Трихологија и Подологија.

Спаѓам во личностите кои прво ќе скокнат па ќе кажат „оп“, така што неблагодарно е да се изнесуваат планови пред да се создадат сите услови за нивна реализација, но во перспектива ќе имаме исклучително силен тим специјалисти, па оттаму, отворањето на една естетско-медицинска поликлиника е повеќе од извесно.

 

МАРИЛИ: Многу вложувате во едукацијата за да ги пратите светските трендови. Кои се најсовремените методи кои моментално ги применувате во Вашите центри?

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: Императив на нашето работење е проблемот да се реши на најдобар можен начин, за што пократко време и со најмалку пари. Тоа е и најтешката формула за работа, па континуираната едукација на сите полиња и за сите вработени е неопходна со цел да ги имаме сите расположливи информации во креирање на најдоброто решение за нашите пациенти. Ако треба да извлечам по еден „ХИТ ТРЕТМАН“ од секоја област во центрите „Др Ваис“, тогаш тоа е  „СТАРЕЕЊЕ ВО РИКВЕРЦ“, или подмладување на кожата, „ФИЛЕРИ ЗА КОСА“ како најефикасен третман за стимулација на растот на косата и „ПРОТЕЗИ ЗА НОКТИ“ кај трајното решавање на проблемите со сраснати нокти.

 

МАРИЛИ: Вие сте горда мајка чиј син успешно чекори по стапките на своите предци да им помага на луѓето да ги одржат сопственото здравје и убавина. Тоа, несомнено подразбира огромна взаемна поддршка на патот кон исполнување на целите. Сметате ли дека токму довербата и меѓусебниот поттик се „ветерот во грб“ што Ве турка кон успехот веќе 30 години?

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: И мојот син Александар гради свое име, бидејќи за време студиите речиси никој не знаеше дека тој е мој син. Уште во основно училиште работите ги поставувме на свое место, а тоа е дека на стручњакот му треба знаење, а не титула, но дека ова второто му ги отвора вратите на конкурсите и дека самодовербата се гради на темелите на самопочитувањето, така што, сите оценки (а беше првенец и во основно и во средно училиште, а на Медицински факултет има просек преку 9), се резултат исклучиво на неговата работа и труд. Во време на короната сам се пријави и доброволно волонтираше на Епидемиологија, а кога при враќањето од Грција, за ПЦР тестот ме ословија со „мајката на Александар“, а не него како „син на др.Ваис“ јас бев најгордата мајка и знаев дека тој веќе има свои ловорови гранчиња в рака. Александар сака предизвици, не се плаши од одговорности, а неговиот IQ далеку го надминува просекот. Она што е поважно е што неговиот EQ е на исклучително високо ниво, така што таа емпатија сигурно ќе го води по прав пат низ животот. Взаемната поддршка и доверба, не само меѓу нас двајца, туку и помеѓу сите вработени во фирмата е најголемиот поттик и ветер во грб на тој пат до успехот. 

 

МАРИЛИ: Која е Вашата порака, како најпрво да се стане успешна жена менаџер, а потоа и да се остане на врвот исклучително долг период?

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: Визуелизацијата како дел од организацијата, за мене е веќе 50% сработена задача. Пред да тргнам во реализација јас имам точна слика за успехот и таа слика е мој „таргет“. Одам кон таа цел како „глува жаба“ која одлучила да се качи на врв на кула и не ги слуша обесхрабрувачките коментари од страна со кои другите жаби ја одвлекуваат од потфатот. А за тоа време, восхитот од радоста поради она што ме чека на крајот ми ја дава потребната енергија да не се откажам, колку и да е тежок тој пат. Во пресудните моменти се потсетувам сама себе дека успешните наоѓаат начин, а неуспешните оправдување и секогаш пронаоѓам решение да ја премостам препреката, бидејќи тие проблеми ги третирам како тест на мојата издржливост и интелигенција. Неуспехот го памтам како лекција „како не треба“, сигурно е дека нема да ја повторам истата грешка, но зошто би се откажала од нов обид кога имам и сила и волја да се радувам, знаејќи дека ме чека среќа на крајот на тој пат.Замислете девојче кое со денови гледа цветен фустан во излогот на некоја продавница, па кога ќе добие пари за роденден ќе потрча да го купи, но ќе падне и ќе ги раскрвари колената. Мислите ли дека би се вратила дома плачејќи или би продолжила трчајќи кон продавницата во страв да не се продаде фустанчето? Јас сигурно не сум таа која би се откажала од фустанот, колку и да ми се колената крвави.

 

МАРИЛИ: Што, покрај работата Ве прави среќна, Ве исполнува, како го минувате слободното време. Имате ли можеби некое хоби на кое му посветувате љубов која е исто толку голема колку што е љубовта со која и се посветувате на професијата? 

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: Несомнено заслужено носам епитет мразокршач во многу естетски третмани на екс ЈУ просторите. Јас се занимавам со естетска медицина од кога знам за себе, бидејќи, кога сакаш нешто, тогаш времето, годините, проблемите не се граница туку предизвик. За среќа навреме сфатив дека покрај љубовта, времето е најважната категорија во животот. Кој не го сфатил тоа, тој не живеел, туку го проживеал својот живот. Мене ми беа потребни речиси 20 години напорна работа да сфатам дека тоа што толку напорно работам и го правам тоа најдобро, не значи дека треба да дозволам да ме успоруваат, туку дека и останатите во тимот треба да научат како се ораат и сеат камени ниви, а јас да повлечам само кога тие ќе запрат. Дојде време капетанот да им го предаде кормилото на помладите, а тој во некое свое пристаниште рационално да си ја троши енергијата на други нешта што ги сака, како патувања, фотографија, конекција со недопрената природа... Но, и да ја надгледува пловидбата од далечина, да укажува на подводни карпи и да се радува на мирното море по кое плови бродот „Др.Ваис“ со својот екипаж и патници.


Статијата е прочитана 1762 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско