Петтиот пакет економски мерки „тежи“ 160 милиони евра

Пакетот содржи 29 мерки со кои ќе се помогнат сите сектори погодени од пандемијата, а мерките ќе се користат до крајот на 2021 година

 

Со 160 милиони евра од петтиот пакет кој содржи 29 економски мерки ќе се помогнат сите сектори погодени од пандемијата. Од оваа вредност 91,7 милиони евра се директни буџетски пари, информира денеска на прес конференција премиерот Зоран Заев. Тој потенцираше дека мерките ќе се користат до крајот на 2021 година за да имаат ефект врз економијата.

Мерките се распоредени во четири главни столба: директна финансиска поддршка за компаниите во туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани со цел задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити со неповратна компонента, креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на Царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки, даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки, како и директна помош за граѓаните.

Компаниите ќе можат да одберат дали ќе земат субвенции за плата или кредити за развој преку Развојната банка

Ќе бидат помогнати и занаетчиите, спортистите, тутунарите, лозарите и граѓаните кои имаат долгови кон јавните претпријатија, како и здравствените работници кои беа заборавени во претходните мерки. Со посебна мерка ќе се помогнат и Ромите.

Со овој пакет мерки се опфатени 120 радиодифузери во земјава преку ослободување од годишната давачка за концесии, а 15 радиодифузери ќе бидат опфатени со посебна мерка .

Компаниите кои годинава на своите работници ќе им исплатат К-15 во висина над минимално утврдената, односно повисока од 40 проценти од просекот на трите последни објавени републички плати, ќе бидат ослободени од плаќање данок за тие средства.

 


Статијата е прочитана 748 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско