Економските аналитичари очекуваат зголемување на инфлацијата

Според анкетата што ја спроведе Народната банка во декември лани стапкат на инфлација во 2021 година ќе изнесува 1,5 отсто, а наредната година би била 1,8 отсто  

 

Економските аналитичари очекуваат зголемување на инфлацијата и незначителни промени на БДП оваа и следната година, како последица на глобалнат криза предизвиката од пандемијата со Ковид-19, покажуваат податоците од анкетата што ја спроведе Народната банка во декември лани.

„Во однос на инфлацијата, малку се повисоки очекувањата за 2021 и 2022 година, при што испитаниците очекуваат дека стапката на инфлација ќе изнесува 1,5 отсто во 2021 (во претходната анкета беа 1,3 отсто) и 1,8 отсто во 2022 година (претходно 1,6 отсто)“, соопшти Народната банка.

Според аналитичарите за повисока стапка на инфлација главно би придонесле следниве фактори: досегашните остварувања на стапката на инфлација, неизвесноста предизвикана од пандемијата на Ковид-19 и преземените досегашни, но и можни нови рестриктивни мерки за справување со неа коишто би можеле да предизвикаат повторни ограничувања во синџирите на производство и снабдување, а со тоа и повисоки цени на храната, енергијата и на увезените добра.

„Според анкетните испитаници, постепеното надминување на кризата и закрепнувањето на потрошувачката, поддржано и од економските мерки, би придонесле за повисока инфлација во наредниот период. Од друга страна, евентуалното продолжување на кризата и побавното закрепнување на глобалната економија, а со тоа и помалата побарувачка за примарни производи, би довеле до пониски увозни цени и би можеле да предизвикаат остварување пониска стапка на инфлација“, велат од Народната банка.

Но, аналитичарите не очекуваат поголеми промени во поглед на економската активност. Односно, се очекува постепено стабилизирање при малку повисока стапка на раст од 3 отсто за 2021 година и раст од 3,3 отсто за 2022 година.

„Испитаниците ги посочуваат следниве фактори коишто влијаат врз нивните очекувања: неизвесноста и негативните ефекти од Ковид-19, неизвесноста околу побарувачката за нашите извозни производи и влијанието врз домашната економија, намалувањето на домашната побарувачка, пред сѐ, како резултат на поголема воздржаност на домаќинствата од потрошувачка во услови на намален доход и приватни трансфери од странство, воздржаноста на странските и домашните инвеститори, пониската кредитна активност, како и висината на јавниот долг којшто би се одразил негативно врз капиталните инвестиции“, наведуваат од Народната банка.

Според економските аналитичари вакцината и побрзото справување со пандемијата во глобални рамки, но и преземените монетарни и фискални мерки, прогресот во евроатлантските интеграции, како и враќањето на оптимизмот кај субјектите во економијата може да придонесат за посткризно забрзување на растот на економијата.


Статијата е прочитана 541 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско