ПЗУ „Белушкови“ од Радовиш – Речиси три децении успешна работа и стотици задоволни пациенти

Интервју со Стевка Василева, дипломиран инженер по биохемија, директор и менаџер во ПЗУ „Д-р Александар и д-р Методи Белушкови“ од Радовиш. Основната дејност е медицинска и лабораториска, односно во здравствената установа функционираат ординација по општа медицина и биохемиска лабораторија, како и и подружница биохемиска лабораторија. Постои од 1996 година и една од првите приватни здравствени установи во Радовиш и околината.
Како што вели Василева, духот на хуманоста, почитта и сплотеноста континуирано преовладува помеѓу целиот колегиум и токму затоа опслужуваат околу 4.000 задоволни пациенти.
„Верувам во себе, во моите колеги, моите тимови кои несебично се трудат да напредуваме и создаваме една цврста и стабилна компанија која е докажана и успешна сиве овие години.“, вели Василева во интервјуто за „Марили“.
МАРИЛИ: Вашата приватна здравствена установа е една од најстарите во Радовиш и околината. Кажете нѝ, од кога датира и кои дејности ги врши? Накусо, објаснете го историјатот на компанијата и од каде доаѓа називот на истата?
ВАСИЛЕВА: Нашата здравствена установа е една од првите приватни здравствени установи во Радовиш и околината. Формирана е во април 1996 година од д-р Александар Белушков. Нашата основна дејност е медицинска и лабораториска.
Јас сум од самиот почеток на формирањето и со тек на време станав носител на тимот кој беше задолжен за лабораториската дејност. Започнавме со еден лекарски тим и еден лабораториски тим. Нижевме само успеси, а тоа резултираше со многу задоволни пациенти. Одговаравме на секој повик, работевме напорно и работевме и теренски во село Злеово, и бројот на пациенти постојано се зголемуваше.
Работевме напорно и во годините пред нас се проширивме со педијатрија, гинекологија и школска медицина, но овие услуги повеќе не ги нудиме.
Денес, после 29 години успешна работа, опслужуваме околу 4.000 пациенти како ординација по општа медицина со три лекарски тима и две лаборатории.
Едната лабораторија е во склоп на ординацијата и постои од самиот почеток, и другата лабораторија на друга локација, како подружница, која постои веќе 12 години.
Д-р Александар Белушков веќе 15 години живее и работи во Р. Хрватска, а ние продолживме понатаму како матична ординација со три тима и две лаборатории.
МАРИЛИ: Каква е повразаноста и соработката со други поголеми биохемиски лаборатории од државата и дали постојат некои специфики во вашето работење?
ВАСИЛЕВА: Соработката со други поголеми лаборатории од државата се одржува во континиутет повеќе од 20 години. Сѐ она што не можеме да го изработиме кај нас, го праќаме до нив.
Резултатите излегуваат истиот или наредниот ден, така што пациентите добиваат навремени и точни резултати за кусо време.
Двете лаборатории подлежат на надворешни месечни и годишни контроли, што укажува на точноста и верификацијата на резултатите.
МАРИЛИ: Што значи да се гради еден успешен медицински бренд со децении? Покрај посветеноста и стручноста, на што се должи континуираниот успех на компанијата?
ВАСИЛЕВА: Само посветеноста, упорноста и трудот резултираа со она што успеавме да го изградиме низ годините, па сѐ до денес.
Духот на хуманоста, почитта и сплотеноста континуирано преовладува помеѓу целиот мој колегиум. Позитивната и релаксираната атмосфера, тимската работа и стручноста доведоа да пораснеме до ниво, достојно за сите нас.
Затоа денес сме тука каде што сме, и покрај многуте препреки кои понекогаш ги имаше во годините зад нас.
МАРИЛИ: Според Вас, што е важно жената да биде успешна во кариерата? Дали станува збор за личните карактеристики, образованието (формално и неформално), поддршката од тимот, поддшката од семејството или пак нешто друго?
ВАСИЛЕВА: Да се биде успешна во кариерата, пред сѐ, треба вистински да се сака она што се работи.
Секако, образованието е првата алка во синџирот на успехот, на кој се надоврзуваат поддршката од фамилијата, поддршката од тимот, истрајноста, посветеноста и многу работа за да се дојде до она што сме денес.
МАРИЛИ: Која е Стевка Василева приватно. Што е она што ве исполнува и релаксира во слободното време? Имате ли некое хоби или пасија? Што е причината за вашата насмевка?
ВАСИЛЕВА: Стевка Василева во приватниот живот е сопруга, мајка на две успешни деца, син и ќерка, горда на нивните успеси, среќна и исполнета жена. Секое слободно време го посветувам на домот, фамилијата и малите нешта кои го сочинуваат животот среќен. Вљубеник во музиката и фолклорот, повеќе од 15 години активно членувам во женската фолклорна група ЖФГ „Радовишанки“.
Исто така, редовно посетувам часови по фитнес и зумба. Вљубеник во природата, пешачењето и планинарењето. Сакам да патувам и запознававам нови култури и цивилизации и досега сум посетила повеќе далечни дестинации.
Насмевката е мој заштитен знак и затоа секогаш ја носам со себе. Ја имам целосната поддршка од фамилијата, децата и сопругот, кои се горди на сите мои достигнувања. Затоа, и покрај сите обврски кои ги имаме, сите се трудиме да најдеме малку слободно време и да отпатуваме некаде сами, посветени само на нас. Само исполнетиот човек е среќен човек.
Затоа, за себе можам да кажам дека со моите 53 години успеав да бидам почитувана, респектирана и докажана личност во работата која ја работам. Успеавме да се одржиме сите овие 29 години наспроти сите препреки кои беа пред нас, да издржиме, да се докажеме и да станеме уште посилни.
Верувам во себе, во моите колеги, моите тимови кои несебично се трудат да напредуваме и создаваме една цврста и стабилна компанија која е докажана и успешна сиве овие години.
Статијата е прочитана 327 пати.