„Конгресен Сервисен Центар“ – 25 години перфекција која ги надминува очекувањата на клиентите

Интервју со Весна Мицева - Тодоровска, генерален менаџер на „Конгресен Сервисен Центар“, компанија која цели 25 години успешно работи во повеќе дејности на македонскиот, но и на пазарите во регионот. Беспрекорни се во организирање настани, превод, толкување, но и во широката понуда на туристички, консултантски и издавачки услуги. Успешно делуваат во Македонија, Р. Србија, Босна и Херцеговина, Р. Албанија и Р. Бугарија. 

Но, како што вели генералната менаџерка Мицева - Тодоровска, по јубилејот од четврт век „Конресен Сервисен Центар“ подготвува нов, многу смел проект, храбар пионерски потфат на овие меридијани кој ќе ги изнененади сите, затоа што „Конгресен Сервисен Центар“ е СЕКОГАШ НАД ВАШИТЕ ОЧЕКУВАЊА.

МАРИЛИ: Конгресен Сервисен Центар одбележа 25-годишен јубилеј, четврт век успешно работење и илјадници презадоволни клиенти. Накусо, како започна оваа приказна и кои услуги ги нудите?

МИЦЕВА - ТОДОРОВСКА: Започна така, по малку. Пред 25 години. Идеите и соништата беа големи. Но, сè дојде чекор по чекор. Јас секогаш се водам од идеите. Тие се наоѓаат околу нас, во воздухот. Кога ќе замислиме идеја, таа излетува од нас и стои како мало облаче околу нашите глави. Главната поента е да ги погледнете, да ги дофaтите, да ги анализирате, и доколку се добри, да работите доволно долго и доволно упорно за да ги остварите.

Мојата работна филозофија е дека патот кон врвот и на највисоката планина започнува со првиот чекор. Мора да го направите тој чекор. Второто мото ми е – не отфрлај ништо. Барем погледни го, разговарај внимателно со луѓето, разбери ги, помогни им и ќе ти помогнат и тие. Компаниите, како и општествата, впрочем и секој облик на здружување постои за соработка. Единствено луѓето ја имаат социјалната интелигенција за соработка од сите други живи суштества на планетата. Единствено други што знаат да соработуваат се пчелите. Од нив треба да ја „купиме“ работливоста.

Ете така работи Конгресен Сервисен Центар. Кои услуги ги нудиме? Доколку имаме доволно време, би ги понудиле сите услуги. Но, немаме. Поминаа само 25 години. Накратко, нудиме, превод и толкување во сите варијанти – писмен, консекутивен, симултан на повеќе од 30 јазици. Организираме настани, нудиме консултантски услуги во речиси сите домени, влеговме во бизнисот со продажба на авиобилети преку Конгрес Травел Сервис, имаме издавачка куќа, која брзо се проби меѓу најдобрите... Само како илустрација за постигнатото ‒ имаме организирано над 10 илјади настани, имаме преведено над 1 милион страници на над 30 јазици, со нас работеле над 15 илјади експерти во најразлични области. Во нашата издавачка куќа „Полица“ може да најдете актуелни бестселери, нови изданија од популарните жанрови, како што се белетристика, драма, поезија, класична литература, детска литература, научна литература, политички книги, прирачници, но и повеќе од тоа. Притоа, секогаш сме внимавале на квалитетот. За илустрација, само од областа на преводот, кога кај нас ќе влезе документ за писмен превод, тој поминува низ процес од 8 чекори.

Најважно, тие чекори вклучуваат и лектура и проверка на квалитетот од страна на стручно лице од соодветната област.

Ако ме прашате за почитувањето стандарди, само ќе ви кажам дека нашата компанија поседува сертификати од сите ИСО-стандарди, вклучувајќи тука и наш интерен кодекс на етика. Знаете, ние не оставаме ништо на случајност.

МАРИЛИ: Освен во Македонија, ве има и во Р. Србија, Босна и Херцеговина, Р. Албанија и во Р. Бугарија. Од кога сте активни во другите земји и дали ги нудите истите услуги како во нашата држава?

МИЦЕВА ТОДОРОВСКА: Тие приказни започнаа одеднаш, и спонтано и стратешки.

Почнавме со првата канцеларија во Србија во 2001 година, потоа почнавме да работиме на пазарот на Босна и Херцеговина во 2012 година, па следуваа претставништвата во Албанија во 2017 година и во Бугарија во 2019 година.

Ширењето на пазарите е полесниот дел од приказната. Повторно ќе кажам, потешкиот дел е да обезбедите квалитетна услуга од која ќе бидат задоволни клиентите. Сакаме да ги направиме безгрижни кога ќе ни дадат задача. И тоа, дотаму што ќе заборават дека ни дале задача. А тие ќе ја добијат назад завршена беспрекорно.

Накратко, нашата мисија е во секој момент да имаме тим од висококвалификувани и сестрани специјалисти што постојано ќе се стремат кон врвен квалитет во обезбедувањето на најдобрата можна услуга за нашите клиенти.

МАРИЛИ: Го споменавте Конгрес Травел Сервис кој врши има туристичка дејност и обезбедува управување со корпоративни, односно деловни патувања. По што се издвојувате во оваа дејност, што е она што ве прави оригинални и посебни?

МИЦЕВА - ТОДОРОВСКА: Тоа е нераздвоен дел, односно директно поврзан со организацијата на настани, со преводот и толкувањето, како и со обезбедувањето сервис за патување на нашите клиенти и експерти.

Ние сме, на пример, членови на Луфтханза Сити Центар. Кога една таква голема мрежа ќе ви додели статус на член или соработник, тоа сигурно кажува нешто за сигурноста и квалитетот што ги нудиме. Можеби забележувате дека постојано зборувам за квалитет. На пазарот секогаш ќе има и помалку квалитетни и тие ќе се обидуваат да се борат со цената, но тоа е пристап што е краткорочен.

Нашата уникатност во овој дел е тоа што нудиме комплетен сервис за деловно патување до најситниот детаљ, вклучувајќи меѓународни резервации и букирање авионски билети, возни билети, хотелски резервации насекаде во светот, најмување автомобил насекаде во светот, патничко осигурување, посредување при вадење визи. Конгрес Травел Сервис е членка на АТАМ, со лиценца А во согласност со Законот за туризам на Република Македонија, издадена од Министерството за економија.

Имаме висококвалификувани вработени што поседуваат ИАТА-сертификати за меѓународно издавање авионски билети, како и сертификати за Глобалниот систем за резервации Амадеус. Главните одлики на вработените се високиот степен на професионалност, доверливоста, одржливоста и навременото завршување на задачите, што води кон доверба и задоволни клиенти.

Мотото на Луфтханза е „The jоurnеy matters“ или „Патувањата се важни“. Ние целосно го прифативме тој пристап и однос.

МАРИЛИ: Управувате и со настани? Која „бројка“ на успешно организирани настани ја постигнавте и кон што целите на ова поле?

МИЦЕВА - ТОДОРОВСКА: Да, веќе спомнав над 10 000 успешно организирани настани. Тоа е многу тешко. Но, оваа бројка не е само доказ за нашето искуство, туку и за високиот квалитет и посветеноста што ги одржуваме. Веќе сме познати како тим што постојано ги надминува очекувањата на клиентите и ги поставува стандардите во организацијата на настани. Изградивме репутација на партнер, кој не само што ги исполнува, туку и ги предвидува потребите на клиентите.

Секој што организирал и најмал настан, а секој организирал, на пример, роденден за некој свој близок или, пак, за својот роденден, знае како изгледа тоа. Е, сега замислете настан за 500 или 1 000 присутни, а на тоа додајте транспорт, сместување, превод и толкување, кабини, озвучување, камери и микрофони и аудио или видеоснимање, обезбедување „пренос во живо“, правење и обезбедување информативни пакети за учесниците, ручек, појадок и вечера, и сето тоа да им биде забавно на гостите. А, притоа да не забележат дека некој организирал. И нам ни е забавно, особено додека работиме, но сме имале и тешки и комплицирани задачи за решавање. Сепак, среќни сме кога, на крајот, од задоволните учесници ќе добиеме електронска пошта со зборовите: „Благодариме за успешната организација“. Тогаш на сите ни олеснува, на некој начин ни паѓа планина од плеќите. И, така 10 000 пати...

Знаете, и во оваа, според мислењето на некои, статична и рутинирана област, сепак работиме на новитети, на пример, интеграција на иновативни технологии, како што се виртуелната реалност или хибридни настани, а сè со цел на учесниците да им овозможиме уникатно искуство и поголема интерактивност. Иднината ја гледаме во креирањето одржливи настани што оставаат позитивно влијание врз заедницата и врз околината.

МАРИЛИ: Интересен дел од вашите активности е и издавачката дејност. Колку време постои „Полица“, и што е она што ја прави посебна?

МИЦЕВА - ТОДОРОВСКА: Забележувам дека ме прашувате според области. Понекогаш не сум ни свесна дека работиме во олку области... (се смее). „Полица“ постои 10 години. Односно, истовремено доволно и недоволно години. Областа на издаваштвото е толку многу динамична што не е лесно да останете во текот со времето, но токму таа динамика ни овозможи да се приспособуваме и да создаваме нешто навистина уникатно.

Со гордост можам да кажам дека имаме издавачка куќа што успеа да донесе дела што имаат трајна вредност. Имаме каталог што опфаќа широк спектар на жанрови. Работиме со врвни автори од земјава и од странство, а истовремено сме посветени и на поддршката на нови талентирани писатели. Во текот на овие години имаме издадено над 1 000 наслови, а некои од нив станаа вистински бестселери и го освоија вниманието на читателите во земјава. Нашата визија е да продолжиме да креираме и да издаваме дела што ќе инспирираат, ќе едуцираат и ќе остават траен печат во книжевноста.

Како што еднаш рекол Борхес: „Отсекогаш сум замислувал дека рајот ќе биде некој вид библиотека.“

Сметам дека ова ја доловува суштината на она што го правиме – создаваме мал рај за нашите читатели.

МАРИЛИ: По 25 години потврдена успешна работа во многу дејности, кон што се стремите? Какви новини може да се очекуваат во периодот што следува?

МИЦЕВА - ТОДОРОВСКА: Ух, тешко прашање. Но, на самиот почеток реков дека идеите се наоѓаат во воздухот, насекаде околу нас, па така и ќе завршам. Кога почнувавме, сè беше малку по малку, но идеите и соништата беа големи. Мислам дека и по 25 години не ме напуштило тоа силно чувство. Дури и, би рекла, сега имаме поголем товар, а тоа е да успееме уште повеќе, но има нешто што е драгоцено во тој товар – тоа е искуството.

Искуството не може да го купите или да го зајмите или да го најдете на патот. Мора да го стекнете. Меѓутоа, исто така, важно е и да разберете дека прогресот не е праволиниски пат. Тој е полн со свртувања, понекогаш и враќања назад, но секој чекор носи нова перспектива. Иднината никогаш не е нешто што доаѓа подготвено – таа е нешто што ние го создаваме со секоја одлука, секој проект, секој чекор напред.

Она што го подготвуваме сега можеби е најхрабриот потег што сме го презеле. Тоа е проект што ќе го редефинира начинот на кој размислуваме за организацијата, иновациите и нашата улога во светот на професионализмот. Станува збор за нешто што не е само ново, туку и смело, нешто што од нас бара да го надминеме она што сме го постигнале досега. Сè уште не можам да откријам, но очекувајте дека наскоро многу ќе се изненадите од Конгресен Сервисен Центар.

Влегуваме во една гооооолема авантура. Пионерски потфат за нашиве меридијани.

Нашето ново мото е СЕКОГАШ НАД ВАШИТЕ ОЧЕКУВАЊА, а во него симболично е содржана и новината за која зборувам.

Карл Густав Јунг рекол: „Кој гледа надвор, сонува; кој гледа внатре, се буди.“ Ние гледаме и надвор и внатре, балансирајќи и пулсирајќи меѓу нашето минато и иднината што сакаме да ја создадеме.

И, затоа, во следниве години може да очекувате нешто навистина ризично, необично и извонредно. Речиси сум сигурна дека ќе успее. 


Статијата е прочитана 124 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско