„Рамацоти Фуд“ – врвен квалитет по италијански рецепт, здрави и органски производи за сечиј вкус
Интервју со Арзијана Фејзи, менаџерка во Сектор за правни работи во „Рамацоти Фуд“ од Гостивар. Компанијата е специјализирана за производство на висококвалитетни производи, особено основи за римска „пинса“ (тесто од пченица, соја и ориз), подготвени и замрзнати.
„Рамацоти Фуд“ пласира производи на македонскиот пазар, а првата компанија која верувала во нивните производи се „КАМ маркетите“.
На нашите клиенти им нудиме практичен производ што ги задржува сите вкусови и квалитет на традиционалната „пинса“, вели Фејзи.
МАРИЛИ: Госпоѓа Фејзи, за почеток накратко претставете го Вашиот бизнис. Со што се занимава „Рамацоти Фуд“, што произведувате и колку години постоите на македонскиот пазар? Од каде потекнува идејата и која е спецификата на Вашиот бизнис?
ФЕЈЗИ: „Рамацоти Фуд“ е компанија специјализирана за производство на висококвалитетни производи, особено основи за римска „пинса“ (тесто од пченица, соја и ориз), подготвени и замрзнати.
Наша мисија е да ја донесеме традицијата на римската „пинса“ на македонскиот пазар, нудиме автентичен и разновиден производ, идеален за ресторани, пицерии и крајни потрошувачи. На македонскиот пазар сме присутни од 2019 година.
Нудиме практичен производ што ги задржува сите вкусови и квалитет на традиционалната „пинса“. Идејата за „Рамацоти Фуд“ произлегува од мојата страст за италијанската кујна, особено за римската пица.
Сакав да создадам производ што ќе им биде достапен на сите, овозможувајќи им на потрошувачите да уживаат во традиционално јадење на лесен и брз начин.
По внимателно истражување, развивме автентичен рецепт што ги почитува оригиналите на пицата.
„Рамацоти Фуд“ се истакнува по високиот квалитет на своите состојки и прецизниот производствен процес. Користиме природни и свежи состојки, без вештачки конзерванси за да гарантираме производ што не само што има одличен вкус туку е и здрав. Нашите основи за пица се замрзнати за да ги задржат свежината и квалитетот, нудејќи им на нашите клиенти практично и вкусно решение за нивните оброци.
МАРИЛИ: Дали Вашата компанија пласира производи на македонскиот пазар и колкав дел од производството е наменето за извоз во странство? Каде најмногу ги извезувате Вашите производи? Кон што се стреми „Рамацоти Фуд“ и дали има новини на повидок?
ФЕЈЗИ: Да, нашата компанија активно пласира свои производи на македонскиот пазар. Првата компанија која веруваше во нашите производи и нѐ поддржа се КАМ маркетите.
Нашите производи ги има и во многу ресторани во Скопје, како „Воденица“, „Ено Бар“, „Стебло Бар“ и други. Во моментов, околу 70 % од нашето производство е наменето за извоз во странство и тоа најмногу во Германија, Италија, Шпанија и Шкотска.
Во блиска иднина планираме да лансираме нови видови производи што ќе понудат дополнителни опции за нашите клиенти, вклучително и варијации на бази од „пинса“.
МАРИЛИ: Како ја оценувате бизнис-климата во нашата држава? Дали има погодности и можности за развој на нови бизниси? Дали планирате да го проширите пласманот на Вашите производи на домашниот пазар?
ФЕЈЗИ: Бизнис-климата во Македонија нуди значајни можности за развој и иновации во различни сектори, вклучително и во прехранбената индустрија.
По десет години искуство во секторот на прехранбена индустрија во Италија, стекнав знаења што ми овозможија да станам адвокат за деловно право, следејќи различни странски компании во Македонија.
Македонската легислатива поттикнува конкурентност во производството, а ниските даноци и билатералните договори им овозможуваат на компаниите да бидат конкурентни во Европа.
Сметам дека постојат погодности, особено во однос на даночните поддршки и субвенциите за нови компании.
Постојат програми што промовираат иновации, а компаниите во прехранбената индустрија можат да се истакнат со нови производи што одговараат на трендовите и побарувањата на потрошувачите.
Со зголемувањето на интересот за органска и здрава храна, ние во „Рамацоти Фуд“ сме во добра позиција да ги искористиме овие можности. Работиме на нови стратегии за маркетинг и соработка со прехранбени продавници, ресторани и други деловни партнери.
Веруваме дека со нашата понуда може да привлечеме поширока публика и да придонесеме за растот на сегментот на здравата храна во Македонија.
МАРИЛИ: Вие сте дел од семејниот бизнис, ги координирате работите во правниот сектор на компанијата, а по вокација сте и адвокат. Според Вашето мислење, што е пресудно за напредокот и успехот во кариерата на жената? Дали тоа се личните карактеристики, образованието, постојаната надградба, поддршката од семејството и тимот или, пак, нешто сосема друго?
ФЕЈЗИ: Според моето искуство, како некој што е дел од семејниот бизнис и како адвокат на компанијата, но и како некој што ги следи процесите и работите во компанијата, верувам дека успехот на жената во кариерата се базира врз комбинирање на неколку клучни фактори. Личните карактеристики, како решителноста, самодовербата и способноста да се справува со предизвиците, се од суштинско значење.
Образованието и постојаната надградба на знаењето во деловниот свет што брзо се менува, исто така, играат важна улога. Мојата улога е гарантирање на правната заштита и поддршка на компанијата што е клучно за нејзиниот успех. Поддршката од семејството и тимот е дополнителен основен фактор. Силниот систем на поддршка овозможува подобро фокусирање на професионалните цели и ефективно управување со одговорностите. Способноста за адаптирање и еволуција како одговор на динамичните контексти, исто така, е суштинска, како и градењето професионална мрежа на односи и ментори што можат да понудат насоки и можности.
На крајот, важно е да се биде отворен за учење и подготвен да се искористат новите можности. Оваа синергија на фактори не само што промовира индивидуален успех туку и придонесува за создавање на поздраво и попродуктивно работно опкружување. Длабоко верувам дека напредокот на жената во професионалната сфера е резултат на комбинација од овие варијанти што заедно создаваат солидна основа за успешна кариера.
МАРИЛИ: Која е Арзијана Фејзи приватно? Како успевате да ги балансирате работните и приватните обврски? Што ја релаксира Арзијана по долгиот и напорен работен ден?
ФЕЈЗИ: Арзијана Фејзи е мајка на три преубави девојчиња, на кои им е целосно посветена.
Живеам за моите деца и се залагам да им дадам поддршка и љубов во секоја фаза од нивниот развој.
Мој најголем поддржувач е мојот сопруг, Неим Фејзи, кој секогаш е до мене и ми помага да ги балансирам семејните и работните обврски.
Балансот помеѓу работата и семејниот живот е од суштинско значење за мене.
Се трудам да ги планирам и организирам своите обврски на начин што ќе ми овозможи да ги завршам работните задачи во рамките на работното време за да можам да им посветам квалитетно време на моите деца. Ефикасното управување со времето е клучно, а времето поминато со децата за мене е највозвишено искуство. Ме исполнува уживањето во среќата и развојот на моите деца, а читањето книги ми помага да се релаксирам и да го одморам умот.
Децата и сопругот ме комплетираат и тие се мојот извор за баланс и мир.
Статијата е прочитана 233 пати.