Новинарски дневник на Ненад Баткоски преточен во публицистичко дело
Интервју со Ненад Баткоски, публицист, поранешен новинар и главен уредник на Издавачката куќа „Бата прес“ и преведувач на книжевни дела. Најнова публицистичка книга на Баткоски е „Падот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“, а автор е и на делата „Македонска бизнис елита“ и коавтор на книгата „Димитар Илиевски – легенда на македонскиот шах“. Превел 30 книжевни дела на македонски јазик, генерално од српски, хрватски, француски и бугарски јазик.
Работел како новинар во весниците „Борба“, „Република“, „Долар“ и други, а бил главен уредник на новинската агенција МИА. Бил директор на списанието „МИС“, соработувал со бугарскиот неделник „Време“ и со франкофонски медиуми во Лозана и Париз, како и со весници во Словенија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Како главен уредник на издавачката куќа „Бата прес“, од 1995 година до сега, подготвил за објавување преку 300 наслови од македонски автори. Од 2007 до 2022 година, бил вработен и се пензионирал како советник во Министерството за одбрана.
МАРИЛИ: Најпрво, честитки за Вашето најново дело „Падот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“ во издание на „Бата Прес“. Што Ве инспирираше да креирате едно вакво дело кое говори за долг 40-годишен процес на менување на државните граници и општествата од поранешна Југославија и за осамостојувањето на Македонија?
БАТКОСКИ: Насловот на книгата се наметна во самиот тек на нејзината подготовка. Ги разгледував текстовите што ги објавив во осумдесеттите години на минатиот век, од кои од ден на ден се гледа дека се продлабочува кризата во Југославија. Беше видливо дека во републиките и покраините на поранешна Југославија јакнат националистичките сили, гледања и аспирации.
По кризата во партискиот врв на Србија, во 1987 година, со доаѓањето на Слободан Милошевиќ на власт, поделбите се продлабочија. Во Хрватска по воведувањето на повеќепартискиот систем и парламентаризмот најјака стана партијата ХДЗ, на Фрањо Туѓман.
Сето тоа беше видливо на страниците на тогаш единствениот југословенски весник „Борба“, па и во моите статии и информации што како дописник ги објавував од Македонија, како и во текстовите што ги објавив во „Млад борец“, весникот на „македонската демократска пролет“, чиј главен уредник беше Никола Младенов.
МАРИЛИ: Книгата е сублимат од вашиот долгогодишен творечки опус, посебно како новинар. Што сѐ содржи ова Ваше авторско дело?
БАТКОСКИ: Книгата е поделена на два дела, а нејзиниот работен наслов беше „Од мојот новинарски дневник“. Но како што ги подредував и селектирав текстовите што сега се објавени, се покажа дека и текстовите од Македонија ја одразуваат југословенската криза.
На пример, има текст со индикативен наслов „Рафинерии на нашите делби“, текстови за „случајот Кратово“, „случајот Вевчани“, „Фени“, „Колишевски“, „Осуммината“, рехабилитацијата на Ченто, бурните дискусии на седниците на ЦК СКМ, состаноците, односно неуспешниот „самит“ на раководителите на републиките и покраините во Охрид, настаните во манастирот „Прохор Пчињски“ при обележувањето на „Илинден“, интервјуата со челниците на политичките партии во Македонија. Така се наметна насловот на првиот дел – Падот на Југославија. Некако истовремено почнаа и подготовките и дебатите за референдумот и иднината на Македонија, па оттука вториот дел има наслов – Осамостојувањето на Македонија.