Проф. д-р Јана Манева - Чупоска: Го живеам мотото „Уметноста е живот - животот уметност“
Интервју со ликовната уметница, проф. д-р Јана Манева – Чупоска, претседателка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), редовен професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, автор на стручна литература и меѓународни трудови во научни зборници од областа на ликовната уметност и дизајн.
Еден од поводите за ова интервју е и претстојната самостојна ликовна изложба на проф. д-р Манева – Чупоска која ќе се одржи на 27 ноември, во Македонскиот културен центар во Истанбул, Р. Турција.
МАРИЛИ: Почитувана д-р Манева - Чупоска, еден од поводите за ова интервју е Вашата самостојна изложба во Истанбул. За каква изложба станува збор и какви се Вашите очекувања?
ПРОФ. Д-Р МАНЕВА - ЧУПОСКА: Изложбата во Истанбул е предвидена да се отвори втората половина на месец ноември во Македонскиот културен центар во Истанбул.
Овој центар е многу значен за претставувањето на македонската култура во Р. Турција. Јас ќе се претставам со изложба на триесеттина цртежи кој како циклус го започнав во Ковид пандемијата. Насловот на изложбата е „Љубовници во пандемија“ кој го започнав во пандемијата но ваквиот циклус го продолжив со надополнување и ликовно истражување за емотивната и социјална средина во која човекот денес живее.
Средина во која денес човекот целосно се отуѓува со изместени човечки вредности, барање на некаква слобода која не доведе до целосна анархија и непочитување, би додала и на основните човекови начела на однесување во едно општество.
Истанбул е голем град, прекрасен град и многу значаен за нашата христијанска православна историја. Истанбул е нашиот византиски град, а Аја Софија наречена Црква на пресветата мудрост или Црква на божествената мудрост е изградена во тогашен Цариград, денешен Истанбул, во шестиот век од новата ера, под раководство на византискиот император Јустинијан I, како седиште на Цариградската патријаршија од 537 година, кога и започнала да се гради самата црква.
Чувството да се излага во овој прекрасен град со космополитски дух и крстосница на различни култури е навистина голем предизвик за мене како визуелен уметник. Изложбата е финансирана од страна на министерството за култура и туризам како проект од национален интерес за 2024 година.
МАРИЛИ: Вие сте и претседателка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), едно од најстарите друштва од ваков вид на Балканот. Кои се вашите ингеренции во ДЛУМ и кои се идните планирани активности во периодот што следи и за 2025 година?
ПРОФ. Д-Р МАНЕВА - ЧУПОСКА: На оваа позизција дојдов во 2022 година кога бев избрана на собранието на ДЛУМ како нова претседателка на ДЛУМ. Голема чест за мене е да застанам на чело на ова здружение кое е најстаро здружение каде за две години ќе го прославиме јубилејот осумдесет години постоење. ДЛУМ го основале бардовите на ликовната сцена во Македонија како што се: Личеноски, Мартиновски, Владимирски, Поповиќ-Цицо. Во 1945 година се отвора првата изложба на ДЛУМ каде се преземала и иницијатива и за отворање на средното уметничко училиште тогашно 2-ри Август, сегашно Лазар Личеноски. Цела една колективна ликовна меморија е содржано во самото здружение.
Многу генерации, многу значајни членови кои допринесуваат за развојот на ликовната творечка сцена кај нас. ДЛУМ е здружение со национален предзнак пред се.
Секако и одговорноста е голема да се биде на чело на вакво здружение и да се продолжи со континуирано делување на самото друштво. Ја имам поддршката на членовите и колегите од раководните тела кои се дел од ДЛУМ како што се Управниот одбор и Уметничкиот совет на ДЛУМ.
Овие тела синхронизирано работат според нивните надлежности, трудејќи се сите заедно одговориме на професионалните задачи и предизвици кои ДЛУМ ги има зацртано како цели.
Тоа се афирмација на македонската ликовна уметност, презентација надвор од Македонија, грижа за самите членови преку организација на многу изложби каде тие имаат можност да го презентираат своето актуелно творештво, контакт со други уметници како од земјата така и од надвор, креирање на професионална биографија со многуте каталози од самите изложби и слично.
ДЛУМ од оваа 2024 година се здоби со постојан дом каде Министерството за култура ни додели простор кој е во официјална сопственост на ДЛУМ.
Сметам дека ваквиот чин на доделување е од огромно значење за нас уметниците челнови на ДЛУМ, па ако сакате и историски чин, бидејќи ДЛУМ после речиси осумдесет години постоење во 2024 година доби свој сопствен дом.
Ни претстојат уште други активности поврзани со самата куќа и нашиот нов дом, а тоа е да се обезбедат средства за санација на просторот за да можеме конечно да се вселиме и официјално да функционираме од таа адреса, Илинденска бр.63.
МАРИЛИ: Вие сте редовен професор на Факултетот за Арт и Дизајн при Европскиот Универзитет во Скопје. Колку долго постои овој факултет и каков е интересот за овој факултет?
ПРОФ. Д-Р МАНЕВА - ЧУПОСКА: Предавам на факултетот за Арт и дизајн при Европскиот Универзитет речиси дваесет години, каде поминале многу генерации на студенти.