Самостојна ликовна изложба „Фигурации“ на проф. д-р Никола Смилков во Офицерски дом во Битола на 18-ти октомври
Сасмостојна ликовнaта изложба под наслов ,,ФИГУРАЦИИ“ е дел од конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес од културата за 2024 година д областа на визуелни уметности на Министерството на Р.С. Македонија и ќе биде отворена на 18.10.2024 во 19 часот во Офицерскиот дом во Битола. На изложбата ќе бидат претставени осумнаесет скултури во мермер и бронза во галериски формат на проф. д-р Никола Смилков. Изложбата ја финасира Министерство за култура.
ЛИКОВНА КРИТИКА
Скулптуралноста кај Никола Смилков е чиста, јасна, директна и ликовно избалансирана низ одредена ис кристализирана стилизација како одраз на изградени перфекционистички творечки израз во повеќе креативни насоки.
Нејзината генеза, се надоврзува врз одредената вајарска традиција создавана низ нашиот современ скулпторски историкум. Сепак тоа се само „регистрирани“ одредени рефлексии, проблесоци, кои се надоврзуваат, доискажуваат и испреплетуваат низ сиот вајарски свет на македонската скулптуралност.
Покрај тој логичен и оправдан творечки пат, тој создава одреден специфичен израз кој што, длабоко понира не само врз одразот, преиспитуваето и пресоздавањето на формата. Неговиот творечки пат е во специфична конфронтација, особено со денешниот најчесто формално и „инсталациско - еднодневно“ постоење на материјалот-кој е сведен на своевидна досетка во соодносот на еден глобалистички испразнет маниризам.
Припаѓајќи на своевидна „традиционална“ скулптурална универзалност и оддаденост, тој успева да ги разоткрие и директно пренесе чувствата и чувствителноста на секој негов допир со материјалот, останувајќи верен и длабоко искрен кон својот свет, нетенденциозно а длабоко и возвишено искажан со скулптуралниот израз.
Осаменост, патувања, разделби
Скоро сите негови мотивски преокупации се претстави на женски фигури, кои содржат јасни, прецизни и суштински линиски системи, што во ликовна смисла, имаат широк и скоро безвремен дијапазон од праисторискиот ликовен архетип до денешната стилизирана лаконска директност.
Смилков не е окупиран со монументалност, енергичност или сила изразена со пренагласена присутност. Напротив, неговите „минијатури“ носат монументална чувствителност, тивка скоро шопеновска елеганција и незаборавност. Секоја „фигура“ е своевидна молска етида низ која се разоткрива длабока чувствителност. Секоја „фигура“ е мермерен или бронзен кристал во кој е забележан оној суштински човеков универзум составен од бескрајот на емотивниот свет - така жестоко и демонски нападнат денес. Тоа се елементи на вечното траење, материјата или материјалноста е само формата, суштината е она што не го гледаме како секојдневната баналност туку го доживуваме како што отсекогаш животот не доживувал нас и нè чувал од сите зла.
Меланхолијата, осаменоста, пропуштените патувања, куферот полн со спомени...се своевидна скулпторска поетска поетска антологија која покрај сите крстопати сите пропуштени, најдени, изгубени, долго очекувани патишта, носталгии, сеќавања за љубовта која доаѓа и си заминува, ненајавена и неочекувано, оставајќи ни го сонцето и неговата нежна светлина и топлина не како утеха а како патоказ на една ѕвезда која во тагата, во тивката осаменост и чувството за трагичноста на постоењето го распознава нашиот свет кој е во длабока поврзаност со севкупната светлина од која сме создадени и од која е создадена севкупната наша љубов која цел живот ја очекуваме на сите крстопати на животот.
Избегнувањето на било какви асоцијации кои наговестуваат форми распознатливи за човечкото тело-глава, очи, усни, јасни торза итн.
Смилков намерно избегнува конкретност, дефинираност или распознатливост.
Носејќи го страдањето, меланхолијата, очекувањето, разделбата, внатрешната музика на поетската тага или загледаност во бескрајот, не на просторот туку во бескрајот на нашата душа, тој оваа состојба, оваа вечна состојба на нашето земско пулсирање ја носи до јасен симбол, директна асоцијативност, разголена и ослободена од целата надворешна материјална формалност пренесувајќи ни ја емотивноста, чувствителноста, сензибилноста, целиот наш зададен, единствен и таинствен чувствен свет до своевидна универзалност која ќе опстои наспроти сè
Неговата стилизираност е еден вид поетски исказ, неговата мотивска поставеност е своевидна литературна белешка на животот, неговото варирање на одредената циклусна пројава е само негова творечка непрекинатост во истражувањето и разоткривањето на севкупната емотивна непрекинатост која ја носиме. Нашиот живот е секогаш исправен пред сите раскрсници на барањето на смислата.
Копнеж
Во корелација со целиот тој спектрум на авторско доживување на светот и местото на човекот во него, Смилков, развива уште еден специфичен циклус во кој многу нежно, сензитивно, скоро таинствено ја раслојува љубовта откривајќи ги сите „кореографии“ на нејзината левитирачка желба да се ослободи од копнежливото тело и да се вивне во бескрајноста на просторот без непотребна гравитација, без непотребни, неслободни ограничувања.
Преку своите скулптури, тој ја ослободува суштината на љубовта, откривајќи ја севкупната нејзина величенствена, а скромна ослободеност од сè и нејзината целосна слеаност со сонцето, со треперењето на природата, со хармонијата на создавањето, со постоењето на оној вистински свет, сè помалку видлив, сè повеќе игнориран и заробен во ништожноста на лажниот материјализам и телесна алчност со канибалистички потрошувачки жестокости.
Во време на отсуство на скулптуралноста, во време на одалечување од човечката суштина и смисла, творештвото на Никола Смилков, ни докажува, ни покажува, ни потврдува со мермерна кристалност и бронзена сигурност дека и покрај апсурдните тенденции човечкиот емотивен свет да се замени со демонски технократизам, има нешто кое е посилно од сè и за секогаш неуништливо - човечкото чувство и човечкото љубовно постоење.
Уметноста не е меѓу нас за да ни го „преувеличува“ егото и самољубието, туку да нè спаси од сите замки кои самите суицидно секојдневно си ги поставуваме.
Скулптурите на Смилков не се само ликовни дела туку и своевидни слова, азбучници преку кои е испишана нашата вечност.
Впрочем нашето милениумско опстојување е токму заслуга на тој спасувачки смисол на на нашето дејствување кој што сигурно не дошол од темнината на сè позагадениот животен егзистенциум, туку од далечните елементи на сеопфатниот творечки универзум. - Владо Ѓорески
БИОГРАФИЈА
Никола Смилков е роден 1973 година во Штип Македонија. Студирал на Факултетот за ликовни уметности за уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирал, а магистрирал во 2002 година од областа на вајарството во класата на проф. Драган Попоски Дада. Во 2012 година се стекнувa со титула Доктор на науки на Педагошкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, од областа на Методика на ликовно образование. Учествувал на многу меѓународни симпозиуми на кои има поставено повеќе монументални скулптури и учество на групни изложби во Австрија, Шпанија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Турција, Франција, Кина, Египет и Индија.
За време на професионалната кариера реализирал неколку студиски посети, вклучително и во Cite De Arts во Париз и Прима Центар во Берлин, завршувајќи ги посетите со самостојни изложби.
Во 2021 година, добива награда Гран при на Петтото меѓународно биенале на акт „Марко Крстов Греговиќ“ во Будва, Црна Гора.
Како национално признание за неговата уметничко работа, Смилков е двапати наградуван.
Во 2008 и 2016 година ја добива Првата награда за скулптурата „Димо Тодоровски“ од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).
Статијата е прочитана 439 пати.