„Бизнис Академија Смилевски“ – во тек уписи на единствената акредитирана високообразовна установа специјализирана за менаџмент

Интервју со проф. д-р Гордана Тасевска, директор на Бизнис Академија Смилевски - БАС во Скопје и Битола. Проф. д-р Тасевска веќе 16 години е дел од БАС како професор во областа на Менаџмент на човечки ресурси, потоа како одговорна за настава, заменик директор и во моментов како директор на академијата. Проф. д-р Тасевска во интервјуто вели дека на новата функција гледа како на можност да ги примени своите знаења и искуства, за да ја унапреди институцијата и да ја подигне на уште повисоко ниво.  

Бизнис Акадедемија Смилевски е единствената акредитирана високообразовна установа која успешно функционира во областа на високото образование уште од 2007 година. БАС успешно создава кадри од областа на менаџментот коишто се препознатливи по вештините и компетенциите, стекнати за време на студиите. 

МАРИЛИ: Најпрово честитки за новата функција, директор на Бизнис Академија Смилевски. Од кога сте дел од БАС, на кои позиции бевте претходно и каков предизвик претставува новата функција за Вас?

ПРОФ. Д-Р ТАСЕВСКА: Ви благодарам за честитките. Навистина е голема чест и привилегија да го преземам раководењето со Бизнис Академија Смилевски (БАС), институција со која сум нераскинливо поврзана веќе 16 години. Во текот на овој период, имав можност освен како професор во областа на Менаџмент на човечки ресурси, да поминам низ различни функции, почнувајќи како одговорен за настава, потоа како заменик директор, пред да ја преземам сегашната функција. Ова долгорочно искуство ми овозможи длабоко разбирање на организациските процеси, академските стандарди, како и предизвиците и можностите кои ги нуди високото образование. Секој од овие ангажмани беше исклучително значаен за мојот професионален развој и за моето разбирање на улогата која образованието ја има во општеството.

Преземањето на функцијата директор со мандат од три години е голем предизвик и одговорност за мене. Гледам на ова како на можност да го применам стекнатото знаење и искуство на начин кој ќе ја унапреди нашата институција и ќе го подигне нивото на квалитет во образованието кое го нудиме.

Мојот фокус ќе биде насочен кон континуирано подобрување на наставните програми, зајакнување на академската заедница, и обезбедување на уште поголема конкурентност на нашите дипломци на пазарот на трудот.

Верувам дека БАС има потенцијал да стане лидер во високото образование, не само на локално, туку и на регионално ниво, и со оваа визија ќе продолжам да работам, поттикнувајќи иновации и воспоставувајќи нови стандарди на успех.

Посебно горда сум на тоа што сум дел од БАС од самото отворање. Имав привилегија да бидам сведок и активен учесник во растот и развојот на Академијата од нејзините почетоци.

Од првиот ден, бев посветена на поставување на темелите и развивање на наставните програми кои денес претставуваат суштински дел од нашата институција. Ова длабоко вкоренето искуство ми дава уникатна перспектива за предизвиците и можностите со кои ќе се соочуваме во иднина, и дополнително ме мотивира да ја водам БАС кон нови успеси.

МАРИЛИ: Што опфаќаат студиските програми за академската  2024-2025 година, како за додипломските, така и за последипломските студии?

ПРОФ. Д-Р ТАСЕВСКА: Нашите студиски програми за учебната 2024-2025 година се внимателно дизајнирани за да ги подготват студентите за предизвиците и можностите на современиот пазар на трудот. На додипломските студии, нудиме две програми: Бизнис менаџмент и Маркетинг менаџмент.

Програмата за Бизнис менаџмент има за цел да ги оспособи студентите во различни аспекти на менаџирањето на бизнисите, од планирање и организација, оперативните процеси и менаџирањето на човечки ресурси до финансиски менаџмент. Со фокус на практични вештини и аналитички пристап, програмата ги подготвува студентите да станат компетентни менаџери, подготвени да работаат во успешни организации, но и да отвораат сопствени бизниси.

Маркетинг менаџмент како програма е наменета за студентите кои сакаат да ја разберат и совладаат уметноста и науката на маркетингот. Од класичен маркетинг до дигитални стратегии, програмата ги покрива сите аспекти на маркетингот и комуникацијата.

Студентите ќе научат како да развиваат иновативни маркетинг кампањи, како и да ги анализираат и интерпретираат пазарните податоци, со што ќе станат високо вработливи во динамичниот свет на маркетингот.

Стратегиски менаџмент на човечки ресурси е нашата постдипломска програма која е фокусирана на создавање лидери во полето на менаџирањето на човечки ресурси.

Со оглед на тоа дека човечките ресурси се клучен фактор за успехот на секоја организација, оваа програма нуди длабинско разбирање на стратегискиот пристап кон менаџирањето со луѓе, развој на таленти и организациска култура. Студентите ќе бидат оспособени со напредни знаења и вештини кои ќе им овозможат човечките ресурси да ги издигнат кон човечки капитал на начин што ќе ја зголеми продуктивноста и иновацијата во организациите.

Сите наши програми се дизајнирани со силен фокус на вработливоста на студентите. Во текот на студиите, студентите се изложени на реални деловни случаи, работат на проекти со компании и учествуваат во пракси кои им овозможуваат да стекнат директно искуство од организациите. Програмите се постојано ажурирани за да ги одразуваат најновите трендови и потреби на пазарот, со цел да ги направат нашите дипломци конкурентни и подготвени за успех веднаш по завршувањето на студиите. Со ваков пристап, веруваме дека нашите студенти не само што ќе ги совладаат теоретските концепти, туку и ќе бидат подготвени да ги применат во практиката, што значително ќе ја зголеми нивната вработливост и способност да се адаптираат на брзо променливата деловна средина.

МАРИЛИ: Практичната настава како дел од програмската содржина во студиските програми, БАС ја воведе и тогаш кога таа не беше обврзна со Законот за високото образобание. Колку таа им помага да се вработат во реалниот сектор?

ПРОФ. Д-Р ТАСЕВСКА: Практичната настава е еден од клучните елементи на нашите студиски програми во БАС, и горда сум што Академијата ја воведе уште пред таа да стане законска обврска. Оваа проактивност во образованието е одраз на визијата на еден од основачите на БАС, проф. Цветко Смилевски, кој како ментор на мојот завршен труд на докторските студии, ја насети потребата од практично образование и неговото значење за вработливоста на дипломците и истата иницијатива беше тема на докторскиот труд. Преку детално истражување и анализа, дојдовме до заклучок дека практичната настава не само што ја зголемува вработливоста на студентите, туку и ги подготвува за предизвиците со кои ќе се соочат во реалниот сектор. Ова сознание уште тогаш го споделив со проф. Смилевски, и заедно ја формулиравме стратегијата која БАС денес ја применува во своите програми.