Донесен ребалансот – обезбедени средства за пензии и плати, за студентите, земјоделците, бизнисот и доспеаните обврски

Собранието вчера го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2024 година. Со Ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари или повисоко за 2,6%, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6%, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Додека врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4% на 4,9% од БДП.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето по Дополнетиот ребаланс истакна дека тој претставува обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината,  со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите коишто имаат соодветна динамика.

 „Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет како што се недоволно испланирани средства за права коишто се законски предвидени, средства за сервисирање доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи да обезбедиме редовна исплата на плати, кои ќе бидат усогласени согласно Закон во септември, да обезбедиме редовна исплата на пензиите и да го реализираме нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, да ги исплатиме доспеаните обврски и да не ги одложуваме, затоа што тоа го бара економијата, во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат дополнителни 6 милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво. Тоа е еден од факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која како што покажуваат податоците забележа слаби резултати во првата половина од годината“, рече министерката за финансии.

Според министерката ребалансот во целот не ги отсликува политиките на новата Влада, туку претставува најоптималниот начин да се надоместат пропустите и на некој начиј најавува по која линија ќе се води фискалната политика во наредниот период.

Ребалансот обезбедува дополнителни 4,2 милијарди денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензии, 800 милиони денари за исплата на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари за ТИРЗ зоните, 1,7 милијарди денари за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор,  437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милионии денари за блок дотации, дополнителни 0,8 милијарди денари за исплата на камати кон домашни меѓународни кредитори, 5,1 милијарда денари за исплата на гаранции, кои претпријатијата до крајот на 2024 година година сукцесивно треба да ги вратат и уплатат средствата во Буџетот на државата.

Исто така, ребалансот обезбедува 6 милијарди денари за локални инфраструктурни проекти и капитални расходи во висина од 44,7 милијарди денари кои се наменети за инвестиции во реконструкции и модернизација на јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и за рурален развој.

Со Ребалансот на Буџетот економскиот раст е ревидиран на 2,1 % од претходно проектираниот 3,4%, додека стапката на инфлација е проектирана на 3,5%.


Статијата е прочитана 233 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско