Бесими - Суперти: Планот за раст силен инструмент за интеграција во ЕУ, искористување на можностите и работа на домашен терен
Планот за раст на Западен Балкан е силен инструмент и силна порака за регионот дека земјите од Западен Балкан треба да го забрзаат движењето по евроинтеграцискиот пат. ЕУ ја подава раката, а земјите треба да ја искористат можноста, да преземат одговорност на сопствен терен, да спроведат реформи и да го премостат јазот побрзо стигнувајќи до ЕУ стандардот за своите земји и своите граѓаните. Ова, како што соопшти Министерството за финансии, беше истакнато на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со новата директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговови за проширување на Европската Комисија, Валентина Суперти.
„Владата и Министерството за финансии посветено работат на реформи и политики кои ќе ја доближат РС Македонија до ЕУ семејството. Во текот на овој месец е усвоена Програмата на економски реформи 2024-2026 година која ги содржи сите реформски мерки кои имаат европски предзнак на кои ќе се фокусираме во наредниот период со цел таа реформска агенда да биде испорачана согласно утврдената динамика“, рече министерот Бесими.
Тој потенцира дека овој документ ќе биде надоврзување на агендата за Планот за раст на Западен Балкан и оти институциите се веќе подготвени за тој процес.
„Петте приоритетни области за Северна Македонија кои се избрани во договор со Директоратот за проширување се однесуваат на управување со јавните финансии, дигитална и енергетска/зелена транзиција, човечкиот капитал, деловно опкружување и владеење на правото. Работиме, заедно со колеги од Брисел и Делегацијата на ЕУ, на финализирање на клучните елементи од реформската агенда. Следните чекори се во развивање конкретни активности за имплементација на реформите и придружните инвестиции“, рече министерот Бесими.
На средбата, како што е наведено во соопштението, беше посочено дека Реформската агенда 2024-2027 година ќе и овозможат на земјата да напредува во владеењето на правото, да ја зголеми ефикасноста на јавната администрација и судството, да ги подобри јавните услуги, да ја зголеми продуктивноста и да создаде можности за работа, како и напредок во дигитализацијата и зелената транзиција.
Од Министерството за финансии велат дека спроведувањето на мерките ќе придонесе за зајакнување на капацитетите на земјата да одговори на шокови, да ја одржи макроекономската стабилност и да постигне одржлив и инклузивен раст.
„Активности за спроведување на овој процес се одвиваат со забрзана динамика. Во таа насока беше и денешниот состанок на лидерско ниво во Скопје заедно со претставници од ЕУ и САД“, се наведува во соопштението.
Статијата е прочитана 289 пати.