Новопримени архивски материјали во 2023 година - последна проекција на Кинотека

Во Кинотеката вечер ќе се одржи проекција на дел од новопримените филмски материјали што се прибрани од 2023 година. Ова ќе биде последната официјална филмска проекција за оваа годинава.

Една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали, односно на Филмскиот архив при Кинотеката – е токму прибирањето на филмови и придружни филмски материјали кои се поврзани со Македонија. Кинотеката годинава оствари соработка со Филмскиот музеј „Ај“ (EYE Filmmuseum) од Амстердам, Холандија, Кинотеката на регионот Савоја (Cinémathèque des Pays de Savoie et de l’Ain) од Франција, Компанијата „Филмске новости“ (Filmske novosti) од Белград, Србија, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и повеќе приватни лица, соопштија од Кинотеката.

Како што информираат, повеќето од филмовите се црно-бели, без тон и се настанати во период од четириесетина години, од 1912 до 1952 година. Оние што се без тон ќе бидат придружени од „Лепи Џони“ на гитара и електрично пијано.

Првиот, деветминутен нем филм под наслов „Балканска војна“ е прибран од Филмскиот музеј „Ај“ од Амстердам, а е во продукција на француската компанија „Пате“ и го покрива период од Балканските војни од 1912 г. сѐ периодот непосредно по завршувањето на Првата светска војна.

Вториот, осумнаесетминутен црно-бел филм под наслов „Од Листервелд до Охридското езеро - увид во народниот живот во јужна Србија“ е повторно прибран од холандскиот „Ај“-музеј. Снимен е во периодот меѓу двете светски војни и целосно е посветен на Македонија. Во него е употребена соодветна македонска музика, а има и написи на холандски јазик што го илустрираат прикажаното.

Третиот филм е петнаесетминутен црно-бел филм во холандска продукција, повторно преземен од холандскиот „Ај“-музеј, снимен исто така меѓу двете светски војни, со титли на англиски јазик и наслов „Пулсот на Југославија“. Во него се прикажани снимки од Нови Сад и Белград, но во Кинотеката ќе биде прикажан само делот што се однесува на Македонија и кој е одвоен со напис кој гласи: „Во срцето на Балканот, каде што многу империи се бореле и ги оставиле своите славни траги“. 

Четвртиот четириесетминутен филм, „Кралството Југославија“, е во колор, без тон, и е преземен од Кинотеката на регионот Савоја од Франција. Филмот има три дела, обележани со три различни поднаслови („Од трст до Загреб“, „Комеморација на Балканските војни“ и „Од Скопје до Тетово“), и е снимен во француска продукција, во октомври и ноември 1937 година, кога висока делегација на француската војска ја посетува сојузничка Југославија, по повод чествувањето на 25-годишнината од ослободувањето на Јужна Србија т.е. Македонија.

По овој филм следуваат 32 куси, црно-бели едноминутни репортажи на „Филмски новости“ од Белград, снимени во периодот меѓу 1948-1953 година, некои од нив се без тон, а неколку имаат нарација на српски јазик, кои одлично ја отсликуваат атмосферата на животот во повоена Народна Република Македонија. 

Како што информираат од Кинотеката, во последниот сегмент од проекцијата ќе бидат прикажани стотина филмски афиши претежно од советски филмови, но и од американски и југословенски филмови од педесеттите години на минатиот век, преземени од д-р Бранислав Светозаревиќ, испишани на македонски јазик, кои одлично ќе ја отсликаат кино-атмосферата во Македонија во тој период. Меѓу филмските наслови се среќаваат „Александар Невски“, „Багдадскиот крадец“, „Барба Жване“, „Белиот песјак“, „Војникот Александар Матрозов“, „Глинка“, „Големиот диктатор“, „Госпoѓа Бовари“, „ Ќе живее овој народ“, „Коњче-Грбанче“, „Легенда за сибирската земја“, „Насредин во Бухара“, „Ние од Кронштат“, „Острово на закопаното благо“, „Плави 9“, „Стењка Разин“.


Статијата е прочитана 402 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско