Игор Стефановски Иџе  - трикратен европски автомобилски првак и синоним за борба и успех

Интервју со Игор Стефановски Иџе - врвен автомобилист и европски шампион во ридско-брзински трки. Иџе беше избран за најдобар спортист за 2014 година, а Град Скопје го прогласи за еден од десетте најдобри спортисти во сениорска категорија за 2023 година. Во интервјуто, Игор Стефановски Иџе говори за макотрпниот пат да се стигне до врвот, откажувањата, трудот, тврдоглавоста, за неговата најголема поддршка, сопругата, синот Олег и ќерката Нина, за автомобилот Ferrari 488 Challenge Evo со кој ќе се натпреварува во новата сезона, за неговиот тим и за љубота кон брзината и автомобилите...

МАРИЛИ: За Вас 2023 година беше исклучително успешна и плодна. Бевте прогласен за европски шампион во ридско-брзински трки. Ова е трета европска титула во ова натпреварување што го организира ФИА, а претходно победивте и во 2014 и 2015 година. Колку труд вложивте за да дојдете до врвот и таму да се задржите?

СТЕФАНОВСКИ: Секој успех е убав, но и трнлив. За да се стигне и да се остане на врвот потребно е да се вложи многу труд, напорни тренинзи, висока концентрација, но и откажување од многу работи.

Но кога се сака и се работи со љубов и кога ќе се постигне зацртаната цел, се чувствува големо задоволството, а тука е и радоста на моите фанови за секој мој успех и победа.

МАРИЛИ: Кои се Ваши предизвици и планови на професионален план за 2024 година?

СТЕФАНОВСКИ: Плановите за 2024 година, секако, се насочени кон остварување нови победи и рекорди, без разлика во која категорија ќе настапиме следната сезона.

Веќе го претставивме автомобилот Ferrari 488 Challenge Evo за новата сезона.

Сезоната ја отворам во Австрија на 26 април 2024 година, а потоа ќе се натпреварувам во Шпанија, Португалија, Чешка, Германија, Полска, Швајцарија, Словенија и Хрватска.

МАРИЛИ: Кога и како започна љубовта кон брзината, автомобилите и адреналинот. Дали ги наследивте љубовта и талентот и имавте ли од кого да учите?

СТЕФАНОВСКИ: Мислам дека местото на живеење си го направи своето, односно го предодреди спортот со кој ќе се занимавам до ден-денес. Живеев многу блиску до стартот на патеката на Водно и од мали нозе го слушав звукот на тркачките автомобили, што придонесе кај мене да се родат љубов и желба да се занимавам со автотрки.

Голема улога во моите почетоци имаше мојот постар брат кој, исто така, беше повеќегодишен шампион во автомобилизам во Македонија.

МАРИЛИ: Колку успехот постигнат на трките влијаеше врз градењето на Вашиот карактер и дали може да ни кажете кои се карактеристиките и навиките на врвните тркачи со автомобили?

СТЕФАНОВСКИ: По толку извозени километри на тркачките патеки и решавањето на секакви ситуации, секако дека сѐ влијаеше врз изградбата на мојот карактер како врвен спортист, но и како личност.

Карактеристиките кај секој автомобилист се индивидуални, но во мојот случај би ги издвоил упорноста, издржливоста и „тврдоглавоста“ во мерки што можеби се неприфатливи за обичниот човек.

МАРИЛИ: Дали имате омилена жена тркач со автомобили на која и се восхитувате и колку е познат и привлечен овој спорт кај женската популација во нашата држава?

СТЕФАНОВСКИ: Со сета почит кон понежниот пол, учеснички во сообраќајот и неколкуте жени што настапуваа на трките во Македонија, имам исклучителна почит и восхит кон нивните настапи во автотрките. Секако, автомобилизмот е атрактивен подеднакво и кај мажите и кај жените и ме радува што сѐ повеќе жени се вклучуваат во светот на автомобилизмот.

МАРИЛИ: Што може и што треба да се направи во нашата земја за да се развива овој спорт и на кој начин би им го пренеле сето знаење на младите таленти?

СТЕФАНОВСКИ: За жал, и покрај големите успеси во автомобилизмот, сѐ уште немаме основни услови за сериозно занимавање со овој спорт во нашата држава.

Најпотребно што треба да се направи е тркачка и картинг-патека што би значела многу за автомото спортот во Македонија.

Секако, тоа би било место каде што би можел на младите генерации да им пренесам сѐ што сум стекнал сите овие години, а се надевам дека тие ќе ги надминат моите постигнувања и успеси во автомобилизмот.

МАРИЛИ: Кој е Игор Стефановски Иџе приватно? Дали имате „ветeр во грб“ и кој Ви е најголема поддршка во животот и кариерата без која успехот не би бил успех?

СТЕФАНОВСКИ: Игор Иџе Стефановски приватно е сопруг и татко на две деца, Олег и Нина.

Мислам дека без поддршката на моето семејство не би бил таму каде што сум денес.

Олег и Нина се мои најголеми и најверни фанови.

Секако, тука мора да ги споменам и луѓето од мојот тим што стојат зад овие врвни резултати.

 


Статијата е прочитана 861 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско