Ангеловска-Бежоска: Денарските депозити бележат раст од 11%, девизните од 3%, што упатува на доверба во домашната валута

Довербата на нашите граѓани во денарот се огледа преку последните податоци за депозитите, според кои штедењето во домашна валута бележи раст од 11%, додека во девизи од 3%. Стабилноста на курсот на денарот, којшто претставува столб на макроекономската стабилност, се гледа преку сите показатели, од кои најважни се девизните резерви коишто се повисоки во однос на претпандемичниот период. До крајот на годината се очекува дека тие ќе надминат четири милијарди евра, главно благодарение на позитивните движења на девизниот пазар и откупот на девизи од страна на централната банка, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за ТВ24. 

Говорејќи за монетарните движења, гувернерката посочи дека кај депозитите продолжуваат солидните трендови на раст. Според последните расположливи податоци, вкупните депозити на населението и на корпоративниот сектор бележат годишен раст од 7,2%. Довербата на населението во домашната валута и во банкарскиот сектор се гледа преку позитивните трендови на раст на денарското штедење и на долгорочните депозити, коишто покажуваат уште една поволна структурна промена. „Стапката на раст на долгорочното штедење е 27%, што е највисок раст во последната декада. Добро е што штедењето расте, бидејќи кај нас, основен извор за финансирањето на кредитната активност е штедењето“, истакнува Ангеловска-Бежоска.

Од аспект на кредитирањето, гувернерката информира дека и покрај шоковите, банкарскиот систем и натаму обезбедува солидна кредитна поддршка. Таа посочи дека минатата година кредитниот раст изнесуваше околу 9%, при што поради енергетскиот шок и увозот на енергенти, растот беше особено изразен кај корпоративниот сектор, каде што изнесуваше над 11%. Годинава исто така се бележи раст на кредитирањето, со одредено умерено забавување и годишна стапка од околу 5%, што е очекувано поради промената на финансиските услови, но и поради намалувањето на потребите на корпоративниот сектор, поради намалувањето на цените на енергентите. Гувернерката истакна дека кај нас, сепак, и понатаму има раст на кредитирањето, додека во голем дел од земјите на Европската Унија кредитната активност забележува негативни стапки.

Зборувајќи за јазот помеѓу активните и пасивните каматни стапки, односно каматите на кредитите и депозитите, гувернерката посочи дека тој се стеснува. „Ако се вратиме за околу една декада наназад, тој каматен распон беше повисок и изнесуваше 4,8 процентни поени. Трендот е надолен и во моментов е околу 3,8 процентни поени. Ако споредиме со ЕУ, точно е дека каматниот распон е повисок, што се должи на повисоката конкуренција. Ако, пак, се споредиме со регионот, со кој имаме сличности во економиите и финансискиот систем, распонот кај нас е еден од пониските. Добро е ако се задржи овој тренд на стеснување на јазот што го гледаме сега, а клучен фактор ќе биде јакнење на конкуренцијата, но не само во рамките на банкарскиот систем, туку и конкуренцијата од други, небанкарски финансиски институции, какви што има во европскиот развиен финансиски систем“, истакнува гувернерката Ангеловска-Бежоска.


Статијата е прочитана 428 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско