„Алкалоид“ инвестираше 11 милиони евра во нови производствени капацитети
Комплетирањето на оваа инвестиција создало услови за реализирање на повеќе од 200 нови вработувања во компанијата.
„Алкалоид“ АД Скопје пушти во употреба нови производствени капацитети за цврсти фармацевтски форми на површина од 7.000 квадратни метри. Инвестицијата изнесува 11 милиони евра.
„Посветеноста на постојаниот раст и развој, следењето на трендовите и најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминативе две децении ’Алкалоид’ АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи преку 200 милиони евра. Во таа насока се и инвестициите во новите производствени капацитети, изведени во согласност со строгите барања за Добра производствена пракса (GMP). Три и пол милиони евра од инвестицијата беа наменети за целосно технолошко подготвување на Одделението за пакување цврсти форми, со површина од 2.000 квадратни метри, 5,2 милиони евра беа искористени за техничко-технолошко опремување, а 2,3 милиони евра чинеше изградбата на два нови ката наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема, со вкупна површина од 5.000 квадрати. Целта на оваа инвестиција и идните вложувања во овој оддел се во насока на зголемување на производствените капацитети на цврсти фармацевтски форми за 50 проценти“, наведуваат од „Алкалоид“.
Поради специфичноста на процесите и пандемијата, примопредавањето на новите капацитети церомонијално го спровеле Милкица Глигорова, директор на производствениот сегмент на ПЦ Фармација и Живко Мукаетов, генералeн директор и претседател на Управниот одбор на компанијата, во присуство на членови на високиот менаџмент на „Алкалоид“ АД Скопје.
„Осум месеци по започнувањето на оваа капитална инвестиција пандемијата го парализираше светот. Работевме во вонредни услови без да ги попречиме тековните производствени процеси. И покрај сите објективни и субјективни предизвици во изминатиов период, особено сме горди што на прагот на годината на нашиот 85-годишен јубилеј предаваме во употреба уште еден комплетиран инвестициски проект. По истиот курс ќе продолжиме и во иднина – со нови вложувања во истражување, развој, нови технологии, во знаење, кадар и во освојување нови пазари. ’Алкалоид’ како македонска компанија ќе продолжи достоинствено, рамо до рамо да се носи и да биде конкурентна со големите светски фармацевтски системи, како со знаење така и со капацитети. Тој пат го трасиравме сами и на тој пат ќе останеме зашто веруваме во себе!“, изјави Мукаетов.
Оваа инвестиција, наведуваат од „Алкалоид“ е во согласност со политиката на компанијата за вложување во капитални проекти, а со оглед на тројното зголемување на консолидираните приходи од продажби во изминативе 15 години, ваквиот потфат беше неопходен за осигурување на уште поинтензивни пласмани и на континуиран раст. Комплетирањето на оваа инвестиција создало услови за реализирање на повеќе од 200 нови вработувања во компанијата.
Пренесено од МИА
Статијата е прочитана 829 пати.