„Бучен Козјак“ ја промовираше музичката фолк сликовница „Јовка Кумановка“
Во Куманово денес се одржа промоција на музичката фолк сликовница „Јовка Кумановка“. Сликовницата е издадена со вложувањето во народната музичка култура, за зачувување на музичкото народно културно наследство, на Млекарницата „Бучен Козјак“, како проект за општествена одговорност. Настанот се одржа во ООУ „Кочо Рацин“ во Куманово.
Сликовницата по својата содржина е уникатна, изработена според истоимената македонска народна песна, која е музички симбол на градот Куманово, а илустрирана со авторските ликовни дела на академскиот сликар Горан Боев.
Таа, во музичката содржина е изработена од Фолконика – Центар за зачувување на македонската фолк музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца, која работи на ова поле, издавајќи музички фолк сликовници, на повеќе народни песни, чии претставници, ја промовираа и зборуваа за значењето на оваа сликовница и за вредноста на вложувањето и поддршката на „Бучен Козјак“, оставајќи траен белег, во зачувување на кумановското музичко народно творештво и музичка историја за овој крај.
Во неа се содржани и страници за боење на народни инструменти и нотни записи и мелографија, како и текст, со што се добива ново едукативно четиво и во делот на ликовното, музичкото и литературно издаваштво за деца. Графичкиот дизајн во сликовницата е направен од Медија консалтинг и Мила Георгиевска, а музички соработник е Славејко Гиразов и повеќе докажани музички педагози и фолклористи.
Настанот доби уникатност, преку спојување на Детската патувачка фолк библиотека на Фолконика, прва од ваков вид, која патува кај сите деца во државата. Проект кој овозможува децата да се запознаат, да пеат, да читаат и да ги изведуваат македонските народни песни, за да се зачуваат и заштитат, а воедно да имаат можност да се запознаат и со издаваштвото за деца, со музички сликовници, со цел зачувување на музичкото културно наследство, преку негување на фолклорот и народните музички вредности, насочени кон најмладата популација, преку едукативно-образовните процеси.
Во рамките на настанот, се изведе богата музичка програма, за децата. Програмата, во делот на народната музика се збогати со настапот на фолк пејачот Душко Георгиевски, придружуван од музичарот Трајче Толевски. Децата, покажаа афинитети за пеење, во рамките на музичкиот фолк квиз, каде покажаа дека сакаат и знаат да пеат народни песни. Компанијата ги награди со подароци и сликовници сите ученици, за да остане како трајна вредност.
Со издавањето на сликовницата, се придонесува и кон подобрување на состојбите во делот на едукацијата на децата за значењето и вреднувањето на народното музичко творештво, како симбол на националниот идентитет. Воедно, збогатување на детското издаваштво, во областа на народната музика и фолклорот.
„Бучен Козјак“ е општествено одговорна компанија, која континуирано вложува во заедницата, а со овој проект, ја потврдува својата општествена одговорност, преку поддршката на музичката култура и придонес кон негување и зачувување на богатата народна и фолкорна музичка традиција.
Компанијата годинава ја прославува својата 40-годишнина од постоењето, како докажана и една од најуспешните компании од македонската млечна индустрија.
Производите на „Бучен Козјак“ се доминантни во потрошувачката кошница на купувачите, поради континуираниот квалитет и традиционалниот начин на производство, кој ја прави уникатна на пазарот, одвојувајќи ја од конкуренцијата. Производите на млекарницата се препорачани од Здружението на педијатри на Македонија.
Компанијата „Бучен Козјак“ е основана во 1983 година, а низ својот развој чекори со јасна визија: „Да се откупува само квалитетно млеко и да се произведуваат природни млечни производи“. Природниот вкус на производите е тоа што ја прави млекарницата препознатлива на пазарот.
Долгогодишното постоење на „Бучен Козјак“ зборува за дисциплинираноста во работењето, а сето тоа е препознаено од страна на потрошувачите и е наградено со нивната доверба. Она што „Бучен Козјак“ го прави препознатлив бренд е производството на квалитетни млечни производи кои се создаваат во креативна работна атмосфера. Компанијата ја негува својата политика за квалитет, посветено работи кон остварувањето на поставените цели и се стреми кон усовршување на производствените капацитети и персоналот. Потврда за тоа се многубројните награди, признанија и благодарници од разновидни институции и независни агенции кои вршат анализа на пазорот.
Статијата е прочитана 633 пати.