Македонија2025 со силна поддршка на развојот - поддржани над 55 компании и околу 500 млади лица

Македонија 2025 годинава реализираше низа активности кои беа насочени кон зајакнување на капацитетите на човечките потенцијали како главни двигатели на развојот во сите сфери на општественото живеење, кон зајакнување на конкурентноста на компаниите и кон подобрување на перформансите на  институциите.

Повеќе од 55 компании добија менторство и поврзување со експерти и компании, што даде конкретен придонес за зајакнување на нивните капацитети. Имплементирани се околу 30 различни програми, а скоро 500 талентирани средношколци и студенти добија стипендии и право на учество на различни програми, со што ги унапредија своите вештини и лидерски капацитети.  

Преку програмата за развој на бизнисите и конкурентност беше организирана обуката за развој на бизнис и претприемништво „Лидер“, која се реализира во соработка со Ајви бизнис школата од Канада. Со оваа програма, преку мини-специјалистички (МБА) обуки, 26 млади претприемачи добија менторство од искусни професионалци од земјата и странство. Понатаму, 7 мали и средни претпријатија добија експертска помош од Канада за развој на своите бизниси и настап на странски пазари преку Програмата за семејно претприемништво на семејството Битов. Онлајн платформата Connect2MK поврза 12 македонски бизниси со македонски професионалци од дијаспората кои ги советуваа и менторираа, а на платформата се регистрирани 69 компании и 63 експерти. На овој начин организацијата придонесе претприемачите од земјава да добијат поддршка и да ја подобрат својата конкурентност и пристапот на пазарите. Преку Програмата за извршни директори - Зафировски, 10 македонски бизнис лидери беа дел од престижната Келог школа за менаџмент.

За поддршка на младите кои треба да бидат идната движечка сила на општеството, преку програмата „Таленти денес-лидери утре“, беа доделени 10 стипендии за талентирани средношколци од социјално ранливи семејства. Организиран беше и натпревар за најдобри зелени бизнис проекти на млади лица, а најдобрите предлози беа наградени. Организацијата го помогна изборот на 58 нови стипендисти и продолжувањето на право за користење на стипендии за студентска извонредност на 76 студенти на УКИМ од фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД. Дополнително, преку различни програми, над 340 млади луѓе ги развија или подобрија своите вештини за програмирање, кодирање, роботика, ChatGPT, претприемништво и за финансиска писменост.

Македонија2025 даде активен придонес и кон важни економски реформи во земјата, како што се поттикнување и привлекување странски инвестиции, стратегија за образование, стратегија за ИКТ, национална развојна стратегија, унапредување на фискалната политика и дигитализација на бизниси.

Годинава успешно беше организирано и 12-тото издание на Самитот на Македонија2025 со над 500 учесници и 45 говорници, како платформа за поттикнување на економски реформи, регионално поврзување и вмрежување на бизнисите и дијаспората. Во насока на дефинирање на можностите за вклучување на дијаспората кон економскиот развој на Македонија, организирани беа и 2 настани за вмрежување во САД (Нејплс и Мелбурн), каде што присуствуваа над 100 македонски професионалци кои живеат и работат во САД односно Австралија. Во септември годинава беше организиран и настан во Чикаго, чија цел беше мобилизација и финансиска поддршка од дијаспората, каде беа собрани 1,3 милиони долари кои ќе бидат насочени кон проширување на активностите на Македонија2025. На настанот присуствуваа над 400 претставници на дијаспората, а главни говорници беа извршниот директор на Боинг, Дејвид Калхун, и претседателот Пендаровски. Во соработка со македонскиот претседател и Македонија2025 беа доделени нови годишни признанија за придонес на припадниците од дијаспората. Овие признанија ги добија четворица заслужни Македонци од Канада и САД за нивниот исклучителен придонес за македонската заедница во областа на филантропијата и социјалното влијание, хуманитарната работа и лидерство.

Повеќе за Македонија2025 достигнувањата за 2023 година може да погледнете ТУКА.

Македонија 2025 ќе ги продолжи своите активности и идната година, а планирано е и проширување на програмите за работа особено во доменот на конкурентноста, поддршката на младите,  дигитализацијата, намалувањето на корупцијатата и односите со дијаспората. Од основањето до сега, Македонија2025 имплементираше програми за економски развој во вредност од 4 милиони долари. Дополнително на тоа, во сегментот на образованието и лидерството, донирани се 2 милиони долари, а во овие програми досега беа вклучени над 680 менаџери, претприемачи и млади таленти од Македонија.


Статијата е прочитана 337 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско