Ангеловска-Бежоска: Новата алатка за споредба на надоместоците на банките ќе придонесе за зголемена конкурентност и поповолни цени за платежните услуги

Новата алатка на Народната банка за споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги придонесува кон поголема транспарентност на банките и значително ја подобрува информираноста на јавноста за надоместоците коишто ги наплатуваат банките за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка. „Преку поголемата транспарентност и олеснетата споредливост на надоместоците, ќе се зголеми конкурентноста помеѓу банките што може да придонесе за поповолни цени на платежните услуги за граѓаните“, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во поздравното обраќање на работилницата за новинарите наменета за објаснување на  функционалностите на алатката за споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги. 

„Заради заштитата на потрошувачите, како една од најзначајните цели на новиот закон, за првпат се воведе обврската за банките да ги уредат правата и обврските на корисниците со рамковен договор во стандардизирана форма, проследен со информативен документ за надоместоците пред неговото прифаќање, што  обезбедува нивна поголема информираност и сигурност при носењето на одлуките. За најчесто користените услуги, Народната банка врз основа на податоците од банките подготви листа од 11 т.н. најрепрезентативни услуги за чиишто надоместоци започна да прибира податоци и почнувајќи од крајот на минатиот месец овозможи нивна достапност и споредливост по банки, со користење на алатката. На овој начин, граѓаните ќе можат на едно место, преку веб-страницата на Народната банка, да добијат брза и лесно достапна информација за надоместоците кај секоја од банките и да направат споредба кога одлучуваат кај која банка да користат платежни услуги“, посочи гувернерката. Таа истакна дека новиот Закон за платежни услуги и платни систем, како и дваесет и шесте подзаконски акти донесени од Народната банка, претставуваат значајно усогласување со европските стандарди и регулативи. 

Директорот на Дирекцијата за платни системи, Игор Величковски и аналитичарот во Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Борче Ристовски, низ практична презентација ги запознаа присутните новинари со клучните придобивки од новата алатка  и можностите што ги нуди таа за увид и споредба на надоместоците за платежните услуги на банките. Со особено внимание беа презентирани прегледите коишто им овозможуваат на граѓаните да ги споредат надоместоците според давателите на платежните услуги, како и според видовите на услугите.

Податоците за надоместоците се засноваат врз информациите од банките и тие се должни редовно и навремено да известуваат за сите промени во иднина, со што преку алатката се обезбедува навремено и ажурно известување на граѓаните за актуелните надоместоци кај банките.

Одржаната работилница е дел од низата активности коишто Народната банка ги спроведува за поддршка на транспарентноста и отчетноста како принципи врз коишто се темели работењето на Народната банка.


Статијата е прочитана 349 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско