Интервју со Н.Е. г-ѓа Александра Наќева-Ружин, амбасадор на РМ во Кралството Шведска

Економската дипломатија сѐ повеќе претставува центар на современата дипломатија, а по последната светска економската криза, и сѐ повеќе, причина за постоење на традиционалната дипломатија.

МАРИЛИ: При Вашето назначување за амбасадор на РМакедонија во Кралството Шведска, размислувавте за посебните приоритети и цели во вршењето на оваа значајна функција. На кои стратегиски цели би им отстапиле место?
НАЌЕВА-РУЖИН:
Приоритетите на нашата Амбасада во Кралството Шведска се во целост насочени кон остварување на националните интереси и надворешно-политичките цели на РМакедонија, нејзина афирмација и зајакнување на позицијата во меѓународната зедница, како и развој и унапредување на билатералните односи со Кралството Шведска.
Во овој контекст, Амбасадата се ангажира на секое ниво, за лобирање на заложбите и достигнувањата на Република Македонија на патот кон европските и евроатлантските интеграции. Во однос на членството во НАТО, земјата ги има исполнето сите критериуми и успешно ги има спроведено потребните реформи, иако сѐ уште е надвор од Алијансата, зема активно учество во меѓународните мировни операции, со што придонесува за одржување на мирот и безбедноста на глобално ниво. Во однос на ЕУ, главната заложба на Република Македонија е што поскоро да се започне со преговорите за пристапување. Наша задача е Кралството Шведска и меѓународната заедница да бидат запознаени со посветеното работење на државата и нејзините институции за исполнување на приоритетите посочени во Пристапното партнерство од 2008, за што има валоризација од страна на ЕК, со 6-те последователни препораки за отпочнување на преговорите за членство. За надминување на спорот за прашањето за името, наметнато од Република Грција, се залагаме за стекнување на што погласна поддршка од Кралството Шведска и со тоа, зајакнување на позицијата на Република Македонија на меѓународен план. Амбасадата врши постојано лобирање за конструктивната политика што ја води Владата за разрешување на спорот за името со Грција; Република Македонија во целост ги почитува своите обврски од Привремената спогодба, води политика на добрососедски односи и претставува фактор на стабилност во регионот, што е и утврдено во пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Амбасадата, со целокупните свои активности е посветена кон продлабочување на пријателските односи и разбирање помеѓу двете земји и кон креирање на позитивен и препознатлив имиџ на Република Македонија во Кралството Шведска, како и за негова соодветна промоција во шведското општество. Притоа, во извршување на функцијата амбасадор на Република Македонија во Кралството Шведска, поаѓам од моите убедувања дека Македонија, иако е мала држава, може да води активна и конструктивна надворешна политика и успешно да се соочува со глобалните и регионалните предизвици.

МАРИЛИ: Веќе неколку месеци сте во Шведска, во македонската Амбасада во Стокхолм, и веројатно веќе имавте средби со личности од македонските здруженија и македонското иселеништво. На кои прашања им дадовте приоритет?
НАЌЕВА-РУЖИН: Поаѓајќи од убедувањето дека нашата дијаспора е нераскинлив дел од Македонија, основна цел на ангажирањето на Амбасадата со иселениците ми е зајакнување на нивната врска со татковината. Верувам дека дијаспората може да претставува неисцрпен извор на економски, интелектуален и културен потенцијал, кој доколку е соодветно и целисходно канализиран може значително да придонесе за економскиот и демократски развој на РМакедонија и за поддршка на земјата во заложбите за изградба на модерно, силно, конкурентно и просперитетно општество. Стекнувањето со поактивна улога за политичко и економско лобирање за РМакедонија и за филантропско делување, сметам дека ќе ги ослободи овие потенцијали и ќе придонесе за поголемо интегрирање на дијаспората во политичките и економските процеси во земјата. Оттука, преземањето на оваа нова улога ќе претставува приоритет во работата на Амбасадата со дијаспората, преку делување со сите иселеници од нашата земја, без оглед на нивната национална, верска и политичка припадност.

МАРИЛИ: По реализираните средби и предавањето на акредитивите чувствувате ли дека има доверба, поддршка, надеж за плодна соработка и разбирање со Владата на Кралството Шведска за придонес во успешна евроатланска интеграција на РМакедонија?

НАЌЕВА-РУЖИН: Преку интензивирање на контактите со шведските институции на највисоко ниво, во периодот по моето назначување, се залагам за продлабочување на досегашните пријателски односи помеѓу двете земји и зајакнување на поддршката, која Кралството Шведска ни ја дава во остварување на надворешно-политичките приоритети, пред сѐ евроатлантската интеграција. Кралството Шведска е силен поборник на политиката на проширувањето, а поддршката на Република Македонија и останатите земји од Западен Балкан за членство во Унијата е еден од приоритетите на шведската надворешна политика. Целосната ЕУ интеграција на земјите од Западен Балкан, се смета за клучен процес за демократијата, владеењето на правото и одржливиот економски развој во регионот. Ова е од големо значење за односите помеѓу двете земји, особено имајќи предвид дека не сите земји-членки го делат истиот ентузијазам и дека климата по однос на проширувањето на Унијата е значително променета, особено во однос на онаа во периодот на пристапување на земјите од Централна и Источна Европа.Со својата висока позиција во европската надворешна политика, искрено се надевам дека Кралството Шведска, ќе има интерес да ја преземе улогата на вокален пропонент на ставот дека по Пресудата на Меѓународниот суд на правдата, не постојат повеќе пречки за отпочнување на преговорите со Република Македонија за членство во Унијата, заложувајќи се истиот да биде прифатен и од останатите земји членки на ЕУ. Со довербата со која се стекнавме и која ја уживаме како Амбасада кај шведските институции, верувам дека поддршката за интеграција и полноправно членство на нашата земја во ЕУ, нема да изостане. За оваа цел, потребно е неуморно да продолжиме со претставување на посветеноста на Република Македонија кон континуиран напредок во различни сфери од општествено-политичкото живеење, за нашите заложби за продолжување по патот на реформите, активниот придонес кон стабилноста и просперитетот на регионот со кого делиме исти вредности и имаме заеднички цели и за добрососедската политика и пријателски односи со сите соседи. Амбасадата и понатаму ќе се залага овие вредности и достигнувања да бидат дел од перцепцијата за нашата земја и ќе работи во континуитет на унапредување на угледот и репутацијата на Република Македонија во Кралството Шведска.

МАРИЛИ: Дали сте оптимист за напредокот во економскиот дел?

НАЌЕВА-РУЖИН: Верувам дека квалитетот на севкупните односи помеѓу двете земји значително ќе се унапреди преку интензивирање на соработката во економскиот сегмент. Неприфатлив е фактот Шведска, како една од најразвиените индустријализирани економии во светот, којашто зазема високо место во трговската размена на глобално ниво, да учествува во вкупната трговска размена на Република Македонија со само цца 0,5%. Овие состојби на трговска соработка и инвестициони односи, што ќе се сложите се на ниско и незадоволително ниво, всушност претставуваат и појдовна основа за активностите на економската дипломатија спроведувана од нашата Амбасада во Стокхолм. Ценам дека економската дипломатија сѐ повеќе претставува центар на современата дипломатија, а по последната светска економската криза, и сѐ повеќе, причина за постоење на традиционалната дипломатија. Оттука, и со цел остварување на економските интереси на Република Македонија, активностите на економска дипломатија се високо на агендата на Амбасадата, насочени кон привлекување на инвестиции, како и кон интернационализација на македонските производи. За реализација на овие цели и согласно убедувањето дека постојат реални основи за унапредување на севкупната економска соработка помеѓу двете земји, посветени сме кон континуирана промоција на Република Македонија како бренд и како инвестициска дестинација.

МАРИЛИ: Се наѕираат ли некои позитивни чекори во однос на зголемувањето на извозот на македонските производи во Кралството Шведска?
НАЌЕВА-РУЖИН: Во функција на промоција на извозот, Амбасадата пружа максимална поддршка на домашните фирми во истражување и прибирање информации за шведскиот пазар и потенцијалните деловни партнери, воспоставување на контакти и помош во организирање на бизнис средби, следење на саемските манифестации и останати бизнис настани во Шведска и соодветно информирање на домашните стопанственици со цел нивно учество во трговските делегации, саеми и форуми. Во текот на изминатиот период, иницирана, односно поддржана е соработка на македонските кондиторски производители со ланците на маркети на регионалниот скандинавски пазар, а годинава во план се обемни понатамошни активности во оваа насока. Амбасадата иницираше соработка и помеѓу компаниите во ИТ секторот, а очекуваме поинтензивен нагорен тренд на извозот на македонски производи на шведскиот пазар, со објава на тендерот за набавка на македонско вино од страна на шведскиот монопол за алкохолни пијалоци - Системболагет. Тендерот е на почетокот на годината, а со пласман ќе се отпочне во последниот квартал од 2015, во кој меѓупериод нѐ очекуваат зајакнати активности за промоција на врвните македонски вина, преку организирање дегустации, дополнителни посети на Република Македонија на познати шведски блогери, сомелиери и останати познавачи на вкусот на консументите на вино во земјава, кои преку континуирано присуство со написи во медиумите и социјалните мрежи, би ги комплементирале официјалните промотивни активности спроведувани од Амбасадата. Од не помало значење е и фактот што од крајот на минатата година, македонските вина во Системболагет ширум Шведска, ќе бидат продавани под уставното име Република Македонија!
Дополнителен импулс во промоција на извозот се очекува и со воспоставување на соработка помеѓу стопанските комори од двете држави, што го покренавме како иницијатива во текот на минатата година. Дел од истата иницијатива беше и потпишување на меморандум за соработка помеѓу арбитражните судови од двете земји, што дополнително ќе ја зајакне довербата и олесни соработката помеѓу бизнис секторите од Република Македонија и Кралството Шведска.

МАРИЛИ: Промоцијата за привлекување на странски инвестиции во РМ е дел од владините проекти. Што мислите и што предлагате во оваа насока за унапредување и прогрес на овој проект? Има ли меѓу македонската дијаспора потенцијални инвеститори?
НАЌЕВА-РУЖИН:
Индустријата во Кралството Шведска не делува опортунистички во своите инвестициони зафати, вложува во познати и проверени пазари, во која категорија по правило не припаѓа Република Македонија, како поради географската оддалеченост, така и поради лимитираниот обем на македонскиот национален пазар. Овој факт се залагаме да го релативизираме, токму со претставување на стабилноста и предвидливоста на нашата економија и поволностите за инвестирање во неа. Со цел запознавање со инвестиционите потенцијали и мобилизирање на СДИ од Кралството Шведска на разни нивоа и пред разни аудиториуми, вршиме директна инвестициска промоција на РМакедонија, поволната бизнис клима, конкурентните трошоци за водење бизнис, слободните економски зони, стабилната макроекономска состојба, а воедно пружаме поддршка на потенцијалните инвеститори во идентификување на можностите и реализација на инвестициите. Во овој контекст е и неодамнешната работна посета на Шведска, на министерот за инвестиции во Владата на РМ, г. Бил Павлески. Во регионите Кроноберг, Вастманланд и Стокхолм, РМакедонија беше претставена пред гувернери и останати високи преставници од административните одбори на регионите, Министерството за бизнис и иновации и владини институции за поддршка на бизнис секторот, како и пред интернационални компании, глобални лидери во различни индустриски сектори, како ИКЕА, Ериксон, АББ и Атлас Копко. Во план ни е продолжување со вака воспоставената практика на претставување на Република Македонија на институционално и на корпоративно ниво и во преостанатите 18 региони во земјата, во текот на наредниот неколкугодишен период. Што се однесува до нашата дијаспора, сметам дека истата има потенцијал за значаен придонес за економскиот развој на нашата земја, преку инвестирање на сопствен капитал во нови или постојни бизнис ентитети во Република Македонија и со тоа трансфер на знаење и нови технологии, преку обезбедување пласман на македонски производи и услуги на шведскиот пазар, како и преку поврзување со шведски и мултинационални компании и активно лобирање за нивен инвестициски настап во Република Македонија. За реализација на овој потенцијал, можеби е потребна и позасилена активност од Амбасадата за вмрежување на овој сегмент од дијаспората, негово институционализирање и спроведување на организиран настап.

МАРИЛИ: Има ли меѓу двете земји нерегулирани прашања од општествениот живот, кои чекаат на нивна регулација, потпишување на конвенции и слично?
НАЌЕВА-РУЖИН: 

Ценам дека заокружување на договорната состојба не претставува предуслов, но секако поддржува и олеснува непречена политичка и економска соработка. Во овој контекст, ни претстојат активности и заложби за потпишување на меѓународен договор за продлабочување на економската соработка, како и за актуелизирање и реализирање на останати договорени иницијативи: во сферата на безбедноста, работните односи, социјалната и детската заштита, безбедноста на класифицирани информации, културата и други области од заеднички интерес. Претстои и ангажман за спроведување во практика на Меморандумот за соработка потпишан помеѓу Министерството за здравство и Универзитетската болница Каролинска од Стокхолм, преку изготвување на физибилити студија и потпишување на договор за соработка. Ќе се залагам и за воспоставување, односно продолжување и зајакнување на соработката во царинската и даночната сфера, катастарски услуги, како и во сегментот на стандардизација на прехранбени здрави производи. Покрај регулирање на договорената состојба, ценам дека Кралството Шведска, со својата позиција во меѓународната политика и европската економија, глобално респектирана по заложбите за промоција на демократските вредности и човековите права, стабилноста и безбедноста во глобални рамки, претставува потенцијален значаен партнер на Република Македонија, со огромни можности за соработка во повеќе сфери од заеднички интерес. Минатата година веќе отпочнавме со екстензивна соработка во сферата на трговската политика, која сметам дека е од исклучително значење за РМ. Со посета на Скопје висока делегација од Националниот одбор за трговија на Шведска, договоривме повеќе области на соработка: заокружување на легислативната рамка и понатамошна стандардизација на македонските производи и услуги за извоз на пазарите во ЕУ, градење на институционалните капацитети за креирање и имплементација на политики во трговската сфера, и за поширока партиципација на бизнис секторот. Во овој контекст, искрено се надевам дека ќе успееме со иницијативата за обнувување на билатералната развојна помош финансирана од СИДА, преку којашто до згаснувањето во 2012 год. Кралството Шведска има остварено значаен придонес за нашата земја, преку размена на искуства и знаења во области кои ги рефлектираат шведски клучните вредности, како што се човекови права, родовата еднаквост, демократија, недискриминација и заштита на животната средина.

МАРИЛИ: Како и колку одат во позитива чекорите за зголемување на активностите, пак во привлекување на шведски туристи кон РМ? НАЌЕВА-РУЖИН: Амбасадата, и преку јавната, и преку економската дипломатија, има потенцијал значајно да придонесе во промоција на економските и туристичките интереси на Република Македонија. Минатата година отпочнавме со организирани тури во Македонија за импортери на вино, блогери и сомелиери од Стокхолм, кои покрај винските потенцијали и македонската традиционална кујна, имаа можност да ги уживаат природните убавини и културното наследство на нашата земја. Целата на ваквите посети е запознавање со туристичките потенцијали на Република Македонија и понатамошна организирана и канализирана промоција на Македонија пред шведскиот народ. Во текот на 2015 год. Амбасадата ќе се посвети на туристичка промоција на Македонија во Кралството Шведска, преку претставување на нашето повеќевековно историско и културно наследство, можностите за инвестирање во формирани туристички зони, како и субвенциите предвидени за странски туристи. Швеѓаните, со високите критериуми и очекувања од туристичките центри и дестинации на посета, се доста захтевни, но воедно и многу лојални и благодарни туристи. Ни претставува вистински предизвик да им ја „откриеме“ Македонија!


МАРИЛИ: Промоцијата и презентацијата на културата зазема значајно место во работата на една амбасада. Со што и како треба да се продолжи на ова поле?
НАЌЕВА-РУЖИН:
Покрај современата политика, културата има клучна улога во дефинирањето на имиџот на една земја. Културните активности можат да го покажат најдоброто на една нација; имаат потенцијал да демонстрираат национална моќ, да создадат средина погодна за поддршка за националните политики во странство и да го зајакнат угледот на нацијата.
Следствено, неопходно е да се залагаме за поширока афирмација на македонските вредности, култура и традиција во Кралството Шведска, преку континуирано претставување на различни аспекти на македонското општествено живеење. Како составен дел на нашата јавна дипломатија, која по правило, треба да оди подалеку од политичките центри на одлучување, сметам дека заслужено место треба да и се отстапи и на историјата на Македонија и на македонскиот народ. Во оваа насока, и со оглед на актуелноста на темата, преземаме активности за музејско претставување на Република Македонија во контекст на одбележување на 100-годишнината од Првата светска војна, проследено со пошироко присуство во научната јавност.
Воедно, во 2015 г. преку претставување на саемски манифестации, културни настани, филмски фестивали и медиумска застапеност, ќе се обидеме во Кралството Шведска да ја пренесеме пораката и да ја раскажеме приказната за Македонија.

МАРИЛИ: Дали сметате дека со овие промоции и презентации од областа на културата неопходно е вклучување на македонските иселеници со свои активности?
НАЌЕВА-РУЖИН:
Секако дека македонската дијаспора во Кралството Шведска, преку разни форми на здружување и поширок спектар на делување, може да се стави во својство на активен промотор на македонските вредности и култура. Секоја организирана форма на културна промоција и презентација на Македонија, е значајно дополнување на официјалните активности на Амбасадата за културно разбирање и поврзување помеѓу двете нации, што впрочем е и крајната цел на модерната јавна дипломатија.

 

 

 


Статијата е прочитана 4083 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско