Битиќи - Пајат: Сратешкото партнерство на САД со Северна Македонија поттикнува и попродлабочена економска соработка
Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во Американскиот Стејт Департмент во Вашингтон, остварил со средба со Џефри Пајат, помошник државен секретар за енергетски ресурси.
На средбата, соопштија денеска од владината прес-служба, вицепремиерот Битиќи изразил благодарност за економската поддршка која Северна Македонија во континуитет ја добива од САД, пришто го информирал американскиот помошник државен секретар за активностите на Северна Македонија во делот на изградбата на гасниот терминал Александруполи, кој на среден рок ќе гарантира диверзификација на изворите за снабдување со гас.
Вицепремиерот Битиќи посочил дека Северна Македонија е од ретките земји во светот која до пред една година беше 100 проценти зависна од гасот од Русија.
„На крајот на 2022 година е отворен патот за други добавувачи преку зголемување на капацитетот на интерконекторот со Бугарија, а токму проектот за интерконекторот со Грција и гасното поврзување со Александруполи ќе ја направи земјава независна од руската енергија“, се наведува во соопштението.
Покрај енергетската криза што ја зафати нашата земја, но и целиот свет, подвлекол Битиќи, Владата остана на заложбата да инвестира во развојот на енергетскиот сектор и да обезбеди одржлива енергетска транзиција, со што ќе се намалат и емисиите на стакленички гасови.
Пајaт го реафирмирал стратешкото партнерство на САД со Република Северна Македонија, пришто истакнал дека одличните политички релации меѓу двете земји, поттикнуваат и попродлабочена економска соработка.
На средбата станало збор и за потребата за замена на јагленот со обновливи извори, пришто заедничка била констатацијата дека Северна Македонија треба да го следи примерот на САД каде електричната енергија произведена од обновливи извори во 2022 година, го надмина производството на електрична енергија од јаглен.
Во оваа прилика вицепремиерот Битиќи посочил на усогласувањето на енергетските политики на Владата која преку современите енергетски технологии и мобилизирање на финансии, го отвора патот за одржлива и просперитетна енергетска иднина која ги ублажува климатските промени, ја подобрува енергетската безбедност и го поттикнува економскиот раст.
Тој додал дека изградбата на најголемиот извор од хидро капацитетите за проектот „Чебрен“, со проценета вредност на инвестиции од милијарда евра, предвидува капацитет на производство на базна енергија од 300 – 330 MW.
Статијата е прочитана 322 пати.