ITU: Северна Македонија е признаена како земја со една од најразвиените телекомуникациски и инфраструктурно дигитални мрежи во регионот
Северна Македонија од ITU е признаена како земја со една од најразвиените телекомуникациски и инфраструктурно дигитални мрежи во регионот, што дава основа за брза дигитална трансформација, беше нагласено на средбата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски со генералната секретарка на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), Дорин Богдан-Мартин на маргините на Талинскиот дигитален самит 2023 во Естонија.
Од Владата известуваат дека на средбата се разговарало за човечките ресурси како предуслов за дигитална трансформација и се констатирало дека експертизата на македонските ИТ инженери е високо ценета во ITU структурата.
На состанокот бил потенциран нивниот значаен придонес во многу меѓународни проекти ширум светот.
Посебен акцент бил ставен на соработката на Меѓународната телекомуникациска унија со Министерството за информатичко општество и администрација на краткорочни проекти коишто со готови архитектонски дизајни на софтвер ќе обезбедат исчекор во интероперабилноста на јавните институции.
Од ITU е поздравена посветеноста на процесот на дигитализација од страна на највисокото политичко раководство, сметајќи дека истото ќе поттикне и други земји да дадат приоритет на овој процес во своите земји.
Премиерот Ковачевски на средбата посочил дека преку формирањето на Агенцијата за дигитализација ќе се забрза реализацијата на дигиталната безбедност, креирањето на интероперабилни системи кои ќе ги развиваат ИТ ресурсите во институциите на централизиран и инклузивен начин.
Статијата е прочитана 275 пати.