Интервју со госпоѓа Антонија Ристовска, моден дизајнер

За последната колекција пролет-лето 2015 “Garden”, инспирацијата ми беше од природата во пролет – распеаните птици, расцветаните цветови – мали полски цвеќиња, магнолии, божури...

За последната колекција пролет-лето 2015 “Garden”, инспирацијата ми беше од природата во пролет – распеаните птици, расцветаните цветови – мали полски цвеќиња, магнолии, божури... И боите на колекцијата се во пролетни тонови – праска боја, светло сина, пастелна розева, како и потемни тонови – боја на марсала и темно жолто.

МАРИЛИ: Г-ѓа Ристовска колку години постои Вашиот бренд на пазарот?
РИСТОВСКА:
Брендот Антонија Ристовска на македонскиот пазар постои повеќе од 20 години. Ние сме бренд кој е позициониран на модната сцена како бренд со долгогодишно искуство и препознатливост во иновативноста и квалитетот кој го нудиме на нашите клиенти. За сезоната пролет-лето 2015 ја потврдив иновативноста на брендот преку создавање колекција која е целосно со мој потпис – од дизајн и реализација на ткаенини и многу рачни везовидо изработка на финални префинети парчиња наменети за современата жена.

МАРИЛИ: Од каде ја црпите идејата за создавање на уникатни парчиња со Вашиот потпис?

РИСТОВСКА: Идеите за создавање на колекциите ги црпам од различни места – дали е тоа некоја книга, филм или некое патување кое ќе ме инспирира да го разработам тематски и преточам во модни креации. Кога креирам за некоја клиентка, секако инспирацијата ја црпам од нашиот разговор, преку кој дознавам повеќе за личноста и создавам креација која прилега на нејзиниот карактер и дух, креација која најдобро ќе ѝ прилега и во која ќе се чувствува посебно. За последната колекција инспирацијата ми беше од природата во пролет – распеаните птици, расцветаните цветови – мали полски цвеќиња, магнолии, божури... И боите на колекцијата се во пролетни тонови – праска боја, светло сина, пастелна розева, како и потемни тонови – боја на марсала и темно жолто.

МАРИЛИ: Од каде ги набавувате материјалите за креациите?
РИСТОВСКА:
Секогаш кога создавам креации сакам материјалите да бидат најпрефинети и со највисок квалитет, бидејќи придонесуваат за моделите да изгледаат и да се чувствуваат посебно. Материјали набавувам од повеќе места како Пекинг, Дубаи, Алба... Во последните 10 години сите свили ги набавувам од Италија, каде што и минатата година ги печатев свилите со мој дизајн и потпис за колекцијата “Garden” пролет-лето 2015.

МАРИЛИ: Неодамна бевте на саемот за ткаенини Premiere Vision во Париз. Ваше согледување.
РИСТОВСКА:
 

Посетата на саемот за ткаенини беше посебно и инспиративно искуство. Тоа е место каде производители на ткаенини од целиот свет ги изложуваат материјалите во различни форми и бои, дезени кои се ин за сезоната која претстои, како и трендови во модата кои ќе бидат присутни во наредната година. Остварив контакти со производители на тантели, свилени ткаеини од различни држави, со кои ќе бидеме во контакт за набавки во иднина. Ги посетивме и штандовите на италјански производители од кои набавуваме веќе подолго време, за организација на посета на нивните фабрики кои ќе бидат во претстојниот период.

МАРИЛИ: Кога зборуваме за Вашиот бренд тој има свој потпис Антонија Ристовска. Какви се плановите и соработките надвор од Македонија.
РИСТОВСКА:
Брендот Антонија Ристовска има подготвено и продадено многу креации за клиенти надвор од Македонија. Имаме клиенти од Луксембург, Словенија, Швајцарија, Србија... Со отворањето на он-лајн продавницата shop.antonijaristovska.com од декември 2014 сме достапни за целиот свет. Сега работиме на промоција на страницата. Во наредниот период во план е да бидеме присутни на пазарот во соседството.

МАРИЛИ: Каков е Вашиот став за модата во Македонија и бенифитите и недостатоции кои тој ги има. Што според Вас треба да се направи за да се подигне општата култура за модата и модните недели, ревии и сл.? 
РИСТОВСКА:
Модата во Македонија во последните неколку години почнува да го зазема своето заслужено место помеѓу луѓето. Сепак, тоа ниво кое го има во светските модни центри, кај нас не е достигнато, но полека се движиме кон тоа свеста кај македонската жена да биде на ниво кое ги поттикнува да сакаат да изгледаат беспрекорно, не само за посебните прилики, туку и во нивното секојдневие. Луѓето, посебно младите, преку лесниот пристап до интернетот и социјалните мрежи како Facebook и Instagram, му се приближуваат на секојдневието на блогерите и светските модни икони, чии стајлинзи ги поттикнуваат и тие самите да сакаат да изгледаат совршено во секој момент. Сепак, мислам дека е потребно уште време кон на модата и стилот да се гледа како кон нешто што секој треба да го има и да се стреми, не нешто со кое треба да се занимаваат само јавните личности или да постои само за посебни прилики. Мислам дека преку организација на повеќе модни саеми, освен тие за свадбени свечености, каде дизајнерите ќе можат да си ја претстават својата работа, преку презентирање на колекциите непосредно, ќе може тој магичен свет на модата да се приближи до пошироката публика. На тој начин подобро ќе можат да се доживеат креациите, од самите ткаенини до кроевите и изведбите за креацијата сѐ да изгледа совршено.

Лесно е да се каже, но има многу да се зборува кога се работи за дизајнер, воедно соработник и личност како Антонија. Се издвојува од останатите како перфекционист во буквална смисла на зборот и иновативноста во секоја следна колекција. Оттука доаѓа и задоволството за меѓусебна соработка. Уникатна и префинета, се надминува себеси во најновата колекција и како секогаш успева да ги задоволи најразличните вкусови. (Маја Ристевска, топ модел и лото девојка)

Со Антонија Ристовска и нејзинот бренд одблизу се запознав во 2012 година. Оттогаш редовно ја следам нејзината еволуција. Најпрво како клиент, исклучително сум задоволна од лојалноста и посветеноста на ателјето. Кога овие две карактеристики ќе се испреплетат со истенчен вкус, неповторлива креативност и уникатност, постојано истражување и надградување, пребирливост во квалитетот на материјалите, прецизност во изведбата, а најважно, безусловна љубов кон работата и потоа сето ова се насочи кон адаптирање и исполнување на барањата на клиентот се добива производ којшто дава незаменливо чувство на самодоверба и комоција. Производ којшто максимално ја истакнува убавината на секоја жена. Според мене, овие услови кумулативно ги исполнува само една – мојата омилена Антонија Ристовска. Според мене, Антонија Ристовска го држи тронот. (Јана Бурческа, пејачка)
 


Статијата е прочитана 2891 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско