Битиќи: Само во скопскиот регион поддржани се 181 компании кои до денес добиле над една милијарда денари финансиска помош
Само во Скопскиот регион поддржани се 181 компании кои до денес имаат добиено околу една милијарда и 200 милиони денари финансиска помош за нивните инвестициски циклуси, кои креираа нови работни места за нашите граѓани, рече денеска вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, при неговата посета на компанијата „Сивус“ која се реализриаше во рамки на неговите посети на компаниите кои Владата финансиски ги помага преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Битиќи информираше дека со „Сивус“ Владата потпишала договор за финансиска поддршка на инвестициски проект за периодот 2018-2022 година за мерките Поддршка за пораст на капитални инвестиции, зголемување на конкурентност на пазарот и Освојување на пазари.
„За инвестициите од над 83 милиони денари, исплативме државна помош од 7 милиони и 500 илјади денари. Нашата стратегија и цел преку законот за финансиска поддршка е да ги идентификуваме секторите кои можат да имаат додадена вредност за да бидат поконкурентни не само на домашниот пазар туку и во странските пазари“, рече Битиќи.
Како што модерната економија поминува низ транзиција кон поголем акцент на еколошките и дигиталните иновации, додаде тој, младите ќе треба да развијат нови вештини за да напредуваат во овој променлив пејзаж.
Додека, Дејан Петрески од „Сивус“ истакна дека компанијата работи во доменот на големите компании во телекомуникацискиот, автомобилскиот и банкарскиот сектор, а испорачува и сервиси и локално од земјава но и од други држави.
Извор: МИаА
Статијата е прочитана 350 пати.