Во деловниот свет постигнав многу, сега е време да му се оддолжам на мојот град
Интервју со Енвер Малиќи, сопственик на „Гемак трејд“ и на Парк Хотел&Спа и заменик-градоначалник на Скопје во кое говори за тоа дека може да се биде успешен бизнисмен и во помалку економски развиени земји, но и за шансата што му е пружена како заменик градоначалник на Скопје да даде свој придонес за развој на родниот град.
МАРИЛИ: Вие сте стар скопјанец, еден од најуспешните стопанственици во Македонија. Од каде почнува Вашата успешна приказна?
МАЛИЌИ: Мојата приказна почна многу одамна. Јас, како најмлад член на семејството, со тројца постари браќа, уште од најрана младост се трудам сам да ги остварам своите животни цели. Патот што го поминав не беше лесен, морав да се откажам од многу желби, меѓу кои и од желбата да станам успешен фудбалер, работев различни работи во ресторани и во барови во други земји. Иако патот беше тежок и трнлив, сепак, успеав да се извлечам и да излезам на вистинскиот пат и од целото тоа искуство да научам една животна лекција што подоцна ме следеше во животот и го одреди мојот пат до успехот. Враќањето и започнувањето бизнис во Македонија беше вистинската одлука што ја донесов. Малиот дуќан што го отворив во срцето на градот Скопје, во Старата скопска чаршија, беше само почеток на сѐ она што сум денес.
МАРИЛИ: Сопственик сте на „Гемак трејд“, една од најголемите компании за увоз и дистрибуција на пијалаци, тутунски производи и храна, а истовремено и ексклузивен стратегиски партнер на светски најпродаваните брендови. Но своето работење успешно го проширивте и во областите недвижен имот и угостителство. Сопственик сте на Парк Хотел & Спа, со кој управува Вашиот помлад син. Какви содржини има овој комплекс, што им нуди на клиентите и дали доаѓаат претежно странци или има и домашни гости?
МАЛИЌИ: Многу сум среќен што моите деца го следат мојот пат и успешно се справуваат со сите предизвици што произлегуваат во нашата работа. Со отворањето на Парк Хотел & Спа главниот град доби ново уникатно монденско одбележје. Хотелот им е наменет на сите со префинет вкус и желба за уникатни искуства. Располага со 80 луксузно уредени соби што ги задоволуваат потребите и на најпрефинетите гости. Хотелот, со својот уникатен лукузен изглед и со содржините што ги нуди, привлекува гости од цел свет, но, секако и голем број домашни посетители. Посебно би сакал да го претставам фитнес-центарот, кој е опремен со најнови професионални справи, а заедно со спа-центарот и Healthy барот. Тоа се содржини што го прават Парк Хотел & Спа едно од најпосакуваните места за луѓето од Скопје. Ексклузивните и врвно технолошки опремените конференциски сали секојдневно се исполнети со голем број посетители на најзначајните конференции, семинари и обуки што го препознаваат хотелот како свој партнер, а не само како сала за организација на вакви настани. Во состав на хотелот го имаме и ресторан FOUR што моментно е еден од најпосетуваните ресторани кај нас. Во ресторанот се нуди врвна храна за сите сетила, за која е задолжен тим од светски готвачи со богато искуство. Хотелот располага и со повеќе конференциски сали создадени за инспиративни бизнис-моменти и настани. Покрај сите овие содржини, како дел од Парк Хотел & Спа се и неговите аутлети - Twins Snacks & Beer, Brick Bar, Gift Shop - Little Box и игротеката Fun House.
МАРИЛИ: „Парк резиденс“ е ексклузивен станбено-деловен објект. Која е предноста да се живее или да се работи во еден ваков комплекс?
МАЛИЌИ: Да почнам со тоа дека живеејќи или престојувајќи во „Парк Резиденс“ се наоѓате во центарот на градот, а, сепак, далеку од градскиот хаос, покрај река до Градскиот парк. Локацијата на овој објект несомнено е една од најдобрите за успешно секојдневно функционирање во целосен мир, без разлика дали станува збор за семејство или за бизнис. Да живеете опкружени со зеленило, односно во Градски парк и покрај Вардар, веројатно е втората предност што би ја навел како непроценлива. Бројот на слободни апартмани и деловни простори речиси се сведува на минимум како што минува времето бидејќи луѓето почнаа да ги почитуваат вистинските вредности на овој начин на живеење. Односно, чистиот воздух, мирот и тишината и многу други бенефиции што „Парк Резиденс“ ги нуди како комплекс.
МАРИЛИ: Објектот „Парк резиденс“ го следеа многу проблеми уште од стартот на неговата изградба. Сепак, бевте упорен и во него вложивте над 15 милиони евра, што е сериозна инвестиција. Каква е економската оправданост на еден ваков чекор, имајќи ја предвид севкупната економска нестабилност на регионот?
МАЛИЌИ: Сите може лесно да инвестираат во земја каде што пазарот е стабилен. Тоа што моментно владее економска и политичка криза не значи дека човек треба да престане да инвестира. За мене политиката е една работа, а инвестицијата друга работа. Јас сум човек што сака и прифаќа предизвици и кој ризикува. Некогаш ризикот се исплатува, некогаш не. Конкретно, „Парк Резиденс“ не го сметам за ризик, туку за сигурен бизни бидејќи создадовме македонски бренд, вклучувајќи го тука и Парк Хотел & Спа, кој не е франшиза или синџир. На иницијатива на мојот син се роди Парк Хотел & Спа, на почетокот се двоумев во однос на оваа идеја поради нејзината економска оправданост. Меѓутоа, сега ми е драго што одлучив да му верувам на мојот син бидејќи сметам дека не погрешив.
МАРИЛИ: Вие сте и претседател на УО на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Тоа значи дека добро ги познавате економските состојби во државата. Каде ја гледате иднината на Македонија, на што треба да се фокусираме?
МАРИЛИ: Иако бизнисот го проширивте и на Косово и во Албанија, сепак, Вашите деца останаа да работат во Македонија. Дали тоа значи дека и покрај сѐ и тука може да се води сигурен бизнис?
МАЛИЌИ: Иако животот и обврските ме носеа на различни страни на светот, на крајот јас секогаш се враќав дома, во моето Скопје. Среќен сум што и моите деца донесоа ваква одлука, својата кариера да ја градат и да придонесуваат во родната земја. Ако би имал можност да го вратам времето, јас повторно би донел иста одлука. На крајот на краиштата, тоа е моја обврска бидејќи во деловниот свет постигнав многу, сега е време да му се оддолжам на градот каде што израснав и се остварив, каде што живеам, каде што живеат моите деца. Успехот на мојата компанија, која денес брои 27 години, е доказ дека може да бидете успешни и во помалку економски развиени земји.
МАРИЛИ: Од минатата година имате уште една обврска – заменик-градоначалник на Скопје. На таа позиција дојдовте од советничката листа на ДУИ. Кога и зошто влеговте во политиката и какви ингеренции имате како заменик-градоначалник?
МАЛИЌИ: Во денешниот модерен свет не треба да се биде наивен, односно не може да ја игнорираме политиката, а кога ќе добиеш шанса да направиш нешто, а особено кога станува збор за градот во кој си роден, едноставно мора да ја искористиш таа шанса. Во текот на мојот живот, како што веќе споменав, сум посетил голем број места, држави и различни култури, од друга страна, пак, во Скопје имам широк круг на пријатели. Скопје е град со приближно еден милион жители и работејќи на оваа позиција ќе се обидам да придонесам за негово модернизирање, во иднина овој град го гледам како чист и силен. Сакам реката покрај која растев да биде чиста, воздухот да го исчистиме, градот да го зазелениме, да го направиме Скопје пристојно место за живеење. Верувам дека со искуството и со контактите што ги имам можам да придонесам во реализацијата на овие идеи и визии.
МАРИЛИ: Имате ли слободно време, како го поминувате, што Ве исполнува?
МАЛИЌИ: Во текот на целиот живот многу патував поради работните обврски, ретко бев дома со семејството. Токму поради тоа сега ја користам секоја минута за да ја поминам во мојот дом, местото на кое се чувствувам најубаво и најрелаксирано. Сакам да поминувам колку што е можно повеќе време, пред сѐ, со моето семејство, со мојата сопруга, која низ годините безрезервно ми ја даваше својата поддршка, со моите деца и со седумте внуци. Секако, дел од слободното време му посветувам и на мојот голем круг на пријатели.
МАЛИЌИ: За мене е бесценето искуството што го собрав работејќи во Германија. Работејќи таму успеав да го научам и јазикот од кој имав голема корист во бизнисот. И не само јазикот, таму се здобив и со работни навики, одговорност за работата и како да бидам упорен и во потешките мигови. Ако сакате да бидете успешни во тоа што го работите, неопходно е да бидете и добар визионер. Со силна волја и решителност секој може да се снајде и во најтешките ситуации. Девизата што ја применувам во текот на мојот живот е: „Никогаш не откажувај се“. Но иако ментално размислувам како Германец, сепак, од нив се разликувам во една работа.Германците живеат за да работат, а јас работам за да живеам.
Статијата е прочитана 2631 пати.