„Ветрот знае зошто“ – роман кој суптилно го буди најдоброто во нас

Интервју со Катица Митовска Христовска, авторка на прозното дело „Ветрот знае зошто“ и наставник по физика и математика. Нејзината прва публицирана книга излезе од печат на почетокот на јуни, годинава. Книгата се чита „во еден здив“ бидејќи содржината изобилува со протагонисти, без ниту еден антагонист, повик за зголемена еколошка свест,  испреплетени реалност и имагинација, пораки до младите да се почитуваат меѓусебно, да ги негуваат љубовта кон блиските и татковина, да останат во својата земја и да се потрудат во секоја ситуација да го извлечат најдоброто од себе...

МАРИЛИ: Г-ѓа Катица, неодамна од печат излезе вашето прозно дело со наслов „Ветрот знае зошто“. Кажете нѝ, како се роди идејата за да го напиштете овој роман?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА: ,,Ветрот знае зошто“  е мојата прва публицирана книга, сепак првото мое прозно дело е збирка од шест приказни која сѐ уште не е издадена. Приказните настанаа во периодот додека моите син и ќерка беа мали и бараа да ѝм раскажувам за нивните играчки. Во тоа време мислев дека тие приказни ќе ги напишам собрани во една збирка кога ќе бидам во пензија.

Таа моја идеја се оствари многу порано благодарение на периодот додека бевме во карантин. Подоцна, една случајно направена скица која наликуваше на дрво покрј кое стои девојка ме асоцираше на сцена од некоја сосема нова приказна.

Додека гласно размислував за идејата ги разменував своите мисли со ќерка ми Марија, сфатив дека ова нема да биде кратка приказна и дека ќе има доволно материјал за да се созададе роман.

МАРИЛИ: „Ветрот “се провлекува низ целиот роман, а исто тако е дел од насловот. Која е симболиката на ветрот и зошто токму овој природен феномен го третирате во вашето прозно дело? Дали природата и продните феномени и промени ги поистоветувате со секојдневието,  и воопшто со животот на луѓето?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА:  Иако социјално битие, сепак, човекот е дел од природата. Природните циклуси влијаат врз целокупниот живот на човекот.

Ветрот е една интересна природна појава преку која доаѓа до движење на воздушните честички, истите тие честички кои биле во наша околина ветрот може да ги однесе на сосема друг крај и обратно, симболично, како да помага луѓето постојано да бидат поврзани.

Од друга страна, шумолењето на лисјата додека ветрот ,,си игра“ со нив потсетува на симфонија која ветрот ја ,,компонира“  за да предизвика кај нас релаксирачки чувства.

МАРИЛИ: Голем дел од сижето на „Ветрот знае зошто“ е посветено на природните/временски непогоди. Дали со тоа сакате да укажете колку всушност е важна грижата за природата и будењето на еколошката свест кај луѓето, посебно кај младите?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА: Првенствено да, будењето на еколошката свест мора да биде на повисоко ниво и поинтензивно.  Во романот има сцени каде што луѓето предизвикуваат одредени еколошки штети врз природата.

Се надевам дека тие сцени ќе предизвикаат читателите да размислат дали и самите некогаш се нашле во таква ситуација, или ако би се нашле во таква ситуација, дали би се обиделе навремено да ја спречат.

Исто така, се споменуваат и нагли климатски промени за кои сме сведоци во последно време. Секако дека природата наоѓа начин да се одбрани и да нѝ укаже дака сме нанеле преголема штета, а преку тие нагли и невообичаени климатски промени, природата како да ни упатува апел да се свестиме за нашите постапки.

МАРИЛИ: Кои се симболиките на самовилите и вилениците со кои ги поврзувате протагонистите?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА: Секој од нас има одредена дарба, убаво е кога ја негуваме и се трудиме да го извлечеме најдоброт од себе,  а со тоа да го извлечеме доброто од тие околу нас.

Во секој од нас се крие самовила или виленик, а како ќе ги искористиме нашите ,,крилја“, зависи од нас самите.

МАРИЛИ: Вие сте и наставник по физика. Многу добро ги познавате природните и физичките закони, досегашните познати факти за настанувањето на светот. Сепак, во романот говорите и нешто возвишено, за натприродни сили и појави за кои се чита само во приказните. Што Ви беше намерата?