„Л&Н&Т Диагностик“ – најсовремена медицинска опрема и хуманост на дело

Интервју со Наташа Паунова Блажевска, генерален менаџер на Л&Н&Т Диагностик, во кое говори за 17-годишнaта успешна работа на компанијата која нуди најсовремена медицинска опрема од најдобрите европски и светски брендови. Паунова Блажевска зборува и за успешното менаџирање, личниот развој, хуманоста и за сѐ она што е поттик и мотивација за нејзините успеси, но и успесите на нејзиот тим.
МАРИЛИ: Повод за ова интервју е Вашата хуманост, односно реализираната донација кон ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата „Козле“, преку Марили Бизнис Клубот? Што донираше Вашата компанија?
ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Би почнала со цитат на Мајка Тереза најголемата хуманистка на сите времиња, наша сограѓанка, човек со големо срце, но пред сè жена - ,,Има работи кои ти можеш да ги направиш а јас не, но има работи кои јас можам да ги направам а ти не, затоа ајде да направиме нешто убаво заедно”.
Нашата компанија Л&Н&Т Диагностик го отстапи на „Марили Бизнис Клубот“ автоматски имунолошки анализатор за брза дијагностика на многу параметри и тоа од полна крв.
Членките на „Марили Бизнис Клубот“ одлучија овој апарат дека им е најпотребен на најмладите и затоа истот беше дониран на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата „Козле“ со цел да се овозможи брза, точна и безболна дијагностика.
Членките на „Марили Бизнис Клубот“ пак собраа парични средства за 500 тестови кои се потребни за функционирање на апаратот „Афиас 6“.
МАРИЛИ: Колку ваквите современи медицински апарати се важни за нашето здравство и дали Вие ги вршите обуките за користење на опремата?
ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Ние како компанија сме застапник на многу реномирани светски фирми кои се во постојан подем и настојуваме да ги донесеме сите најсовремени методи и тестови кои се појавуваат на светските и европските пазари.
Преку презентации, посета на одговорни лица и промоции, настојуваме да ги доближиме и до нашите здравствени институции, а тие би им понудиле најсовремено лекување на нашите пациенти, со што здравството би се трудело да биде во чекор со европските и светски стандарди.
За сите апарати кои ние ги промовираме на нашиот пазар нудиме и обука, но и 24- часовна поддршка за истите.
МАРИЛИ: Вие сте застапници на повеќе странски брендови за најсовремена медицинска опрема. Со кого соработувате и колку често остварувате средби со соработниците, во земјава и во странство?
ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Точно, веќе 17 години сме на македонскиот пазар и застапуваме фирми од полето на биохемијата, имунологијата и регенеративната медицина.
Сите фирми што ги застапуваме како Giesse diagnostic Италија, Boditech Кореа, ACON-УСА, HIGHTOP-Кина, T-LAB-Турција и други, од година в година растат како фирми, па и ние настојуваме да го следиме нивниот тренд и да растеме.
За да ги дознаеме сите новитети и за да може да ги пренесеме најдобро што знаеме, мора да посетуваме обуки, конгреси, презентации, среби со нашите соработници од Европа, светот, со цел да размениме мислења и да одговориме на сите барања и прашања на пазарот.
МАРИЛИ: Колку се потребни постојани доедукации и надградба на Вашата стручност како биохемичар, но и на Вашиот тим за да се опстои и да се напредува?
ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Како што Наполеон рекол ,,Нема сила без вештина’’- па така, јас и мојот тим секојдневно учиме и напредуваме за да се подготвиме за сите прашања и предизвици. Посетуваме обуки со физичко присуство или онлајн; конгреси каде сме сведоци на искуства од цел свет; состаноци на сите дистрибутери на фирмите кои ги застапуваме, читаме актуелни статии, истражувања на пазарот, со цел да напредуваме и да се развиваме.
Многу време поминато по патишта, во лаборатории, многи ноќи непроспиени; подготовки на презентации, подготовки на тендери, преведување матерјали и многу други обрски и задачи, сѐ со цел да се стигне до посакуваната цел.
МАРИЛИ: Колку според Вас, личната трансформација на менаџерите кои минуваат низ целиот овој кризен период , како и личниот развој, се од значење за полесно пребродување на секојдневните предизвици и задржување на виталноста на бизнисите?