Договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“ за субвенционирани летови до Франкфурт, Луксембург, Штутгард, Салцбург и Љубљана
Со субвенции од Владата, германската авиокоманија „Луфтханза“ ќе воведе една нова авиолинија – од Скопје до Франкфурт, а „Виз Ер“ четири, – од Скопје до Луксембург, Штутград, Салцубург и до Љубљана.
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски на прес-конференција објавија дека е успешен повикот за субвенции за нови авиолинии што заврши на 31 март и оти е склучен договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“, пренесува МИА.
„Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт од 23 април десет пати неделно, а „Виз Ер“ за новите четири дестинации три пати неделно од 1 ноември годинава. Финансиската поддршка ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.
„Со „Луфтханза“ преку Франкфурт се поврзуваме со повеќе од 200 дестинации. Преку субвенцонирање на авиолинии овозможуваме раст на економијата и на авиосообраќајот“, рече Ковачевски на прес-конференција во Владата.
Бочварски потенцираше дека се воведени нови дестинации за кои имало голем интерс од граѓаните.
„Има дополнителни средства да се објави нов повик кон крајот на годината со цел да се привлечат нови дестинации“, најави Бочварски.
Статијата е прочитана 512 пати.