Презентација на предлог-решението за правото на надомест во случај на бременост, мајчинство и боледување кај земјоделците

Мрежата за заштита од дискриминација и Комисијата за заштита од дискриминација денеска организираат прес-конференција за проблемот со правото на надомест во случај на бременост, мајчинство и боледување кај земјоделците. Презентирани ќе бидат и предлог-решението што го изготви Мрежата за заштита од дискриминација, како и мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Се работи за мултисекторски проблем поврзан со работничките права, статусот на земјоделците, социјалните и здравствените права кои се во надлежност на повеќе ресори. Неовозможувањето право на платено отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство и платен надоместок поради болест или повреда е нехумана политика која дополнително го отежнува животот на луѓето од руралните области, со фокус на земјоделците и е спротивна на меѓународните и европските стандарди во областа како што се директивите на ЕУ, стандардите на Меѓународната организација на трудот и Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените. Додека институциите одбиваат да донесат системско решение за овој проблем, земјоделките се соочуваат со бројни негативни последици од овие политики како што се несакани абортуси, компликации во бременоста и прерано прекинување со доењето бидејќи не можат да си дозволат да го намалат обемот на работа, со што би го изгубиле и онака малиот приход од земјоделска дејност“, се наведува во најавата за прес-конференцијата.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе мислење со кое се утврди индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација кон земјоделците и земјоделките во остварување на правата согласно Законот за здравствено осигурување и тоа правото на надомест во случај на боледување, бременост, раѓање и мајчинство. Со мислењето Комисијата препорача Министерството за здравство да подготви и предложи измени на Законот за здравствено осигурување со кои ќе се овозможи индивидуалните земјоделци да стекнат право на платено отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, како и право на платен надоместок за време на привремена спреченост од работа поради болест и повреда.

 

Мрежата за заштита од дискриминација, пак, подготви предлог-решение со кое бара од Министерството за здравство и/или од Собранието да се донесат измени според кои земјоделците ќе добијат право на платено отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, каде основицата за пресметка на надоместокот е нето износот на  минималната плата. Барањето за измени на Законот за здравствено осигурување и предлог-законското решение поддржано од 70 здруженија на граѓани беше испратено до Министерството за здравство и пратениците од Собранието на РСМ во декември 2022, но сѐ уште нема позитивен одговор.

 


Статијата е прочитана 471 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско