Бислимоски: „Сметките може да останат исти или да се зголемат за 29,5 денари месечно“
Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која предложи нова максимална и минимална тарифа за цената на водата во Скопје и доколку се прифати максималната, водата ќе поскапи за 29,5 денари на месечно ниво, а ако се прифати минималната цената би останала речиси иста, пренесува МИА.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски најави дека одлуката ќе биде доставена до Водовод – Скопје, чиј Управен одбор ќе донесе заклучок за којшто ќе треба да гласа Советот на Град Скопје. Целата постапка за одлучување треба да биде завршена во рок од 150 дена.
„Постоечката цена за домаќинствата изнесува 31,87 денари. Со нашата одлука минималната тарифа предлагаме да изнесува 31,53 денари, тоа е одредено минимално намалување кое што се должи на фактот што помошта која што ќе се дава со пониска цена на електрична енергија ќе продолжи и во следниот период, а максималната тарифа изнесува 34,82 денари. Минималната тарифа е пониска од постоечката, а максималната е повисока за девет проценти. Ако се прифати максималната тарифа може да има зголемување, притоа месечниот трошок ако се прифати максималната тарифа би значел зголемување од 29,5 денари на месечно ниво. Сметам дека 29,5 денари или 30 денари не претставува никаков проблем за претпријатијата, односно за граѓаните. Тоа се само 30 денари на месечно ниво, тоа е доколку се реши Водовод и канализација Скопје понатака и Советот да се прифати максималната тарифа“, рече Бислимоски.
Статијата е прочитана 417 пати.