Николовски: „Со замрзнатата цена на лебот ги штитиме граѓаните, не може некој да се богати, а друг да осиромашува“

Не може мерки да се носат за некој да се богати, а друг да осиромашува. Владата е на и за граѓаните. Одлуката за замрзнување на цената на брашното беше донесена на база на сите информации што ги има Министерството за економија, а Државниот пазарен инспекторат ги направи сите пресметки и контроли. Граѓаните мора да се заштитат. Станува збор за само два продукта што ги произведуваат пекраниците во време кога е намалена цената на електричната енергија и брашното, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

„Министерствата ги следат ефектите од антикризните мерки. Тие вчера беа презентирани од министерот за економија во делот дали се намалени цените. Моите изјави во изминатиот период беа константни - дека граѓаните очекуваат резултат од поддршката што ја добија компаниите, да има поевтини прехранбени производи. Со месеци сите ние плаќаме за голем дел од компаниите да добиваат повластена електрична енергија која во последниот период е со намалена цена, а со намалена цена е и брашното. Се тоа доведе до одлуката која ги штити граѓаните“, изјави Николовски, одговорајќи на новинарски прашања по завршниот настан за твининг проектот „Усогласување на законодавството и имплементација на правото на ЕУ во областа на рибарството и аквакултурата во Република Македонија“.

Тоа што нема бел и полубел леб на полиците во маркетите значи дека сите ја почитуваме одлуката донесена во понеделникот на состанокот во Стопанската комора, изјавија за МИА претставници од пекарската индустрија. Според нив, засега промена на ваквата одлука нема.

„Пекарите едноставно си ја почитуваат одлуката. Одлуката е донесена во понеделникот и промена на одлуката засега нема. Уште еднаш ќе повторам, тоа што нема леб на полиците во маркетите значи дека пекарите си ја почитуваат одлуката“, истакна за МИА претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

 

Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат е на терен и врши интензивни контроли - дали се почитува владината одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, донесена вчера.


Статијата е прочитана 346 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско