„МБ Хоме МОКОШ“ е пионер во изградба на екокуќи од СИП

МАРИЛИ: Што претставува „МБ Хоме“ и со што точно се занимава? Од кога компанијата е на македонскиот пазар и кои се спецификите и предностите на објектите што ги гради? 

АРСОВА: „МБ Хоме - МОКОШ“ е градежна компанија што на пазарот постои од 2017 година и нејзиното седиште е во Илинден. Приоритетна дејност во основањето се реконструкцијата и обновувањето на постојните објекти како завршно градежно-занаетчиски услуги. Во развојот на компанијата и нејзиниот напредок се водевме од основното мото: „Подготвеноста да се учи и да се инспирираш од нови начини на создавање работи е клуч за напредокот!“ Во 2019 година компанијата се ребрендира и започна со имплементација на нов начин на градба, односно сува градба базирана врз конструкција со СИП (структурно изолациони панели). Алармантните предупредувања на светските институции за огромните последици од глобалното затоплување наметнуваат нов начин на градба, однoсно зелена градба, а како најсоодветна за нашето поднебје е токму градбата со СИП, која е брза, економична, комфорна и енергетски ефикасна. Приоритетни се природните обновливи ресурси наспроти необновливите.

Градбата со ЕКО СИП е побрза, поиздржлива, поекономична и, пред сѐ еколошка градба.

МАРИЛИ: Каде се лоцирани објектите од СИП што се изградени досега и како периодот на пандемијата влијаеше врз овој вид градба? Какви се плановите за во иднина?

АРСОВА: Основен мотив на компанијата од самиот почеток е изградба на објекти за индивидуално домување - куќи со пристојна и прифатлива цена за потрошувачите, односно да се зголемат можностите младите брачни парови да си овозможат самостојност и нов дом. Куќите што досега ги имаме изградено се лоцирани на повеќе места во Македонија бидејќи како компанија немаме ограничување на територија. Нашата прва куќа - викендичка е направена во с. Лесново во 2019 година, а потоа и втората во ова село. Пред почетокот на пандемијата изгледаше дека е невозможно пробивањето на пазарот, а прифаќањето ваков тип градба од клиентите речиси неверојатно. Како дополнително разочарување во тие почетоци беше токму и прогласувањето на пандемијата и во тие моменти сѐ почесто размислував за тоа дека воопшто нема надеж да опстанеме на пазарот, а уште помалку да дојдеме до успешен бренд што е постулат на ЗЕЛЕНАТА ГРАДБА во Македонија. Промената на начинот на живот најтешко влијае врз психата на луѓето и ги ослабува и ментално и духовно, па токму првите карантини во 2020 година малку депресивно влијаеја и кај мене. Во една таква состојба првпат почнав да истражувам и да размислувам што и како треба да направам за да опстанат мојата идеја и компанија и понатаму и да не се откажам од планираната агенда за следните десет години. Голем дел од жителите на Скопје се луѓе што се доселиле од внатрешноста и речиси секој втор поседува заборавен имот на село. Токму тоа ми ја даде идејата да ги проектираме првите мали викендички во кои е можно вселување за два месеца, а ќе му овозможат на семејството ужасните карантини да ги помине надвор од ѕидовите на станот. Идејата стана реална и прифатена повеќе отколку што го очекував во тие моменти.

Постарите велат - во секое зло има и нешто добро. Ако ја погледнеме пандемијата од една поинаква перспектива, мислам дека треба да ја доживееме како еден учител низ временската капсула и потсетник колку многу ни значат слободата на животот, природата, уживањето со пријателите, радоста што ја носи прегратката. Сите научни истражувања укажуваат на алармантната состојба со глобалното затоплување и штетните последици од климатските промени. Сѐ повеќе се зголемува лобирањето на меѓународните заедници за имплементација на екоградба, енергетско обновливи и самоодржливи извори на енергија, зелена архитектура и биофилија. Еко СИП градбата е технологија токму на зелената градба и во таа насока се и сите наши планови за иднина.

МАРИЛИ: Имате долгогодишно менаџерско искуство, но во друга област. Што Ве привлече да влезете во градежништвото?

АРСОВА: Зрелоста што ја носи триесеттата година од животот е несфатлива во почетоците на кариерата, особено во менаџерските води. Како жена што секогаш сака да креира, а во периодот од животот кога сакав да дојдам до сопствен дом и тоа да биде куќа, почнав да истражувам за брзата и квалитетна градба, да прашувам за начините како се доаѓа до тоа. Моите темелни истражувања за брз начин на изградба на куќа ме наведоа на линк за градба на куќа од СИП и бев импресионирана од можностите што ги нуди таквата градба, особено во делот на естетиката што се добива со комбинацијата на рециклирани и природни материјали. Американските компании се лидери во таков тип градба и по неколку онлајн состаноци со дел од тие компании донесов одлука дека токму тоа е она што сакам да биде моја животна карира. Да креираш нечиј дом е среќа и задоволство. Градежништвото е предизвик, а јас сакам предизвици. Да донесеш новитет и да станеш пионер во градбата на еко СИП куќа, а во исто време да уживаш во работата е мотивот што ме привлече да влезам во градежништвото и да се борам во тој машки свет.

МАРИЛИ: Што е пресудно за да напредува жената во кариерата?

АРСОВА: За да се напредува во кариерата, не само како жена, пред сѐ, пресудно е да имаш добар тим за работа. Нашата традиција и воспитување наметнуваат поинаков тип на размислување за статусот на една жена во општеството и искрено се надевам дека тој стереотип сериозно ќе се смени во иднина. Од аспект на жена, битни се повеќе фактори за да си успешен во кариерата, но, според моето убедување, најголема улога имаат желбата и љубовта кон работата. Кога тоа ќе се дополни со упорност, многу труд, постојано надградување на знаењето, усвојување на современи вештини за личен развој за да се избориш со застарениот модул на размислување во делот на развој на една жена што го наметнува општеството и ќе ја имаш секојдневната мотивација на тимот и ќе креираш во пријатна работна средина, токму тоа е формулата за успех.

МАРИЛИ: Која е Тања Арсова приватно? Колку деловните обврски Ви оставаат време за други активности?

АРСОВА: Приватно сум една сосема поинаква личност од тоа што сум деловно. Тоа е комбинација што ми ја наметнал животот низ низата падови и неуспеси, но и успеси.

За мене најголема вредност имаат семејството и радоста што ја носи топлината на домот. Моето животно мото и во двата света секогаш е исто: „Позитивна мисла за исполнет и среќен живот, секој проблем, ако е реален, има решение.“ Нема ништо подрагоцено од сопственото здравје, сѐ друго е секундарна работа и креација на умот, наметнато од секојдневниот брз живот.

 


Статијата е прочитана 282 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско