Поевтинува струјата за домаќинствата во прв и втор блок и за малите потрошувачи
Струјата за домаќинствата во првиот и во вториот блок и за малите потрошувачи ќе се намали од 1 јануари, а ќе се зголеми во третиот и во четвртиот блок, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Цената на електричната енергија кај домаќинствата во прв блок ќе се намали за 4,11 отсто, во втор блок за 2,95 проценти, во третиот блок ќе се зголеми за 0,85 отсто, а во четвртиот за 7,65 проценти.
Вкупната цена за електрична енергија на малите потрошувачи од 1 јануари ќе се намали за 20,15 проценти. Како што потенцираше Бислимовски оваа цена ќе се применува за 70.000 компании во државата кои во изминатиот период се соочуваа со зголемени трошоци. Станува збор за микро и мали компании, мали дуќани како фризерници, берберници, кафулиња...
„Кога ги носевме одлуките ги земавме предвид сигурноста и стабилнсота, но и заштитата на животната средина и на животниот стандард на граѓаните и сигналот што го пратија домаќинствата и компаниите. Како што кажавме со оваа одлука ќе им помогнеме на млите потрошувачи кои се на регулиран пазар“, рече Бислимовски.
Во новата цена на струјата од 1 јануари е пресметано и зголемувањето на ДДВ од 5 на 10 проценти. А, за да не се почувствува ефектот од зголемувањето на ДДВ, Регулаторна ги намали цените во првиот и вториот блок. Бислимовски појасни дека делумно се прифатени барањата на енергетските компании и дека има и одредени категории кои се викаат фактори на корекција што се имплементирани во оваа одлука, со цел да има намалување на цената на мрежарина, но и на дистрибуцијата
„Доколку домаќинствата продолжат да штедат, многу мал процент ќе имаат зголемени трошоци за електрична енергија. Тоа се конкретни мерки коишто ќе им помогнат на граѓаните да им се подобри нивниот животен стандард“, рече Бислимоски.
Со овие одлуки цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66 проценти, а за дистрибуција за 19,54 проценти. Тоа, според Бислимовски е дополнителна помош и оние компаниите што се на слободниот пазар на електрична енергија, бидејќи нивните трошоци за мрежарина, која го вклучува преносот и дистрибуцијата се намалуваат речиси за 20 проценти.
„Во изминатиот период имаше реакции дека трошокот за мрежарина е поголем од трошокот за енергија. Сега тоа ќе се промени поради тоа што трошокот на дистрибуција на електрична енергија за категоријата каде што се приклучени домаќинствата, тоа е ЛВ2 се намалува за 20,6 проценти“, рече Бислимоски.
Статијата е прочитана 514 пати.