Да им се даде шанса на младите да се уверат дека може да создаваат и во сопствената држава

Интервју за Весна Миладинова, член на Управен одбор на модната конфекција „Албатрос“ – Штип во кое зборува за 30-годишното успешно раководење на шпедитерската компанија „Камилшпед“, за иднината на текстилната индустрија, за справувањето со актуелните кризи, но и за тоа како да се насочат и мотивираат младите да го развиваат својот претприемачки дух во сопствената држава. Миладинова е добитник на наградата „Жена лавица“ што ја доделува здружението „Елит“
МАРИЛИ: Повод за ова интервју е наградата „Жена лавица“ што ја добивте од Здружението на жени лидерки „Елит“. За каква награда станува збор, за што поточно сте наградена?
МИЛАДИНОВА: Наградата „Жена лавица“ што ја доделува здружението „Елит“ е на предлог на неговите членки, а се доделува за успешност во поширока смисла, односно, за успешна жена во секој поглед, професионално, семејно, за хуманитрани активности во добротворни цели... Оваа награда за мене претставува голема чест и обврска да продолжам и понатаму успешно да ги реализирам сите проекти како на професионален план, така и во насока на добротворни активности и хумани цели. Дотолку повеќе што наградата доаѓа од здружение на жени менаџери и лидерки кои секоја на свој начин се успешни и вложуваат во општествената заедница.
МАРИЛИ: Неодамна прославивте 30-годишен јубилеј на компанијата „Камилшпед“ чиј основач сте лично Вие и која е една од првите шпедитерски фирми водена од жена. Што значеше пред 30 години да се влезе во претприемништвото и колку „лавовски“ се боревте во „машкиот“ бизнис свет?