Д-р Жанина Петрова-Грајиќ: „Одговорноста е исклучиво лична, посебно кога во наши раце е најчувствителниот орган – окото“

Интервју со д-р Жанина Петрова – Грајиќ, косопственик и менаџер на ПЗУ Центар за очи „Визиа“ – Скопје во кое говори за почетоците на првиот приватен офталмолошки центар во државата, за услугите шти ги нуди овој центар, за местото на Македонија на европската офталмолошка мапа, како и за умешноста да се балансира помеѓу исклучително одговорната професија и приватниот живот

 

МАРИЛИ: Годинава одбележавте 20-годишен јубилеј. Бевте прв приватен офталмолошки центар за очи во Македонија. Колку беше трнлив патот, на какви се препреки наидувавте особено на почетокот и како од денешна дистанца го оценувате развојот на офталмологијата во нашата земја? 

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ:  На ден 24.02.2002 година беше отворена „Визиа“,  здравствена установа во која за прв пат во Македонија почнаа да се изведуваат оперативни зафати на око во приватна режија. Во таа далечна 2002 година за прв пат во Македонија почнавме да ги изведуваме  ласерските операции на катаракта, поточно, операции на катаракта со факоемулзификација. За прв пат во Македонија почнавме и со ласерски корекции на диоптрија, така што, сега, после 21 година постоење можам слободно да кажам дека со отворањето на „VIZIA“ се направи и голем чекор напред во напредокот на офталмологијата во нашата држава. А, кога си во нешто прв, се разбира дека пробивањето на патот беше трнлива и тешка работа, но тоа не направи уште погорди после се што поминавме во минатите две децении.

 

МАРИЛИ: Со што се се занимава Центарот за очи „Визиа“ денес, какви услуги нудите? 

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: „Визиа“ е комплетно опремена со најсовремени апарати за комплетна дијагностика, воедно располагаме со операциона сала, оптика како и кабинет за страбологија и слабовидост.

 

МАРИЛИ: Колку „Визиа“ низ годините ги следеше современите офталмолошки достигнувања и колку често посетувате конгреси и симпозиуми за да се надградите Вие лично, Вашиот тим, но и за да бидете во тек со се што е ново во Вашата сфера?

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Од кога станавме офталмолози со мојот брат, а воедно и партнери во „Визиа“ по неколку пати во годината посетуваме конгреси од европски и светски ранг, а истовремено активно ги следиме сите новитети во офталмологијата и преку континуирана соработка со колеги од Париз. Пред неколку години целиот тим, сите вработени бевме поканети од врвен офталмолошки центар во Париз да бидеме нивни гости кога нашите вработени имаа можност да споделат искуства од работата. 

 

МАРИЛИ: Каде, според Вас, се наоѓа Македонија на офталмолошката европска мапа, колку се применуваат современите методи, колку сме технички опремени и дали имаме доволно стручњаци?

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Македонија денес солидно се држи во споредба со нашите соседи, но, за жал, ние сме мала нација поради што и влогот во најновата технологија од светски ранг малку кој може да си го дозволи од моменталните приватни офталмолошки центри, посебно кога станува збор за апарати потребни во оперативата. Уште еден голем проблем е се поголемиот недостиг на кадри, посебно офталмолози специјалисти, кои од година во година се се помалку, за жал...

 

МАРИЛИ: Пандемијата и работењето онлајн придонесе за максимално користење на компјутерите за завршување на работните задачи. Денеска најголем дел од вработените, но и се повеќе ученици и студенти огромен дел од денот го минуваат пред компјуер. Кажете ни дали постојат посебни стакла за заштита на очите од долготрајното изложување на зрачење од екраните и дали таква заштита може да користат и оние што немаат проблеми со видот, односно, не носат диоптерски очила? 

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Современиот начин на живот се состои и од максимално користење на современата техологија (компјутери, таблети, телефони и др). Имајќи го тоа во предвид производителите на оптички стакла започнаа со обезбедување нови видови на заштита вклучувајќи ја се поактуелната blue заштита (заштита од плавата светлина која ја емитуваат мониторите).

Такви стакла се Blue-protect-Zeiss, Blue filter, Blue filter+UV, Blue Cut и многу други различни производители кои нудат целосен комфорт на окото кога сме изложени пред монитори, но се корисни и за секојдневно носење. Нивната употреба се препорачува и за пациентите кои немаат проблем со видот, со цел да го заштитат окото од дегенеративни промени.

 

МАРИЛИ: Освен што во летниот период очилата штитат од јаката сончева светлина, колку е важно вакви недипотерски очила да се користат и во зима, особено при посета на повисоки планински места каде одблесокот од снежните белини е многу силен? 

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Освен како заштита од УВ зраците преку лето недиоптерските очила треба да се носат и на планина, посебно поради јаката рефлексија од сончевите зраци и нивното прекршување. За оваа намена се препорачуваат „полароидните“ стакла. Во нашата оптика имаме голем избор на сончеви очила со различен процент на обоеност и затемнување на стаклата, кои воедно се адаптабилни и за заштита во зимските месеци.

 

МАРИЛИ: Во Вашата професија покрај секојдневните прегледи Вие правите и операции. Воедно сте и една од најуспешните жени менаџери. Колку сето ова е стресно и како успевате да го анулирате континуираниот стрес?

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Можам слободно да кажам дека сите овие минати години како офталмолог – оператор, стресот беше континуирано присутен во секојдневната работа. Кога одговорноста е исклучиво лична, посебно кога во наши раце е најчувствителниот орган – окото, тогаш и стресот е голем. Но, љубовта кон професијата, благодарноста на пациентите, ни даваат сила да се справуваме со тој стрес секојдневно.

 

МАРИЛИ: Вие сте сопруга и мајка на две прекрасни деца. Дали тие тргнаа по Вашите стапки?

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Да, мојата најголема сила се моите деца. Синот е економист, а ќерката продлжи традиционално во медицината и годинава дипломираше на Медицинскиот факултет во Белград. Имаме големи планови за во иднина, се надевам како тим со нив двајца ќе успеам да ги реализирам. 

 

МАРИЛИ: Која е Вашата порака за младите генерации жени, колку посветеноста кон професијата, но и балансот со приватниот живот се важни за комплетното задоволство на личноста?

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Честопати и кажувам на ќерка ми да биде, пред се, своја, да знае што сака да работи и да тежнее во тој правец да се реализира. Затоа што, ако го сакаш да го работиш тоа што го работиш, можеш полесно да чекориш по патот на успехот. Воедно, кога професијата те исполнува, работиш со леснотија и работата те прави среќна.

Никогаш не смее да се запостави приватниот живот, посебно одговорноста кон фамилијата. Среќен човек е само комплетен човек, исполнет на секое поле. А, умешноста на жената менаџер е, пред се, наоѓањето баланс меѓу професијата и фамилијата, затоа што, всушност, фамилијата е таа што ни дава сила кога сме слаби полесно да се дигнеме и продолжиме понатаму.

 


Статијата е прочитана 1224 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско