Скроен предлог буџетот за 2023 – „тежи“ 5,3 милијарди евра

Владата го подготви предлог-буџетот за 2023 година и предлогот наскоро ќе се најде на разгледување пред пратениците. Земјава ќе добие историски најголем буџет „тежок“ речиси 5,3 милијарди евра. Во него се планирани вкупни приходи на ниво од околу 4,6 милијарди евра. Со вакви приходи и расходи, дефицитот е проценет на 700 милиони евра, или 4,6 проценти од бруто домашниот производ.

Се предвидува економијата во 2023 година да расте 2,9 проценти, а инфлацијата е проектирана на 7,1 процент.

Како што рече министерот за финансии, Фатмир Бесими на вчерашната прес конференција, од 700 милиони евра дефицит 250 милиони се за справување со последиците од енергетската криза и тие зависно од потребите ќе се користат за поддршка на стопанството и граѓаните, 220 милиони евра се за отплата на камати, а 250 милиони евра се наменети за изградба на Коридорот 8.

Што се однесува до тоа како ќе се обезбедат пари за проектираниот дефицит и за отплатата на долгот (има над 1 миијарда евра стари долгови) Бесими истакна дека тоа ќе се прави преку домашни и странски задолжувања. Во 2023 државата ќе се задолжи вкупно над 1,5 милијарди евра, а пари ќе се позајмуваат најмногу од странство.

Министерот потенцираше дека овој предлог-буџет се заснова на златното правило во економијата – капиталните расходи да бидат повисоки од буџетскиот дефицит. А, капиталните расходи се планирани на околу 48,9 милијарди денари, тоа е за повеќе 50 отсто повисоки расходи во однос на оваа година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори како буџетски средства, ИПА-фондови и заеми. Тие се наменети за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Тековните расходи, пак, во износ од 275,9 милијарди денари се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор и на пензии, за гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на енергетскиот сектор.


Статијата е прочитана 201 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско