Земјите од Отворен Балкан организираат заеднички саем на вино „Винска визија Отворен Балкан“
Од 1 до 4 септември годинава во Белград ќе се одржи Саем на виното„Винска визија Отворен Балкан“ што го организираат владите на Србија, Северна Македонија и Албанија. Саемот преставува конкретна реализација на една од идеите и стратегиите на „Отворен Балкан“ и можност за заеднички пласман на пазарот на виното и храната.
„Винската визија Отворен Балкан е еден од првите заеднички чекори во конкретизирање на идеите и стратегијата на ‘Отворен Балкан’. Оваа манифестација е резултат на заедничката работа на три земји и идеална можност не само да се позиционираат балканските вински рути на светската мапа на вински тури, туку и нашите земји подобро и полесно да се утврдат на светската мапа на атрактивни туристички дестинации“, рече Татјана Матиќ, српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации
Очекувањата се дека „Wine Vision Open Balkans“ да стане традиционална манифестација и еден од неизбежните европски фестивали за гастрономија и туризам.
Целта на саемот е да се прослави врвната изработка на мајсторите во производството на најдобрите вина и да се промовира уникатен спој на вкусови и ароми кои го претставуваат духот на Балканот, неговата географија и богатството на сорти.
Првиот меѓународен саем на вино ќе им овозможи на лозарите, производителите на вино, претставниците на винариите, енолозите, сомелиерите, како и на дистрибутерите и трговците со вино од регионот и пошироко, да се соберат, вмрежуваат, споделат искуства, да се претстават пред пошироката јавност и да го прошират својот бизнис, се наведува во соопштението.
Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж изјави дека една од целите на настанот е земјите-членки на Отворен Балкан заеднички да излезат на пазарот, на најдобар начин да ги понудат своите производи и да бидат добри домаќини на туристите.
Истовремено со винската манифестација ќе се одржи и саем на храна кој треба да го покаже начинот и духот на подготовката на храната на овие простори.
Статијата е прочитана 687 пати.